Црквата „Свети Константин и Елена“, лоцирана на улица „Македонија“, ги отвори своите врати по 13 години изградба, завршена со поддршка од бројни верници, донатори и институции. Свечениот чин го предводеше Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во сослужение со митрополити и свештенослужители од Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во својата беседа, архиепископот Стефан истакна дека изградбата на овој храм претставува „духовно и културно воскресение на едно место кое низ историјата сведочело за верата на скопјани“. Тој додаде дека храмот ќе биде дом на молитва, духовност и заедништво за сегашните и идните генерации. По осветувањето, беше одржана Божествена литургија на која многумина од присутните пристапија кон Светата тајна причест
На празникот посветен на светите цар Константин и царица Елена, по нов календар, денеска, во присуство на голем број верници и гости, свечено беше осветен новоизградениот православен храм во центарот на Скопје.
Со осветувањето, Скопје доби нов духовен центар кој ќе биде столб на православната вера во градот и место за собирање, молитва и духовна крепост за сите генерации, место каде што секој човек ќе може да најде утеха, сила и благослов.
Црквата „Свети Константин и Елена“, лоцирана на улица „Македонија“, ги отвори своите врати по 13 години изградба, завршена со поддршка од бројни верници, донатори и институции. Свечениот чин го предводеше Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение со митрополити и свештенослужители од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а започна со удар на црковното ѕвоно, во 8:30 часот.
На настанот присуствуваа претставници од државниот врв, локалната самоуправа, дипломатскиот кор, претставници од културниот и од јавниот живот, како и стотици граѓани кои дојдоа да бидат дел од овој историски момент.
Во својата беседа, Архиепископот Стефан истакна дека изградбата на овој храм претставува „духовно и културно воскресение на едно место кое низ историјата сведочело за верата на скопјани“. Тој додаде дека храмот ќе биде дом на молитва, духовност и заедништво за сегашните и идните генерации.
По осветувањето, беше одржана Божествена литургија на која многумина од присутните пристапија кон Светата Тајна Причест. Храмот блескаше со својата свежа архитектура, уметнички фрескоживопис и богат иконостас, за чие финализирање значителен придонес има и бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев. Свеченоста помина во мирна и возвишена атмосфера, а голем број граѓани останаа и по литургијата, разгледувајќи ја внатрешноста на храмот, палејќи свеќи и молејќи се за здравје и среќа.
Оваа црква претставува духовен наследник на оригиналниот храм „Свети Константин и Елена“ кој бил изграден во 1926 година, но бил уништен по земјотресот во 1963 година и последователната урбанизација на центарот на градот.
Новата црква е изградена со современи техники и традиционални византиски елементи, што ја прави единствен духовен и архитектонски објект во урбаното јадро на Скопје. Изградбата започна во 2012 година, а низ годините се соочуваше со бројни предизвици, особено финансиски, кои беа надминати благодарение на дарежливоста на поединци и заедници.
Автори на новоосветениот православен храм „Св. Цар Константин и Елена“ во Скопје се архитектите Искра Лековска и Владимир Лековски, од архитектонското студио „ЛЕЛЕЛЕЛЕ“.
Во 2008 година тие победуваат на меѓународен конкурс за идејно решение, распишан од страна на Министерството за култура на Република Македонија, по што во наредните две години го изработуваат основниот и изведбениот проект.
Зачетник на идејата за возобновување на црквата „Св. Константин и Елена“ е епископот Антаниски Партениј. Оваа идеја ја пренесува преку неговите духовни чеда од кабинетот на тогашниот министер за Транспорт и врски, Миле Јанакиевски, кој на драга волја ја прифаќа и ја предлага на тогашниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски. Со голема радост и желба во Скопје да се направи најубав православен храм на Балканот ја прифаќа и го отпочнува процесот за изградба.
(А. П.) Фото: (S. П.)