4000 денари за грам кокаин, 500 за марихуана

Во акција на МВР и ОЈОГОКК разбиена наркогрупа

105

Кокаин и марихуана се пронајдени во куќата на еден од четворицата уапсени во акцијата на полицијата и на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Предистрагата траела неколку месеци, се претресувале повеќе места низ Скопје, а освен дрога, пронајдени биле и куршуми.

– Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции, а еден од осомничените сторил и кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, информираа од ОЈОГОКК.

Осомничените од февруари до октомври годинава формирале криминална група заради продажба на кокаин и марихуана. Купувале, чувале, пренесувале, продавале и посредувале во продажбата на дрога така што првоосомничениот ја набавувал, ја пренесувал и ја криел на безбедна локација во Скопје. Потоа, дел ја од неа им предавал на останатите осомничени лица, од кои секој имал своја улога во наркомрежата. Дрогата ја продавале по 4.000 денари за 1 грам кокаин и по 500 денари за 1 грам марихуана. Обвинителството од Судот бара да им определи мерка притвор на сите приведени. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ