По бурните протести на граничните премини и блокадите кои предизвикаа милионски загуби, Европската комисија во вторник ќе дискутира за нови правила за престој, визи и професионален статус на возачите. Одлуките ќе ја дефинираат иднината на транспортниот сектор и регионалната економија.

 

Во вторник, во Брисел, ќе се одржи министерски состанок на Европската комисија со земјите од Западен Балкан, со јасна цел – да се најде решение за проблемот со престојот на професионалните возачи од регионот во Шенген-зоната. Овој состанок доаѓа во бурен период, по неколкудневните протести на транспортните здруженија кои блокираа гранични премини низ целата регија, изразувајќи револт и незадоволство од сегашниот систем за влез и излез (ЕЕС), кој стриктно го ограничува престојот на возачите на 90 дена во 180-дневен период.

Неделава, илјадници превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора излегоа на граничните премини и блокираа сообраќај, барајќи „правична и практична регулатива“ за нивната работа во Шенген-зоната. Протестите беа одговор на новиот ЕЕС-систем, кој се покажа како практично неостварлив за професионалните возачи од регионот, кои секојдневно патуваат и доставуваат стоки низ Европа.

Европската комисија реагираше на притисокот и најави дека ќе ги прифати клучните барања на превозниците. Како резултат на тоа, блокадите беа укинати, а Брисел најави дека камионџиите ќе добијат професионален статус, што им овозможува да остануваат подолго од сегашните ограничувања од 90 дена во 180-дневниот период. Ова, според локалните министри, е првпат Европската унија конкретно ги третира возачите како професионалци со посебни услови.

Европската унија започна работа на нова визна стратегија, која предвидува пофлексибилни правила за професионалци, меѓу кои и можност за подолг престој во Шенген-зоната за оние чии работни активности го бараат тоа, потенцијални посебни визи или дозволи за професионални возачи кои би биле валидни за целиот Шенген, разгледување на изменети правила за престој и излез/влез, со цел да се намалат тензиите и проблемите што ги доживуваат регионалните превозници.

Сепак, точното законско решение сѐ уште не е финализирано и ќе се дискутира на министерскиот состанок. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, вели дека на состанокот во Брисел ќе понуди најдобри можни решенија координирани со транспортерите.

– Истрајноста и единственоста на превозниците од Македонија и од целиот регион беше клучна за Европската Унија да реагира и да донесе документ со кој превозниците ќе бидат квалификувани како професионалци. Тоа е она што го баравме и тоа е она што го бараа превозниците – рече Николоски.

Министерот посочи дека на состанокот ќе се дефинираат сите прашања за излез од кризата и дека Владата е во целосна координација со превозниците.

– По состанокот во Брисел, ќе седнеме со нив и ќе ги разгледаме предлозите што ќе дојдат, за да понудиме најдобри можни решенија кои ќе одговараат на нашите транспортери. Тие се еден од основните двигатели на македонската економија, а цели градови во Македонија живеат од овој сектор – додаде тој.

Николоски нагласи дека Владата преку целата мината година вложила сериозни напори преку средби, писма и директни разговори со ЕУ, за да ја нагласи сериозноста на проблемот.

– Повеќе од една година се обидуваме, што со заеднички писма преку други држави, што сами, што на директни средби, министерот за надворешни работи разговарал многу пати, премиерот на последната средба со Урсула фон дер Лајен го отвори ова прашање, јас во декември при посетата на Брисел – истакна Николоски.

Тој додаде дека токму протестот на транспортерите ја забрза реакцијата на ЕУ, бидејќи станува збор за реални економски проблеми, а не за политички одлуки.

– Ова беше единствениот начин да сфатат дека ќе се случи огромен проблем кој можеше да доведе до несогледливи последици за регионот и ЕУ – вели Николоски.

Тој нагласи дека Владата целосно застана во поддршка на превозниците на граничните премини и дека посетите и координацијата со премиерот и министерството за транспорт биле суштински за да се постигне реакција од ЕУ.

– Ова е сериозен проблем кој можеше да предизвика несогледливи економски последици за македонската економија и за целиот регион – истакна Николоски.

Либерално-демократската партија (ЛДП) ја критикуваше изјавата на Николоски за Шенген-зоната и за членството во ЕУ. Партијата истакна дека заменик-премиерот покажа непознавање на правилата на ЕУ, коментирајќи дека членство во ЕУ не значи автоматски членство во Шенген-зоната и дека една држава може да биде членка на Шенген и без да е членка на ЕУ, како што е случај со Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн.

ЛДП посочи дека Македонија веќе изгуби милиони евра од блокадите, и дека решението сега доаѓа по иницијативата на самите превозници.

– Додека вицепремиерот и неговите колеги не ги научат основните разлики помеѓу ЕУ и Шенген-зоната, добронамерно им порачуваме прво да одат на курс за ЕУ – наведе партијата.

Министерскиот состанок во Брисел се очекува да биде критичен момент за решавање на долгогодишниот проблем со престојот на возачите од Западен Балкан. Главните теми ќе бидат дефинирање на професионален статус на возачите во ЕУ, дискусија за пофлексибилни визни правила и можни исклучоци од 90/180-дневниот режим, координација меѓу земјите од регионот и ЕУ за практична имплементација на правилата. Овој состанок, кој првично беше закажан за 6 февруари, е поместен за 3 февруари, што според Николоски има и симболично значење, бидејќи ЕУ сака да покаже брза и конкретна реакција на кризата.

Македонија и регионот успеаја да добијат внимание од ЕУ и да постигнат првичен успех – признавање на професионалниот статус на возачите и иницијативи за флексибилни визни решенија. Сепак, конечните одлуки сѐ уште се очекуваат, а регионалната координација и активното учество на Владата и транспортерите ќе бидат клучни за имплементација на решенијата и стабилизирање на транспортниот сектор.

Министерскиот состанок ќе покаже дали ЕУ навистина е подготвена да го прифати овој нов пристап кон професионалните возачи од Западен Балкан, или дали проблемите ќе продолжат да се одразуваат на економијата и транспортот во регионот.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ