Здружението на ловци „Стогово“– Дебар предупредува на, како што наведува, загрижувачка појава во градот и населените места, каде сè почесто диви животни како мечки, диви свињи, волци и лисици се приближуваат до населените места но и влегуваат во нив. Оваа појава, посочуваат, претставува зголемена опасност за граѓаните и за жителите во руралните подрачја, но и во градот.
– Овој феномен најчесто се случува во есенскиот период, кога дивите животни – особено мечките – бараат повеќе храна за да се подготват за зимата. Пред неколку дена, во доцните вечерни часови, граѓаните на Дебар се соочија со возрасна мечка на главниот булевар во градот, што претставуваше сериозна опасност – се наведува во соопштението на здружението.
Оттаму, без намера да се создаде паника, но со цел да се заштитат граѓаните, даваат неколку важни совети како да се постапува во вакви ситуации.
– Останете смирени – не правете брзи движења и не трчајте, повлекувајте се полека наназад, без да му го свртите грбот на животното, зборувајте со тивок и смирен глас, за мечката да разбере дека сте човек. Не гледајте ја директно во очи – тоа може да го сфати како провокација. Доколку е на поголемо растојание, направете мала бучава (плеснете со раце, зборувајте со нормален тон) за да се оддалечи. Ако, пак, е блиску и сè уште не ве забележала, останете мирни додека не се оддалечи. Веднаш известете ја полицијата, шумската служба или општината – советуваат од здружението.
До жителите, Здружението дава и совети што не треба да прават: „Не трчајте – мечката е многу побрза од човекот, не викајте и не ја провоцирајте, не ѝ приоѓајте за фотографии или видеа, никогаш не хранете ја – ќе се навикне да се враќа повторно, не следете ја во шумата, не оставајте храна надвор од домот или објектите“.












