Започнувањето на новогодишната програма и на божикниот базар, кој ќе трае и по Божик, вчера беше означено од првиот човек на градот, Орце Ѓорѓиевски. Тој најави дека од 15 до 31 декември, од 18:00 часот, граѓаните ќе може да уживаат во богатата програма, диџеј-сетовите и во многуте изненадувања. Секој викенд од 12:00 до 14:00 часот ќе има содржини посветени на најмладите, за кои ќе има работилници и други активности. Најмалите ќе може да проследат театарски претстави и да слушаат песни од фестивалот „Поточиња“. Вечерните часови ќе им бидат посветени на возрасните. Централниот дел на новогодишната програма ќе биде на 27 декември, кога точно напладне, на Градскиот плоштад, ќе пристигне Дедо Мраз и ќе им подари пакетчиња на дечињата. Јаготка на шлагот ќе биде забавата за новогодишната ноќ, на која ќе настапат познати музички имиња како: Каролина Гочева, Тамара Тодевска, „Два бона“, „Куку леле“, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски и други     

Со симболично палење на елката што беше поставена вчера на плоштадот „Македонија“, започна новогодишната прослава организирана од Државна лотарија на Македонија и од Град Скопје.

Градските власти ветуваат вистинска новогодишна зимска бајка, која ќе ги обедини сите генерации со семејствата.

Започнувањето на новогодишната програма и на божикниот базар, кој ќе трае и по Божик, беше означено од првиот човек на градот, Орце Ѓорѓиевски.

Тој најави дека од 15 до 31 декември, од 18:00 часот, граѓаните ќе може да уживаат во богатата програма, диџеј-сетовите и во многуте изненадувања. Секој викенд од 12:00 до 14:00 часот, ќе има содржини посветени на најмладите, за кои ќе има работилници и други активности. Најмалите ќе може да проследат театарски претстави и да слушаат песни од фестивалот „Поточиња“. Вечерните часови ќе им бидат посветени на возрасните.

Централниот дел на новогодишната програма ќе биде на 27 декември,  кога точно напладне, на Градскиот плоштад, ќе пристигне Дедо Мраз и ќе им подари пакетчиња на дечињата.

– Од 27 до 31 декември, Скопје ќе живее во полн празничен ритам – нагласи Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека годинава акцентот ќе биде ставен на младите  талентирани средношколци, кои ќе ѝ се претстават на присутната публика.

Јаготка на шлагот ќе биде забавата за новогодишната ноќ, на која ќе настапат познати музички имиња како: Каролина Гочева, Тамара Тодевска, „Два бона“, „Куку леле,“ Миле Кузмановски, Огнен Здравковски и други.     

– Имам само една желба оваа година, тоа е сите настапи да бидат од наши македонски изведувачи, затоа што нашите изведувачи не само што се познати дома, во Република Македонија, туку и надвор од нашите граници. Најдобро е кога се тука за Нова година и кога заеднички ја прославуваме на плоштадот – рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека се работи за голем настан, со многу големи ѕвезди, кои со години наназад не сме ги имале на исто место. Воедно, истакна дека и тој заедно со скопјани ќе ја пречека Новата година на плоштадот „Македонија“.

– Јас ќе бидам тука вечерта со сите вас и верувам дека ќе се обедини нашиот народ во Скопје, конечно, по долги години. Музиката не познава вера, ниту нација. Плоштадот „Македонија“ ќе биде исполнет со детски џагор, со детски насмевки, со весели луѓе, весели скопјани без разлика на верата и нацијата, кои заедно со нас ќе го дочекаат празникот – нагласи Ѓорѓиевски.

Градоначалникот беше дециден дека годинава нема да има огномет.

На новинарско прашање колку ќе го чини новогодишната забава Градот Скопје, Ѓорѓиевски одговори дека за забавата е задолжена Државна лотарија на Македонија, додека градските власти ќе потрошат само за украсувањето, и тоа помалку од 70.000 евра, што е помалку од она што се троши во другите метрополи и во другите градови во Македонија за таа цел.

(А. П.) Фото: (Ѕ. П.)

 

ИЗДВОЕНИ