Семејствата на младите жртви поставија голем транспарент со ликовите на своите најблиски пред судницата во Идризово, потсетувајќи ги обвинетите на трагедијата што ја остави земјата во шок. Со порака „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, тие остро реагираа на изјавите дека обвинетите не чувствуваат вина. Додека надвор се слеваа емоции и болка, внатре продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, каде што обвинетите инспектори и поранешните градоначалници тврдеа дека немале надлежност да ја спречат катастрофата
Семејствата на загинатите младинци им приредија трогателен пречек на обвинетите, кои со полициски комбиња беа носени од истражните затвори на судење во Идризово. Поставија голем транспарент со ликовите на нивните најблиски што ги загубија во пожарот, на дел од металната безбедносна ограда поставена околу судницата. Над фотографиите од жртвите стои натпис „16.03.2025 – 63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда”, а фотографиите ги завртија кон паркингот од каде што доаѓаа обвинетите.
„Го донесовме транспарентот за да ги потсетиме ‘убијците’ што направија бидејќи на претходното рочиште рекоа дека не чувствуваат вина”, кажа една од мајките. Друга, пак, кажа дека според нив, контрадикторно било тоа што никој обвинетите не признал вина. „Зарем треба ние, родителите, да ги потсетиме зошто се во судница? Никој од нив немаше ниту грам совест и човечност да ја признае својата вина”, рече Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас.
Општинските градежни инспектори: без пријава, не сме можеле да влеземе во контрола
Во судницата, пак, продолжи судењето на обвинетите за катастрофалниот пожар во диското „Пулс“, во кој загинаа 63 луѓе, а преку 200 останаа со повреди и со лузни што ќе ги носат до крајот на животот. Воведни зборови имаа тројцата општински градежни инспектори во Кочани и нивните адвокати. Пред судот и јавноста се бранеа дека причина за пожарот во дискотеката „Пулс“ е употребата на пиротехниката, а не пропуст во градежната конструкција на објектот, кој ниту се урнал ниту му се оштетила статиката.
„Градежните инспектори не се надлежни за ентериерот, туку само за промени во габаритот и во градежната конструкција, а во ’Пулс’ немало изградба, туку внатрешно преуредување. Без писмен налог, градежен инспектор не може да изврши вонреден надзор и не смее да влезе во приватен објект, оти кривично ќе одговара“, објаснуваа обвинетите градежни инспектори Огнен Ѓеоргиев, Љупчо Стаменов и Николчо Гоцев.
Одбраната на градежните инспектори ја стави во прашање правната квалификација на обвинението. „Во верижната поврзаност, ОЈО кажа дека трагедијата е резултат на системот, а не на поединците, па со нетрпение чекаме да видиме како ќе докажат дека овие инспектори, поврзани со другите обвинети, го сториле делото што им се става на товар. ЈО сака да ги казни сите одговорни, но зачудува фактот што службени лица од УЈП извршиле надзор во декември 2024 кога утврдиле неправилности и можеле да ја пломбираат дискотеката, но за нив се води истрага за полесни дела кои не се поврзани со пожарот“, бранителот ја отвори дилемата. Еден од обвинетите градежни инспектори во Кочани кажа дека додека бил вработен, немало ниту иницијатива, ниту пријава, ниту еден наод или известување од МВР, ДЗС, ДПИ, УЈП, ОЈО кои биле запознаени со ова.
„Да влезев без налог во објектот, ќе одговарав кривично. Не е моја цел да обвинувам никого, но лесно е да се создаде приказна, тешко е да се носи вистината, а вистината е дека јас немав надлежност и законска основа да постапувам“, рече обвинетиот Гоцев.
Обвинетите градоначалници: не сме биле надлежни за „Пулс“
Поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, тврди дека не само што немал намера или умисла за делото што му се става на товар за трагедијата во дискотеката „Пулс“ туку и бил единствениот што реагирал и поднел барање до надлежните да не се издаде дозвола за работа, односно лиценца, за дискотека или кабаре, уште пред објектот да започне со работа.
– Со ваквото обвинение излегува дека јас сум требал да ги преземам надлежностите и да постапувам наместо МВР, ДПИ, ДЗС, Државниот градежен инспекторат. Зошто на локалните градежните инспектори не им било укажано нешто од Државниот градежен инспекторат? Како можеше да се исконструира вакво обвинение? – рече ексградоначалникот Ратко Димитровски во својот воведен говор.
Неговата адвокатка кажа дека во 2012 година општината не дозволила пренамена на паркингот и поднела барање до ДПИ да не се издава дозвола и праша во судницата зошто барањето останало занемарено.
Бранителите на ексградоначалниците на Кочани, Николчо Илијев и Љупчо Папазов, нагласија дека нивните клиенти постапувале согласно со законите и прописите, дека одговорноста за надзор и регулатива е во надлежност на стручните служби, и дека неправедна осуда би претставувала „втора трагедија“.
– Постапката се води три и пол години по престанок на неговиот мандат. Никој и никогаш не го известил за кабарето или, пак, имал контакт со сопственикот. Советот на Општина Кочани никогаш не е известен за измена на Деталниот урбанистички план за предметниот објект. Никаков контакт за предметниот објект немал ниту додека бил ниту откако му престанал мандатот – изјави адвокатот на Илиев. Одбраната на обвинетиот Папазов кажа дека одговорноста за инспекциските надзори и законската регулатива е делегирана на стручните служби и инспекторати.
– Градоначалникот не поседува знаење ниту овластување ад хок да утврдува недостатоци во објектот, туку е зависен од информациите и од извештаите на стручните служби. Тој не е градежен, пазарен или инспектор за противпожарна заштита – рече адвокатот на Папазов.
Според обвинението, тројцата поранешни градоначалници не наредиле инспекциски надзор, не изготвиле програми и планови за работа на инспекторите, ниту ги известиле надлежните институции за незаконското работење на објектот. Објектот немал одобрение за реконструкција, пренамена или за употреба, ниту функционален паркинг, што создавало ризик за живот и здравје на посетителите и го попречувало пристапот на противпожарни возила. (П. А.)
Не се знае чии се мобилните во ќелијата на Џеваир Камбери
Откако на минатото рочиште судијката Груевска ја сподели информацијата дека во ќелијата на обвинетиот Џеваир Камбери биле пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп, неговата одбрана негира дека му припаѓаат нему. Бранителот на Камбери соопшти пред судот дека во меѓувреме е утврден вистинскиот сопственик на забранетите предмети.
„Детектиран е сопственикот на тие телефони и лаптопот, кој самиот се пријавил и признал. Тоа не е Камбери, со сигурност ви тврдам, и го молам судот да ја побара оваа информација од затворот“, изјави адвокатот.
Судијката остана на ставот дека само ги пренела официјалните податоци добиени од управата на затворот: „Јас не тврдам, туку ја прочитав информацијата од затворот“. Од затворот, пак, велат дека не е точно оти се пријавил сопственикот и мобилните се заведени како имот на тројца притвореници во ќелијата.












