Центар е првата општина во државата што изработи Предлог-план за праведна енергетска транзиција на локално ниво. Планот е изработен во партнерство со Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Здружението за зелено општество „Гринер“ и содржи анализа, насоки и препораки кои веќе се применуваат.
Овој Предлог-план вчера го презентираа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со претставничката од Фондацијата „Фридрих Еберт“, Мила Ристановска.
-Со овој документ ја потврдуваме заложбата Центар да биде независна, ефикасна и зелена општина. Имаме визија, структура и јасна насока, тоа е реалност што веќе ја градиме. Конкретните проекти веќе носат одлични резултати на терен и затоа локалната самоуправа ќе продолжи на патот на енергетската транзиција. Први во државата отворивме Енергетска канцеларија, ја изградивме од темел енергетски ефикасната градинка „Пролет“, и поставивме фотоволтаици на покривот на објектот „Пепелашка“ на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“, каде што веќе постигнавме 50% заштеда на потрошувачката на електрична енергија. Ова не се изолирани проекти, туку дел од цврста и долгорочна стратегија – наведе Герасимовски.
Ристановска, истакна дека е горда што како Фондација заедно со „Гринер“ се учесници во процес во кој граѓаните, експертите и институциите вложија заеднички труд, каде што се креираа решенија кои се одржливи, така како што треба да изгледа една праведна транзиција.
-Патоказот за нас не претставува еден обичен документ, претставува приказ за тоа како изгледаат локални политики коишто се храбри, инклузивни, кои се насочени кон иднината. Ова претставува почеток на заедничката борба кон праведна и одржлива енергетска иднина – изјави Герасимовски.
Тој додаде и дека во рамки на реализирање на зелените политики е активниот зелен катастар на ГИС, со цел подобро урбано управување и заштита на зелените површини. Општина Центар преку својот ГИС, активно го пополнува Зелениот катастар – дигитална алатка што овозможува систематска инвентаризација на дрвјата и грмушките на својата територија. Катастарот содржи податоци за видот на растенијата, нивната состојба, димензии и точна местоположба, што овозможува поефикасно планирање и квалитетно одржување на урбаното зеленило.
(А.П.)