Правилникот го подготви Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу грин“, во соработка со Министерството за транспорт, кој, во рамките на Европската недела на мобилноста, денеска беше презентиран во Општина Гази Баба, на велосипедската патека пред хотелот „Континентал“. Според Дарко Арсовски од „Гоу грин“, Правилникот детално предвидува како треба да изгледа секоја велосипедска инфраструктура, почнувајќи од велосипедските патеки и ленти, преку паркинзите, заобиколувањето на автобуските постојки, типот на подлогата на патеките, аголот на рабниците… Министерот за транспорт, Александар Николоски, јасно нагласи дека со ова се испраќа порака дека велосипедот, како симбол на одржливата мобилност, е рамноправно превозно средство, а не само средство за рекреација. Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, рече дека првпат во нашата држава е изработен еден правилник што опфаќа планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедската инфраструктура. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека новиот Правилник ќе овозможи јасни стандарди за изградба на современи и безбедни велосипедски патеки
Отсега, па во иднина, во државата ќе се регулира како треба да изгледа велосипедската инфраструктура. Македонија е една од последните три земји во Европа што немаа правилник за проектирање, планирање, изградба и одржување на велосипедската инфраструктура. Ваков правилник изготви Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу грин“, во соработка со Министерството за транспорт, кој, во рамките на Европската недела на мобилноста, денеска беше презентиран во Општина Гази Баба, на велосипедската патека пред хотелот „Континентал“.
Според Дарко Арсовски од „Гоу грин“, она што го прави дополнително важно донесувањето на овој Правилник е фактот што на него работело и Министерството за транспорт.
– Тоа е редок и светол пример на соработка на државна институција со граѓанското општество – нагласи тој, осврнувајќи се на тоа дека Правилникот детално предвидува како треба да изгледа секоја велосипедска инфраструктура, почнувајќи од велосипедските патеки и ленти, преку паркинзите, заобиколувањето на автобуските постојки, типот на подлогата на патеките, аголот на рабниците и уште многу други работи – нагласи тој.
Притоа наведе дека, по донесувањето на овој Правилник, при секоја реконструкција на улица, велосипедската инфраструктура ќе мора да се планира и изведува со стандардни правила.
Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи- Шаќири, рече дека првпат во нашата држава се изработува еден правилник што опфаќа планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедската инфраструктура.
На настанот присуствуваше и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека иднината на нашите градови е со почист воздух, поздрави генерации и улици што им припаѓаат на луѓето, а не на загадувањето.
Тој ја поздрави одлуката на Министерството за транспорт за изготвување на новиот Правилник, кој, како што кажа, ќе овозможи јасни стандарди за изградба на современи и безбедни велосипедски патеки.
– Секој нов километар патека значи чекор кон европските стандарди, кон поздраво секојдневие и кон градови што нудат вистинска алтернатива за движење – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во Скопје денес има 144 километри велосипедски патеки и дека наскоро тој број ќе биде двојно поголем, бидејќи, како што истакна, тоа е патот кон град што дише и во кој граѓаните се движат слободно, безбедно и одржливо.
Како претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски ги повикува сите градоначалници, сегашни и идни, целосно да ги применат мерките од Правилникот.
– Само така ќе изградиме општини во кои велосипедот ќе стане симбол на здрава заедница и доказ дека локалната власт може и мора да гради подобра иднина за своите граѓани – дециден е Ѓорѓиевски.
Mинистерот за транспорт, Александар Николоски, потенцира на „Фејсбук“ дека во Законот за јавни патишта е предвидена основа за донесување правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура и дека во соработка со граѓанскиот сектор е изработен предлог-правилник, кој, како што напиша, ќе биде донесен во текот на следниот период.
– Со ова сакаме да испратиме порака дека велосипедот, како симбол на одржливата мобилност, е рамноправно превозно средство, а не само средство за рекреација. Со поддршка од државата и со визија на општините, можеме да изградиме градови што се поодржливи, побезбедни и подобри места за живеење – нагласи Николоски.
Пред презентацијата, присутните учесници велосипедисти групно возеа по велосипедската патека од хотелот „Континетал“ до објектите на Општина Гази Баба.
Како што истакна Арсовски, оваа велосипедска патека покрај булеварот „Александар Македонски“ е една од ретките во Македонија што се изведени по задоволителни стандарди за сите корисници.
Проектот е поддржан со ад хок грант на регионалниот проект „Смарт Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“, спроведен од невладини организации од Македонија, Босна и Херцеговина и од Албанија, а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка.
(А. П.)