Крмзов и тајфата лапнале 90 милиони евра од купи-продај недвижнини

Бизнисменот на чело на злосторничко здружување

2014

Целата документација од струмичките фирми на Крмзов, која е дел од доказите на обвинителството, се прибрала во црни вреќи натоварени во камиони на полицијата. Обвинителите најавија дека истрагата ќе биде праведна и нетолерантна без разлика на какви било структури

Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори истрага против струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, негови роднини во својство на управители на фирми, сметководители и инспектори од УЈП, поради даночна измама која направила штета на државниот буџет од високи 90 милиони евра. Надлежната обвинителка Верица Бежецки-Крстева, која на брифинг со новинарите ја објасни измамничката шема, рече дека осомничените ги испумпувале државните пари во вид на поврат на ДДВ, а случајот покажал слабости на системот на секој чекор.

Обвинителството се сомнева дека замрзнатиот имот на Крмзов ќе ги врати испраните пари во државната каса. На фирмите кои биле поврзани со струмичкиот бизнисмен им легнале чисти 38 милиони евра на сметка од незаконскиот поврат на данокот преку купи-продај недвижнини. Станува збор за 15 фирми кои на хартија еден деловен објект си го препродавале меѓу себе и по неколкупати. Вистинска уплата на пари немало, но затоа имало лажни фактури со кои подоцна си наплатувале поврат на ДДВ од државата. Така, станови во градба фиктивно си ги препродавале и по 4-5 пати по цена од 4.000 до 20.000 евра за квадратен метар. Полицијата пронашла стотина такви договори без катастарска евиденција и платен комунален данок, а исти фактури биле приложувани и по неколкупати. Во измамничката шема на Крмзов се осомничен 23 луѓе, тука се управителите на фирмите, 8 даночни инспектори и сметководителите преку кои одело книжењето.

Според информациите од ОЈО за организиран криминал и корупција, уште во 2023 година алармирале од УЈП до МВР дека нешто не е во ред со огромните суми поврат на ДДВ на 15-ина струмички фирми, и по анализа на доказите сега Обвинителството и официјално ја отвори истрагата. ОЈОГОКК докажува дека Крмзов и неговата компанија сториле кривично дело злосторничко здружување, даночна измама и перење пари, а инспекторите од струмичката подружница на Управата за јавни приходи се сомничат за злоупотреба на службата. Обвинителите повторија дека и во овој случај на економски криминал проблем од големи размери направиле измените во Кривичниот законик.

Од вкупно 15 фирми поврзани со Крмзов, само три реално работеле. Парите, освен за приватни цели, биле користени за градење на нови згради, кредити, роба, плати. Во запленетите фактури било утврдено дека станови им се продавале и на непостојни луѓе од Косово, сепак, обвинителите сè уште ги немаат сите вештачења од кои ќе зависи докажувањето на сите наводи. Обвинителката најави дека е можно истрагата  да се прошири и со нови осомничени. Полицијата во понеделникот го уапси бизнисменот Крмзов и судот му одреди 30-дневен притвор. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ