Под мотото „Идеја што не запира, вредности што носат промени”, ВМРО-ДПМНЕ одбележува 35 години од формирањето на партијата

23

Под мотото „Идеја што не запира, вредности што носат промени”. ВМРО-ДПМНЕ вечерва во „Хераклеја Линкестис“, Битола, одбележува 35 години од формирањето на партијата.

-ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од политичка организација. Таа е жив дух, потекло и продолжение на македонската борба за слобода и правда, партија која стои на темели на храброст, достоинство, родољубие и чесност, партија во чии штабови и на чии настани се уште се живи приказните и се раскажува за жртвата на Христо Узунов, се поклонува пред делото на Гоце Делчев, се памтат херојските дела на Александро Турунчев, Горче Петров, Карев. ВМРО-ДПМНЕ е светилникот што ја осветлува темнината која долго време ја покриваше нашата земја, рече Мицкоски во обраќањето по повод јубилејот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во растењето на партијата, во нашите порази и победи се вклучени многу наши браќа и сестри. И оние кои се наши истомисленици, но и оние кои размислувале различно, но сепак ги споделуваат нашите идеи и во чии срце е ВМРО, сакам да испратам благодарност за нивната преданост и нивната искрена желба за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ за многумина е партија, но и за многумина од нас е пред се идеја што не запира и вредности кои носат промени. Тие промени ја донесоа независноста, таа жед за своја држава донесе да учествуваат во создавањето на темелите на државата, кои многупати потоа беа силно разнишувани, разјадувани и уништувани. Но ние не се откажвме. Затоа што верувавме во нашата идеологија и затоа што ја сакаме нашата татковина.

Но, мораме да признаеме – периодот што го оставивме зад себе не беше лесен. Последните седум години беа години на катастрофално владеење од страна на ДУИ и СДСМ, полни со корупција, предавства и разнишување на нашите институции. Институции кои беа столбови на државата, сега беа рушевини. Вербата на народот беше разнишана, економијата заглавена, политичарите потонати во корупција, стандардот на граѓаните паѓаше од ден на ден. Луѓето беа разочарани, уморни, полни со апатија, страв и неизвесност. И токму поради ова, нашиот влез во владата пред една година беше повеќе од промена на гарнитура. Тоа беше нов почеток и потврда дека народот не заборавил, дека народот не се откажал, и дека сега почнуваме да градиме темели – темели на промени, темели на чесност, темели на работа и правда.

Ние не сме тука да ветуваме лесни приказни или брзи решенија. Не!…Ние сме тука да направиме она што е правилно, да ги исправиме грешките и да ги санираме штетите од минатото, рече Мицкоски во обраќањето во „Хераклеја Линкестис“.

ИЗДВОЕНИ