четврток, јануари 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нема да има уставни измени без гаранции и без права на Македонците...

Нема да има уставни измени без гаранции и без права на Македонците во Бугарија!

Нема да има уставни измени без исполнување на два клучни услови, дециден е  премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на пратеничко прашање, Мицкоски истакна дека првиот услов е обезбедување загарантирани права за Македонците во Бугарија согласно меѓународното право и конвенции, а вториот - цврсти гаранции дека Македонија во иднина нема да се соочува со нови блокади и билатерални вета. Премеирот нагласи дека македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на политички условувања и ги повика пратениците да не поддржат уставни измени без овие гаранции

184

Нема да има уставни измени се додека Македонците во Бугарија не ги добијат загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции и додека не се добијат гаранции дека во иднина земјава нема да се соочува со опструкции и блокади од субјективни причини, порача премиерот Христијан Мицкоски  одговарајќи на прашање на пратеникот од Европскиот фронт, Скендер Реџепи. Мицкоски повтори дека додека е тој премиер, уставните измени нема да се случат, ако не бидат исполнети овие два услови.

– Уставни измени нема да има додека сум јас претседател на Владата, ако не бидат исполнети минимум два услови. Првиот услов е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права согласно меѓународното право и меѓународните конвенции и резолуции за човекови права. И второ додека не добиеме гаранции за нашиот идентитет македонски за којшто од вас очекувам поддршка како мој сограѓанин, мојот македонски јазик, дека повеќе нема да има билатерални вета и дека нема никој повеќе оваа држава којашто многу пати покажала и докажала дека сака да биде дел од европското семејство понела жртва како ниту една држава и овој народ, овие граѓани како ниту едни граѓани од Европа поднеле жртва, дека нема повторно да има нови омаловажувања, нови понижувања и нови опструкции од било кој од субјективни причини, рече премиерот Мицкоски.

Тој ги повика и пратениците кои во иднина би дошле да не се согласуваат со ставот на пратеникот кој го постави прашањето за уставни измени без гаранции.

– За да има уставни измени треба 80, односно 79 ваши колеги да се сложат. Јас силно ги советувам останатите 119 во оваа сала да не го поддржат вашиот став за уставни измени без да можеме да ги добиеме минимум овие две гаранции. Ако ние не сме добри да речеме во кластерот на владеење на правото, па нешто не сме испорачале итн. тоа е друга причина. Не сме вратиле некој бегалец од правда или па некој политички заштитен лик којшто порано правел криминал не сме го ставиле во затвор, па за тоа да добиеме критика и блокада, во ред, за тоа нема никаков проблем или па не сме квалитетни во нешто друго. Но, дека нема повеќе да има билатерални прашања којшто ќе го ограничуваат нашиот напредок кон Европа, истакна Мицкоски.

Премиерот зборуваше и за тоа дека на Македонците во Бугарија им се одземени сите права, а сега бараат само здружение кое би се борело за правата на македонската заедница во Бугарија.

-Ќе повторам, се додека македонската заедница во Бугарија, мислам дека треба да го поддржите тој став, треба да го поддржите ставот за Македонците од Разлог, од Горна Џумаја, од Сандански, од Пирин треба да го поддржите затоа што во пописот во 56-тата година тие биле 200 илјади и биле мнозинство во Пиринскиот крај на Македонија. Биле две третини од вкупното население, а магично на пописот во 65-тата година бројката станува 9 илјади. Од двесте илјади на 9 илјади и тоа еден поранешен бугарски претседател го кажува како инженеринг на којшто е посебно горд. Им се одземаат правата на своја културна автономија, да општат на својот мајчин македонски јазик, да говорат на својот мајчин македонски јазик, да танцуваат на своите македонски песни, да ги почитуваат своите македонски обичаи. Е тие бараат сега само да имаат можност ОМО Илинден Пирин да биде организација која што ќе ги застапува правата на македонската заедница во Бугарија. Многу ли е тоа, запраша Мицкоски.

Пратеникот Скендер Реџепи, кој го постави прашањето, рече дека уставните измени сепак ќе се случат, само прашање е колку време ќе изгуби Македонија. Реџепи предложи да се донесе резолуција, со која ќе се заштити македонскиот јазик.

Уставните измени ѝ се наметна на Македонија со преговарачката рамка со Европската Унија. Барањето доаѓа како резултат на бугарското вето, со кое Софија инсистира Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав, како предуслов за продолжување на европските интеграции. Со прифаќањето на т.н. француски предлог, уставните измени станаа формален услов за отворање на следната фаза од преговорите со ЕУ, иако вакво барање не било наметнато на ниту една друга земја-кандидат.

Отпорот кон уставни измени кај етничките Македонци е видлив и во резултатите од истражувањето на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ што беше презентирано во Собранието. Анкетата покажува голем етнички јаз во однос на уставните измени – 57 отсто од етничките Албанци се за уставни измени, а само 11 проценти од македонските испитаници го одобруваат внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Забележано е зголемување на поддршката за членство на Македонија во Европската Унија. Вкупно 71 отсто од населението во земјава го поддржува членството во ЕУ, што е за речиси десет проценти повеќе во споредба со претходната година. Поддршката кај етничките Македонци за ЕУ пораснала од 56 на 71 процент, а кај етничките Албанци, пак, кои континуирано даваат силна поддршка за аспирациите на земјава за членство во ЕУ, има благ пад за 8 проценти, но поддршката и натаму е висока и изнесува 76 отсто. Истражувањето покажува и дека 46 отсто од населението смета дека опструкциите од соседните држави се најголемата пречка за напредокот на Македонија кон членство во ЕУ. (В.С.Н.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ