Инџиково ќе добие градинка со капацитет за 48 деца

33

Општина Гази Баба ќе добие нова градинка во населбата Инџиково, која се гради со средства од државниот буџет, преку проект од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.

Градинката се гради на површина од 490 квадратни метри, ќе биде приземјен објект со висина од три метри, ќе има три занимални и други помошни простории, со капацитет за згрижување на 48 деца, 36 деца над 2 години и 12 деца до 2 години.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со министрите за локална самоуправа и за социјална политика, демографија и млади, Златко Перински и Фатмир Лимани, и градоначалникот Бобан Стефковски, денеска изврши увид во градежните активности.

– Колку повеќе градинки и училишта толку подобри услови за нашите најмили, а тоа се дечињата. Тоа е еден предуслов за подобра демографија и да имаме повеќе дечиња на кои ќе им се радуваме – изјави Мицкоски.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изрази задоволство од напредокот на изградбата на објектот.

-Овој проект е насочен кон подобрување на условите за најмладите, за нашата иднина. Општина Гази Баба во првиот јавен повик доби околу 190 милиони денари, на вториот аплицираше со 16 проекти, приближно со 600 милиони денари и во периодот што следи граѓаните може да очекуваат градежен бум кој значително ќе ги подобри условите на инфраструктурата – истакна Перински.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ