45 години од смртта на доживотниот претседател на СФРЈ – Јосип Броз Тито

73

Тито беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година. Беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините оружени сили од крајот на Втората светска војна, до смртта во 1980 година. Беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на ниеден од двата доминантни блока во тоа време, западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор.

Мислењата за неговата улога и дело се спротивставени – за едни Тито е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот, голем надворешнополитички углед, а за други – диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.

И со вака поделени мислења околу наследството на Тито, денес, по сè низ што мина Балканот, името на Тито буди извесна носталгија на целиот простор на некогашната држава, па и во Македонија. Историчарите велат дека сè уште не треба да се брза со оценка дали Јосип Броз е позитивна или негативна личност. Велат дека треба да се почека да се отворат сите архиви, бидејќи сè уште не е поминат доволен критичен временски период. Додаваат дека станува збор за историска личност за која допрва треба да излегуваат нови научни сознанија.

Иако мислењата за личноста и историската улога на Јосип Броз Тито остануваат поделени, неговото име најчесто нема негативен призвук во денешна Македонија. Само што не е јасно дали во прашање е југоносталгија или се користи како критика за денешната политика.

Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година, во Клиничкиот центар во Љубљана. Погребан е на Дедиње, во Белград, во Куќата на цвеќето. На погребот присуствуваа повеќе од 200 државници и истакнати личности од целиот свет. Голем број граѓани од републиките на поранешна СФРЈ сè уште доаѓаат на неговиот гроб. Куќата на цвеќето досега ја посетиле повеќе од 20 милиони луѓе.

ИЗДВОЕНИ