Министерството за енергетика реализираше стратешки проекти, реформи и соработка со јавноста, со фокус на обновливи извори, енергетска ефикасност и безбедност на снабдувањето

 

Во 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини спроведе интензивна и транспарентна политика на комуникација со јавноста и медиумите, паралелно реализирајќи клучни реформи и проекти во енергетскиот и рударскиот сектор. Министерството објави преку 250 соопштенија и информации до медиумите, одржа редовни брифинзи и обезбеди навремени одговори на сите прашања од јавен интерес, со цел јавноста континуирано да биде информирана за сите политики, одлуки и постигнати резултати.

Ресорната министерка, Сања Божиновска, оствари преку 700 работни средби и координации со домашни и меѓународни партнери, како дел од системски пристап за планирање и стабилност во секторот. Првпат беа формирани повеќе советодавни и координативни тела за стратешки прашања во областа на електрична и топлинска енергија.

– 2025 година беше година на интензивна, теренска и стратешка работа во енергетиката и рударството. Преку засилена институционална активност, широка вклученост на стручната јавност и континуирана комуникација, поставивме јасни основи за ред, стабилност и долгорочен развој на секторот – истакна Божиновска.

Министерството оствари и континуирана соработка со државни институции, регулаторни тела, јавни претпријатија, стопански комори, бизнис-заедницата, невладиниот сектор и стручната јавност, градејќи отворен и инклузивен модел на комуникација.

Првпат е усвоен Годишен план за изградба на енергетски објекти, кој воведе ред и јасни приоритети. Планот опфаќа 481 објект со вкупна моќност од 1.265 МW, претежно од обновливи извори – 812 МW соларни и 426 МW ветерни, со значајни инвестиции во складирање на електрична енергија.

Во 2025 година се исплатени околу 40 милиони денари премии за фотоволтаици, а во тек е усогласување на нов Закон за обновливи извори со ЕУ директивите. Пазарот на гаранции за потекло функционира со повеќе од 122.000 издадени сертификати. Истовремено е усвоен тригодишен план за реконструкција на 14 јавни згради со површина од 102.992 квадратни, со цел намалување на трошоците, помали емисии и модернизација на јавниот сектор.

Од Министерството за енергетика посочуваат дека Македонија бележи значителен напредок во имплементацијата на обврските од Енергетската заедница:

Пазарна интеграција: 61 % (2024: 54 %)

Декарбонизација на секторот: 50 % (2024: 49 %)

Сигурност во снабдување: 41 % (2024: 21 %)

Институционална подготвеност: 76 % (2024: 74 %)

ИЗДВОЕНИ