Градскиот парк запоставен – тревата пожолтена, дрвјата уништени

74

Жители од Скопје приложувајќи фотографии реагираа на запуштениот изглед на Градскиот парк, најголемата зелена оаза која е прибежиште на скопјани од летните горештини кои веќе навјасаа.

Велат дека делот од страната на хотелот „Александар Палас“ е комплетно запоставен, со веќе пожолтена и висока неискосена трева, што е само потврда за индолентниот однос на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кон зеленилото, а тоа претставува потенцијална опасност за нив и можност да им се закачи крлеж или да се појави змија од која не дај Боже, некој може да биде каснат. Тоа може да се види и од самите фотографии

Од „О2 иницијатива“, пак, реагираат и на тоа што никој од ова претпријатието не одговарал за уништените дрвја во зелениот појас на булеварот „Партизански одреди“ (пред улицата „Рузвелтова“), поради, како што велат, минатогодишното нивно нестручно „кастрење“.

– Помина доволно време да се види резултатот од минатогодишното т.н. „кастрење“ со кое е уништен целиот дрворед од јапонски цреши, со преубави цветни крошни на пролет. ЈП „Паркови и зеленило“ е одговорно за одржување на ова зеленило – потенцираат од „О2 иницијатива“.

Тие бараат од директорот на претпријатието, Сефи Шабани, да утврди кој е одговорен за вакво уништување на дрвјата и лицето да биде санкционирано. Воедно, сметаат дека дрвјата треба да се заменат со нови бидејќи, нагласуваат, овие се комплетно уништени.

Додаваат дека вакво нестручно сечење на гранки и цели крошни има на многу места низ градов.

– Не може да сече секој што има пила, без никакво знаење за правилно кроење на крошните. Може да вработите и стручни лица кои ќе знаат вистински да се грижат за зеленилото во градов, а не само по партиска линија – предлагаат од „О2 иницијатива“.

Од претпријатието никој не се одважи да одговори на прашањата зошто е запоставен Градски парк и кој е нивниот став во однос на обвинувањата на  „О2 иницијатива“ за нестручното кастрење на дрвјата поради што тие се уништени.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ