понеделник, јануари 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА 2026 – година на големи предизвици и градежна експанзија за Општина Битола

2026 – година на големи предизвици и градежна експанзија за Општина Битола

Општината продолжува со завршување на започнатите проекти и инвестирање во инфраструктура, образование и водоснабдување

0

Годината што започнува ѝ носи на Општина Битола нови предизвици, но и шанса за значаен напредок во инфраструктурните и во општествените проекти. Градоначалникот, Тони Коњановски, и локалната самоуправа остануваат посветени на реализацијата на проекти кои ги подобруваат условите од секојдневието на граѓаните.

Голем дел од проектите започнати во 2025 година се завршени, додека останатите продолжуваат според предвидените фази на реализација. Посебно внимание се посветува на патната инфраструктура, која е еден од најчестите приоритети на граѓаните. Еден од завршените проекти е „Доградба на коловоз на локален пат за село Буково“. Со асфалтирањето се реализира проектната ширина од 5,50 метри, а вкупната инвестиција изнесуваше 19.690.365 денари. Овој пат сега им овозможува побезбедно и полесно движење за жителите и сите кои го користат локалниот пат.

Во делот на образованието, Битола бележи напредок со новата енергетска фасада на ОУ „Стив Наумов“. Со инвестиција од 6.298.291 денари, заедно со претходната реконструкција на покривот и поставувањето на фотонапонска електрична централа, ова училиште станува едно од најенергетски ефикасните во градот. Со тоа се потврдува заложбата на градоначалникот и локалната самоуправа за енергетска ефикасност и заштита на животната средина во општинските јавни објекти.

Општина Битола, оваа година, вложува околу 4,7 милиони евра во спортската инфраструктура во училиштата. Целта е јасна – подобри услови за учениците и здрав живот преку спорт. Во планот се реконструкција на спортската сала во Бистрица; изградба на три нови училишни сали во ОУ „Стив Наумов“, подрачното училиште „Даме Груев“ (Долно Оризари) и ОУ „Тодор Ангелевски“ (Ушици); изградба на спортски игралишта во ОУ „Гоце Делчев“, „Даме Груев“, „Коле Канински“ (Буковски ливади), подрачното училиште „Тодор Ангелевски“ (Горно Оризари), поранешното турско училиште во ОУ „Гоце Делчев“ и ОУ „Тодор Ангелевски“ (Ушици); реконструкција на постојните игралишта во ОУ „Климент Охридски“, „Трифун Пановски“, „Ѓорги Сугарев“ и во населбата „Стрелиште“.

Проектите се финансирани со 227,8 милиони денари од Владата и дополнителни 61,6 милиони од буџетот на Општина Битола.

Општина Битола беше рекордер и во бројот на добиени проекти од повиците на Владата со средства од унгарскиот кредит – 16 проекти од првиот повик и дури 65 проекти од вториот повик. Меѓу нив е и целосното завршување на реконструкцијата на водоводната линија Битола – с. Поешево – с. Логоварди во должина од 6 километри. Со замена на азбестно-цементните цевки со полиетиленски „ХДПЕ“ и нови приклучоци за домаќинствата, водоснабдувањето доби значително подобрување, а долгогодишните проблеми на граѓаните беа решени. Вкупната вредност на овој проект изнесуваше 29.349.605 денари.

– Наша цел е секој проект да одговара на потребите на граѓаните и да ги подобрува нивните секојдневни услови. Со силен фокус на патната инфраструктура, енергетската ефикасност и водоснабдувањето, Битола продолжува да се развива како модерен и одржлив град – рече Коњановски.

Тој нагласи дека 2026 година ветува интензивна работа, нови предизвици и завршување на значајни проекти кои ја градат Битола како пример за успешна локална самоуправа.

ИЗДВОЕНИ