Во рамки на опсежна и континуирана акција што се спроведува изминатиот период, досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, информираат од Јавното обвинителство.
Од таму соопштуваат дека постапувањето се одвива во тесна координација со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, со цел целосно расчистување на случаите поврзани со кривични дела од Законот за контрола на опојни дроги.
Истрагата се води во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по поединечни предмети.
Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК е во комуникација и со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката. Како што се наведува, оваа соработка треба да помогне во утврдување на евентуална поврзаност меѓу предметите и потеклото на запленетата марихуана.
Паралелно, јавниот обвинител презема и други законски дејствија, вклучително и сослушување на лица во својство на сведоци, со цел обезбедување докази релевантни за постапката.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најавуваат дека, заедно со надлежните институции, ќе продолжат со интензивни активности за целосно расчистување на случајот, а јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни чекори.












