Бетонските букви „Gluvowood“ кои се правени по теркот на познатите „Holywood“ и кои исто како и во филмскиот град се издигаат на ридот над скопското село, имаат многу интересна приказна. Специјално за весникот ВЕЧЕР ја раскажа сопственикот на тамошниот етноресторан „Рибилимус“, Јовица Кукуновски Кукун. Тој открива дека неговата идеја нема да можел да ја оствари без поддршка на семејството Русовски, наши иселеници во Австралија. Називот „Gluvowood“е повисок и потежок од холивудскиот. Најлесната буква тежи 3 тона, додека најтешката, а тоа е W, тежи 7 тона. Високи се 4 метри, а оние над Холивуд се два метра

 Селото Глуво е доказ дека заедно и сложно, но и без помош од државата и институциите, жителите можат сами да си направат туристичка атракција од едно место…

Главната атракција на селото Глуво се бетонските букви „Gluvowood” кои се наоѓаат на ридот над селото, на 250 метри од црквата „Свети Атанасиј“.

Виновникот за тоа што сега, по примерот на „Hollywood“, и ова село има сопствена атракција е сопственикот на тамошниот етноресторан „Рибилимус“, Јовица Кукуновски, викан Кукун, кој за весникот ВЕЧЕР ја раскажа  интересната приказна за тоа како се реализирала иницијативата да се постават овие букви на ридот над селото.

– На шега, една вечер, седејќи со нашите гастарбајтери од далечната Австралија во мојот ресторан, им предложив да направиме интересна приказна за нашето село кое дотогаш беше заборавено и го немаше на ниту една карта. Остана муабетот, а гостите си разотидоа. По неполни два часа ме повика мојата сопруга во ресторанот. Отидов и што да видам плик полн со пари од семејството Русовски. Од шега се случи вистина – раскажува Кукуновски.

Во пликот со пари, меѓу другото, било наведено дека тие се за тој да ги направи буквите.

– Истражував четири месеци како да ги направам. Прво сакав да ги направам од железни профили, но железото корозира и нема да траат, ако се светлечки од пластика, исто така брзо ќе се оштетат. Сакав да биде нешто трајно. Се консултирав со познат архитект, од него побарав помош и идеја, како со помалку пари да се направат буквите можни. Тој ми понуди прекрасно решение, буквите да се направат долу на земја со железо и бетон и потоа кога ќе се стегне бетонот тие да се кренат со машини – објаснува Кукуновски.

Тој го послушал и буквите биле направени на тој начин. Но, буквите во Глуво се големи четири метри за разлика од оние во Холивуд, кои се два метра.

Откако биле направени, буквите биле кренати со багери, а потоа и осветлени.

Оттогаш, вели Кукуновски, селото Глуво било избрано меѓу десетте најдобри туристички дестинации во Македонија, а сега веќе е и меѓу трите најдобри.

–  Сега Глуво не е село, тоа е елитна населба и ќе настојуваме да го направиме уште поубаво. Следната фаза која ни е на ум е на просторот од буквите до игралиштето да го направиме најголемиот „зиплајн“ во Македонија, но и жичница. Тоа ќе  биде кога ќе собереме пари – тврди Кукуновски.

Додава дека кога во Глуво ги прашуваат како се решиле да ги направат буквите, им раскажуваат своја измислена приказна дека познатата актерка, Анџелина Џоли, кога имала четири години, дошла овде со нејзината баба.

– Бидејќи наводно била родена во ова село, се миела од селската чешма стара 300 години и затоа усните ѝ се полни и убави и кога си заминувале од селото со баба ѝ оставиле аманет овде да се направат букви – се смее Кукуновски.

Тој информираше дека најлесната буква тежи 3 тона, додека најтешката, а тоа е W, тежи 7 тона.

– До буквите има даб стар 500 години кој нема срцевина. Внатрешноста на дрвото е шуплива и празна, а  гранките се живи, па старите, за да го заштитат, велеле „кој ќе скрши гранче ќе умре“– нагласува Кукуновски.

Во ова село е убаво да се посети и црквата „Свети Атанасиј“. Во нејзиниот двор, како што објаснува тој, има бунар на среќата.

(А.П.)     

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ