Предлогот за укинување на техничката влада денеска ќе го доставам на разгледување на координаторите на пратеничките групи во македонското Собрание, изјави денеска за весникот ВЕЧЕР Горан Минчев, министер за јавна администрација. Тој рече дека е закажана средба со сите координатори и по што ќе почне процесот на разгледување на предложеното решение содржано во измените во Законот за Влада.
-Согласно на договореното од лидерската средба пристапивме кон промените во Законот за Влада со цел да се дефинира натамошното постоење на техничката влада. Ова не е никакво брзање. Во измените предлагаме техничката влада да важи само уште за следните парламентарни избори, а потоа да се укине. Освен ова даваме и предлог во кој ќе се прецизира кои ресори ќе ги има најголемата опозициска партија во техничката влада со оглед дека сега има зголемен број на ресори во споредба со минатите избори – ни рече Минчев.
Тој досега имал поединечни средби со координаторите на пратеничките групи во Собранието со исклучок на ДУИ кои „побарале дополнително време за консултации“.
-Имав средба и со координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски на кој тој ми го соопшти нивниот став со кој се противат на укинувањето на техничката влада. Но, немаше забелешки во однос на ресорите кои би требало да им припаднат во таквата влада пред одржувањето на следни парламентарни избори. Во измените предложено СДСМ да има технички министри во МВР и Министерството за социјална политика, демографија и млади, а дополнитлени заменици – министри во ресорите за јавна администрација, земјоделие и во финансии – објасни Минчев.
По добивањето на забелешките од пратеничките групи предлогот за промените во Законот за Влада ќе оди во владина процедура и потоа ќе биде испратен во Собрание за усвојување. За негово усвојување е потреебен 61 глас на пратениците при што не се применува Бадентеровото правило. (Б.Ѓ.)












