На седница на Владата ќе биде побарано салата „Партизан“ да се врати под ингеренции на државата, сѐ со цел овој спортски објект што побрзо да биде ставен во функција и да им биде на располагање на граѓаните на општина Карпош како и на сите што се занимаваат со спорт, професионално или рекреативно – информираа од Министерството за спорт.

Оттаму додаваат дека ваквиот чекор се презема по согледувањата и жалбите од кои било увидено дека има проблеми околу стопанисувањето со спортската сала „Партизан“, која по реконструкцијата е предадена во владение на Општина Карпош.

Од Општина Карпош ваквиот потег го оценуваат како спротивен на процесот на децентрализација. Впрочем, таа иста Влада овој објект го имаше на располагање и гледаше да се ослободи од него. За жал салата целосно се девастира, опремата беше уништена и украдена. Владата на СДСМ одлучи да вложи околу два милиона евра за нејзина реконструкција и за изградба на базен одговорија од Општина Карпош

 

Иако салата „Партизан“ во населбата Карпош 4 која некогаш беше синоним на спортот и место каде што студентите ги одржуваа часовите по физичко образование, беше реконструирана, таа повеќе од една година стоеше заклучена. По реконструкцијата на крајот на декември 2024 година, Владата ѝ ја предаде на стопанисување на Општина Карпош, но салата повторно остана нефункционална.

Токму од овие причини, Владата има намера салата да ѝ ја одземе од ингеренција на Општина Карпош.

– На седница на Владата ќе биде побарано салата „Партизан“ да се врати под ингеренции на државата, сѐ со цел овој спортски објект што побрзо да биде ставен во функција и да им биде на располагање на граѓаните на општина Карпош, како и на сите што се занимаваат со спорт, професионално или рекреативно – информираа од Министерството за спорт.

Оттаму додаваат дека ваквиот чекор се презема по согледувањата и жалбите од кои било увидено дека има проблеми околу стопанисувањето со спортската сала „Партизан“, која по реконструкцијата е предадена во владение на Општина Карпош.

– И градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, изјави во јавност дека има тешкотии во стопанисувањето со салата, а и по добиените информации дека салата не се одржува квалитетно, дека е затворена за користење и не е ставена во употреба повеќе од 12 месеци, одлучивме да не дозволиме овој спортски објект да пропаѓа – нагласуваат од Министерството за спорт.

Што се однесува до базенот кој почна да се гради кај спортската сала „Партизан“, од Министерството велат дека е уште еден од бројните објекти што биле почнати и оставени недовршени од страна на поранешната Агенција за млади и спорт.

– Овој објект чија изградба, според договорот, вреди 46.700.097 денари е почнат да се гради во август 2023 година и е оставен недовршен со под 50% реализација. Министерството за спорт се заложи да ги изгради сите базени кои беа почнати од претходната власт и со години беа оставени недовршени – децидни се од ова министерство.

Оттаму додаваат дека изградбата на базенот во рамките на салата „Партизан“ во Карпош е во завршна фаза, и оти се чека приклучок, хлорирање и технички прием на објектот.

Базенот кај спортската сала „Партизан“ е засебен објект кој е во сопственост на Општина Карпош.

Од друга страна, пак, советниците од Социјалдемократскиот сојуз, Левица и пет независни кандидати во Советот на Општина Карпош на последната седница најостро се спротивставија на обидот да се одземе салата „Партизан“, во која, како што велат од локалната самоуправа, и тие имаат вложено средства.

Од Општина Карпош ваквиот потег го оценуваат како спротивен на процесот на децентрализација.

– Впрочем, таа иста Влада овој објект го имаше на располагање и гледаше да се ослободи од него. За жал, салата целосно се девастира, опремата беше уништена и украдена. Владата на СДСМ одлучи да вложи околу два милиона евра за нејзина реконструкција и за изградба на базен – одговорија од Општина Карпош.

Од локалната самоуправа јавно го прашуваат министерот Борко Ристовски да каже кој објект што Владата ѝ го доделила на Општина Карпош (училишта, градинки, месни заедници, и други објекти) не се многукратно поубави, пофункционални, поефикасни отколку што ги презела од Владата?

– Со ова, Општина Карпош покажа дека се грижи за своите објекти, го подобрува нивното функционирање, на сите ја зголеми енергетската ефикасност и за оваа намена во изминатите години вложи преку 7.5 милиони евра, што е реткост во која било општина во Македонија.

Салата дури во март годинава, по повеќе од една година откако беше изградена, ги отвори вратите за спортување и во неа се одржаа натпревари во рамките на училишните спортски лиги во кошарка и одбојка. Во претходниот период беше затворена, затоа што, како што објаснуваа од Општината, салата им била предадена без греење и без потребните реквизити, иако поранешната Агенција за млади и спорт најавувала дека ќе ја предаде салата „Партизан“, како сосема нов, современо реконструиран и целосно опремен спортски објект.

Во меѓувреме, дел од салата со одлука на Советот е доделен на користење на Стрелечката федерација на Македонија, а на претходната седница во објектот е доделена и канцеларија за потребите на граѓанското здружение „Културно ехо“. Во тек се и јавни повици за изнајмување делови од салата.

Спортската сала „Партизан“ во Карпош 4, кој е култен објект за карпошани, е донација на француската влада за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 и е изградена во 1969 година, според проект на архитектот Трајко Димитров.

Салата беше во државна сопственост до 2005 година кога Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали ја даде под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно беше уништена и преполна со ѓубре.

Општина Карпош на почетокот на 2019 година поведе иницијативата за спас и обнова на салата, а потоа, во соработка со меѓународната невладина организација „Културно ехо“, спроведе анкета за избор на идејно решение. Идејните проекти беа подготвени од домашни и од странски млади архитекти, а изборот преку анкета го направија граѓаните на Карпош.

Реконструкцијата на оваа спортска сала, за која Агенцијата за млади и спорт потроши 1,1 милион евра, започна во април 2022 година, а заврши во декември 2023.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ