Почетокот на новогодишниот базар „Зимзоленд“, кој годинава е стациониран спроти ресторанот „Рагуза“ меѓу Ново Лисиче и Лисиче, ги вознемири жителите кои живеат во близина.
Базарот започна вчера, а ќе трае до 4 јануари 2026 година, но граѓаните револтирани од случувањата, реагираат на социјалните мрежи. Велат дека оние што дошле да го посетат овој базар кој се одржуваше и лани, само на друга локација, односно на платото пред салата „Јане Сандански“, ги оставале своите автомобили на тротоарите, а ги зазеле и тревниците. Освен тоа, се жалат на гужвите, на вревата, на гласната музика и на силното осветлувањето до доцна во ноќта, кои, како што велат, им пречат. Сметаат дека ваквите настани треба да се одржуваат на периферијата на градот, а не во населено место, општина.
Други, пак, додаваат дека чекале 20 минути за да поминат со автомобил.
– Битно ќе дојдат, не е битно дека автомобилите ги паркираат буквално среде улица. Настанот е во ред, но културата ни е за никаде – коментира скопјанка.
Жителите велат дека треба да има ваков настан, но нагласуваат дека треба да биде организиран како што треба, да доликува, а не како што наведуваат, „ради реда“.
– Потребна е убава пристапна локација на која ќе се организира настанот со план и со концепт – сметаат некои од граѓаните, кои исто така се незадоволни и од високите цени.
– Со тие цени може да се оди, на пример, во Грција или некаде во соседството каде што е навистина магично – коментира жител кој додава дека нема и ниту една канта за отпадоци, ниту, пак, некое катче каде што ќе може да се седне.
Има и такви кои на коментарите возвраќаат со тоа дека за претстојните празници е потребна ваква забава.
Инаку, во рамките на новогодишниот базар „Зимзоленд“ има адреналински реквизити, лизгалиште, а во дрвените куќарки на влезот се нудат греено вино, кафе, рум и разни видови храна. Воедно, на бината има забавна програма, но и голема новогодишна елка, која навечер е целосно осветлена.
(А. П.)












