На територијата на Општина Аеродром вчера и официјално започна пилот-проектот за селекција на пластичниот отпад директно од домаќинствата.
Од Општината информираат дека првата фаза опфатила 50 домаќинства со специјални канти за пластика, а ќе бидат опфатени вкупно 600.
Проектот го спроведува Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром, а отпадот се предава на овластени компании.
Инаку, како што објаснија општинските власти, за транспорт е обезбедено електрично товарно возило.
– Ова не е кампања, туку систем што им овозможува на граѓаните активно да учествуваат во заштитата на природата, почнувајќи од сопствениот дом. Со успешното партнерство меѓу Делегацијата на Европската Унија, Владата преку Министерството за локална самоуправа, швајцарската Влада и Општина Аеродром, преку спроведувањето на проектот „Clean AirDrom“ – нулта цврст отпад, обезбедивме и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпадот. Грижата за животната средина започнува од секој дом – изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.












