По неуспехот на институциите да одговорат на барањата за чист воздух, граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ повторно излегува на улица. Во соопштението за медиуми, активистите најавуваат мирна граѓанска блокада на 21 јануари во 18 часот, на раскрсницата на булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, во правец кон индустрискиот капацитет Усје.
– Или ќе излеземе сите – или ќе нè снема еден по еден! Излези, затоа што воздухот нема да се исчисти сам – порачуваат организаторите, истакнувајќи дека иницијативата е реакција на долготрајната загриженост за здравјето на сите жители, особено на децата.
Граѓаните бараат поставување на мерни станици кои ќе овозможат 24/7 мониторинг на квалитетот на воздухот и истакнуваат дека додека тоа не се случи, нема да им веруваат на уверувањата дека фабриката не загадува.
– Здравјето пред профитот, бидејќи институциите не реагираат, граѓаните мораат повторно да го подигнат својот глас – велат активистите.
Од друга страна, „ТИТАН Усје“ реагира на обвинувањата, нагласувајќи дека фабриката работи според домашната регулатива и А-интегрираната дозвола, која вклучува 24-часовен независен мониторинг на емисиите. Компанијата тврди дека резултатите од мерењата се јавно достапни и дека граничните вредности на емисиите се построги од законските.
– Инвестициите во заштита на животната средина во последните шест години изнесуваат повеќе од 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони се наменети за унапредување на квалитетот на воздухот – стои во соопштението на компанијата.
Од „ТИТАН Усје“ нагласуваат дека и кога фабриката не работи, амбиенталниот воздух е со ист квалитет, што, според нив, укажува дека главните загадувачи се загревањето на домовите, сообраќајот и други извори.
Иницијативата и фабриката се согласуваат околу еден факт – потребата од решавање на системските проблеми со квалитетот на воздухот. Разликата е во пристапот: граѓаните инсистираат на видлива акција и надзор, додека компанијата бара дебата базирана на факти и документирани податоци, со цел да се изнајдат одржливи решенија.
Прес-конференцијата на иницијативата „Стоп за Усје“ е закажана за 21 јануари во 18 часот, а медиумите се поканети да известуваат за настанот и да дадат простор за гласот на граѓаните кои се борат за основното право на чист воздух.
(С. Бл.)












