понеделник, јануари 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Наместо да бидеме Швајцарија на Балканот, се давиме во кал со ски-лифтови...

Наместо да бидеме Швајцарија на Балканот, се давиме во кал со ски-лифтови што не работат

Ја пропуштивме можноста за повеќе туристи и за поголеми приходи од зимскиот туризам. Наместо да бидеме Швајцарија на Балканот, се давиме во кал со ски-лифтови што не работат, кои се стари повеќе од 60 години и нема инвестиции во инфраструктурата и во сместувачките капацитети. Сликата на терен е поразителна, огромните објекти кои се наоѓаат на локации со најчист воздух во државата, сега изгледаат како сцени од постапокалиптичен филм. „Пелистер“, „Голак“, „Маврово“... порано беа полни со деца кои таму го поминуваа зимскиот распуст, а денес овие објекти се само споменици на едно убаво време

47

Додека во зимските центри во регионот скијачката сезона е во полн ек, кај нас допрва почна. Освен што доцни скијачката сезона, во нашите зимски туристички центри нема сместувачки капацитети, ски-  лифтовите се стари повеќе од 60 години, нема инвестиции… Туристичките експерти велат дека е жалосно ова што се случува во Македонија, која има многу убави планини и зимскиот туризам може да носи големи приходи за државата, пораст на вработеноста, ангажирање на локални производители во снабдување на целокупното население. „Пелистер“, „Голак“, „Маврово“… порано беа полни со деца кои таму го поминуваа зимскиот распуст, а денес овие објекти се само споменици на едно убаво време.

Сликата на терен е поразителна, огромните објекти кои се наоѓаа на локации со најчист воздух во државата сега изгледаат како сцени од постапокалиптичен филм.

– Во сите зимски туристички центри ски-сезоната е почната уште во декември, а кај нас од средина на јануари. Треба да се подигне свеста за значењето на зимските туристички центри кои може да генерираат големи приходи за државата. Дваесет години наназад, секоја влада ветува инвестиции во ски-лифтови, нови сместувачки капацитети, а ништо од тоа не е направено. Потребни се константни инвестиции во инфраструктурата. Секое село треба да има пат, струја, вода, интернет… за да не ни бега и локалното население кое може да живее од туризам. Ако не ги решиме овие прашања, не само што нема да ни дојдат туристи туку ќе избегаат и нашите, за весникот ВЕЧЕР изјави Христијан Трајчевски, претседател на „Ски Македонија“.

Тој вели дека за да зборуваме за туристи, треба да имаме инвестиции, не можеме да им конкурираме на регионалните ски-центри со ски-лифтови од шеесеттите години од минатиот век.

– Ако постојано се издвојуваа пари од Буџетот, досега ќе имавме развиени зимски туристички центри, ќе бевме Швајцарија на Балканот. Зимските туристи трошат многу повеќе од летните туристи, но потребни се инфраструктура и инвестиции во нови хотели за да дојдат. Во нашите зимски туристички центри нема ниту програми за деца, затоа нашите деца одат во Бугарија. Нашите зимски туристички центри се дадени на луѓе кои не сакаат да ги работат и се во нивно заложништво. Поради тоа не се инвестира, нема детски капацитети во кои децата би оделе на зимување по прифатливи цени, вели Трајчевски.

Според Трајчевски, трошиме пари во странство, а ги имаме најголемите планини и најлошите ски-центри. Мора да се започне плански да се инвестира во овие центри и да се градат типски населби, а не да гради секој како што му одговара.

– Пропуштивме големи шанси за зголемен број туристи, зголемена потрошувачка на домашна храна, развој на локалните бизниси… Туризмот е гранка која го поттикнува развојот на многу други стопански гранки, така што секундарната корист е огромна. Ние 50 години правиме еден ски-лифт, а 100 години го отвораат. Мораме да сфатиме дека мора да се инвестира, не може во Крушево во 18 и 19 век да има поубави фасади од денес. Не само што не сме направиле ништо туку одиме назад, вели претседателот на „Ски Македонија“.

И поранешниот директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, смета дека најпрво треба да го поставиме прашањето дали ние имаме капацитет на институции кои треба да го водат процесот за развивање на зимскиот туризам во Македонија и покрај очигледните можности за тоа.

– Постарите генерации се сеќаваат на вистинското светло на Шара како зимска дестинација, нејзините услови и развојни планови кои пропаднаа со распадот на Југославија. Ако 40 години немаме капитални инвестиции во ски-центрите, сместувачките капацитети, дотрајана инфраструктура, неисчистени и мрачни улици, тогаш што имаме повеќе да зборуваме. Не можеме да се споредиме со регионот ниту со некоја друга зимска дестинација, а сите знаеме зошто. Многупати се најавуваат инвестиции во ски-центрите, но останаа само најава, и дебело платени физибилити студии со развојни планови кои фаќаат прашина во фиоките. Инвеститорите сè повеќе стануваат скептични за рентабилноста на ски-центрите поради глобалното затоплување, изјави Јаневски за весникот ВЕЧЕР.

И тој, во моментов, не гледа позитивни вибрации за да се направи нешто повеќе на нашите планини во следните пет години и да се отпочне циклус на сериозни инвестиции и развој на македонските ски-центри.

– Детските одморалишта и состојбата во која се наоѓаат се огледалото на нашата негрижа, која веќе можеме да ја генерализираме во многу пори на македонското општество и на нашата држава. Детските одморалишта кои се лоцирани на нашите познати планини – Пелистер, Маврово, Крушево, Берово… со намена за престој на ученици треба да ја пополнат празнината и одливањето на финансиите во соседните земји за зимските одмори на нашите ученици. Ресорното министерство под кое се детските одморалишта нема визија за нивен развој, а уште помалку долгорочна стратегија со која ќе овозможи нивна одржливост. Една од можностите, која се практикува насекаде низ Европа, е Јавно приватно партнерство – ЈПП со јасен развоен план за реинвестирање и ставање во функција со базични и дополнителни услуги кои ќе отворат помеѓу 200 до 300 нови работни места и генерираат 500 илјади ноќевања во текот на годината. На ова поле е потребно да работат компетентни личности во туризмот, помагајќи им на институциите да изградат капацитети со кои ќе ги спроведат овие развојни планови на среден рок, вели Јаневски.

Тој смета дека за развој на нашите зимски туристички центри се потребни инвестиции во инфраструктурата.

– Инвеститорите секогаш ја гледаат подготвеноста на државата и долгорочната стратегија за развој на туризмот од која зимскиот туризам и неговиот развој е потребно да биде дел. Стратегија која ќе ги убеди инвеститорите за долгорочни инвестиции во ски-центрите и државните капацитети кои ќе бидат фокусирани за имплементирање на стратегиските цели и, генерално, развој на туристичката индустрија во Македонија. На сите ни е јасно што е потребно за заштита на нашите планини преку одржлив развој и зелени инвестиции кои не можеме да ги чекаме, туку треба да работиме на создавање услови за нивно остварување. Многу нешта зависат од нас, а едно од нив е Туризмот во Македонија, додава Јаневски.

И додека се чекаат странските инвестиции или јавно-приватно партнерство, вратите на детските одморалишта ќе останат затворени за децата, а возрасните ќе се сеќаваат на спомените кои го обележале нивното детство.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ