Политичките аналитичари и комуниколози, секој од свој аспект различно ги толкуваат настапите, но во едно се согласни – партиите на овие избори не покажаа поголема инвентивност ниту во директната ниту во индиректната комуникација со гласачите. За весникот ВЕЧЕР оценуваат дека политичките пораки се “стерилни и предвидливи, а кампањата личи на копија од претходните. И уште, дека оваа кампања нуди повеќе дискредитации отколку вистински решенија за секојдневните проблеми. Според комуникологот Бојан Кордалов, најголемиот број пораки, како да не ја погодуваат суштината или очекувањата на гласачите. Од страна гледано, политичката и медиумската сцена во делот на кампањата за претстојните избори изгледа како гладијаторска арена во која се води финална битка за политичко опстојување“. За Гоце Пачемски, специјалист за односи со јавност и комуникациски менаџмент генерално, кампањата за овие локални избори изгледа и звучи многу неоригинално, генерички и досадно. Според него, дел од пораките што ги испраќаат одредени партии и кандидати звучат дури и премногу арогантно и самоуверено, што упатува на тоа дека се наменети повеќе за мотивирање на сопствените партиски членови и симпатизери, отколку да генерираат интерес кај неопределените гласачи. И аналитичарот Благојче Атанасовски се согласува дека партиите и на овие избори излегуваат со неинвентивни и старомодни настапи. „Во овие триесет и пет години повеќе партиска демократија, гледаме преповторување на кампањата на политичките партии, меѓусебни обвинувања и ветувања за проекти. Ништо ново и оваа кампања, односно класичен македонски предизборен фолклор“ вели Атанасовски. |
Кампањата за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври влегува во второ полувреме. И вчера, на единаесеттиот ден, политичките партии, коалициите и независните кандидати продолжија со интензивни активности на терен – со митинзи, средби со граѓани и претставување на своите изборни програми. Се разбира, неизоставен дел од декорот остануваат меѓусебните дискредитирања меѓу политичките ривали кои не испуштаат прилика да возвратат остри критики. Секојдневно сме сведоци на се пожестока, но и црна кампања и наративи кои најчесто се однесуваат на теми што не се поврзани со локалните проблеми на општините. Политичките аналитичари и комуниколози, секој од свој аспект различно ги толкуваат настапите, но во едно се согласни – партиите на овие избори не покажаа поголема инвентивност ниту во директната ниту во индиректната комуникација со гласачите. Оценуваат дека политичките пораки се “стерилни и предвидливи, а кампањата личи на копија од претходните. И уште дека оваа кампања нуди повеќе дискредитации отколку вистински решенија за секојдневните проблеми. Според комуникологот Бојан Кордалов, за една кампања да биде интересна, треба да биде фокусирана кон луѓето, а не кон политичките противници.
-Стратегијата на водење на дискредитациона кампања и фокус кон опонентите давала резултат на почетоците на плурализмот, кога таквиот пристап бил нешто ново и дотогаш невидено во претходните децении. Денес, после 35 години и поминати десетици кампањи со таков наратив, овој пристап изгледа како нешто „веќе видено и слушнато“, вели Кордалов за весникот ВЕЧЕР. Но, тој додава дека и во оваа кампања секоја од партиите и кандидатските листи води кампања според своето искуство можности и комуникациска стратегија.
-Оттука, гледаме различни пристапи и пораки, но поголемиот број од нив се чини како да не ја погодуваат суштината или очекувањата на гласачите. Од страна гледано, политичката и медиумската сцена во делот на кампањата за претстојните избори изгледа како гладијаторска арена во која се води финална битка за политичко опстојување. Токму ваквиот пристап на партиите, особено на поголемите, придонесува да креираат пораки кои се слушнати и видени на сите досегашни избори што ја прави кампањата интересна главно за партиски определените гласачи, додека, пак неопределените остануваат повторно надвор од нивната ПР стратегија. Од друга страна, помалите партии и независните листи борејќи се за своето присуство и видливост воведуваат различен пристап во својата кампања и главно се насочуваат кон неопределените гласачи, вели Кордалов.
Дека партиите не нудат ништо ново, се согласува и Гоце Пачемски, специјалист за односи со јавност и комуникациски менаџмент.
-Генерално, кампањата за овие локални избори изгледа и звучи многу неоригинално, генерички и да не речам – досадно. Деновиве слушнав и еден шеговит опис на оваа кампања – „ChatGPT кампања“, со кој за жал се согласувам, гледајќи ги слоганите, дизајнерските решенија, но и клучните пораки што ги испраќаат партиите и кандидатите кон јавноста. Ваквиот впечаток особено го засилуваат кампањите на големите партии кои користат веќе видени визуелни решенија и стерилни пропагандни слогани кои, во најголем дел, се пренесуваат по вообичаени канали за масовна комуникација, вели Пачемски за весникот ВЕЧЕР. Според него, дел од пораките што ги испраќаат одредени партии и кандидати звучат дури и премногу арогантно и самоуверено, што упатува на тоа дека се наменети повеќе за мотивирање на сопствените партиски членови и симпатизери, отколку да генерираат интерес кај неопределените гласачи.
-Во содржинскиот дел, изборните програми и реториката на голем број кандидати се полни со амбициозни проекти и нереални ветувања, додека понудата на практични решенија за акутните, секојдневни проблеми кои имаат големо влијание врз квалитетот на животот на сите жители на општините и локалните заедници, имам впечаток дека целосно е запоставена или намерно се одбегнува. Сметам дека клучниот проблем за ваквата стерилна кампања е тоа што најголем дел од партиите и останатите учесници во кампањата, при креирање на нивните комуникациски стратегии и активности, не се раководат од вистинските проблеми на луѓето во локалните заедници и тие не се резултат на професионална, стручна работа и знаење, туку на импровизации и лични преференции, анализира Пачемски.
И аналитичарот Благојче Атанасовски се согласува дека партиите и на овие избори излегуваат со неинвентивни и старомодни настапи.
-Во овие триесет и пет години повеќе партиска демократија, гледаме преповторување на кампањата на политичките партии, меѓусебни обвинувања и ветувања за проекти. Ништо ново и оваа кампања, односно класичен македонски предизборен фолклор. Единствено гледам отстапување кај кандидатот на СДСМ во Општина Ѓорче Петров Костадин Ацевски, кој има различна и иновативна кампања од останатите, советничката листа на ЗНАМ во Струмица се доста креативни и видливи, како и кандидатот за градоначалник во Општина Центар Горан Герасимовски. Од друга страна коалицијата предводена од ЛДП претставува шареноликост во кампањата преку кандидатите за градоначалници и советници кои не доаѓаат од двете спротиставени јадра кои гравитираат околу двете доминантни политички партии. Овие кандидати за градоначалници и советници, делумно се двојат и отстапуваат од преостанатите, вели Атанасовски. Според него, се гледа и пад на мобилизација на партиски “ војници“ кои агитират на терен во однос на минатите избори, односно граѓаните се помалку се вклучуваат во изборните кампањи и партиските активности во комуникацијатата „очи во очи“.
Кампањата за локалните избори завршува на 17 октомври на полноќ, по што настапува 24-часовен молк пред изборите на 19 октомври. Вториот круг ќе се одржи на 2 ноември. На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури. (Е.А.)