Гевгелија беше домаќин на над 3.000 атлетичарки и атлетичари од четиринаесет земји (Македонија, Грција, Бугарија, Косово, Србија, Албанија, Хрватска, Босна, Турција, Финска, Португалија, Германија, Кенија и Мароко).

Инклузивната трка „Новембер ран – ран тугедр“, која ја организираше Фондацијата „Ице Бегов“ – Скопје во соработка со АК „7 Ноември“ – Гевгелија е трка што ги менува животите, момент кога лицата со телесна и со друга попреченост, конечно, се чувствуваат еднакво, трчаат заедно со своите соученици и пријатели, се смеат и победуваат, момент кога хуманоста и емпатијата стануваат најсилната енергија, кажа, пред да го означи почетокот на трката, Елена Бегова, мајката на Ице Бегов, момчето што поседуваше посебна енергија, добрина и милосливост и во чија чест се организира оваа трка.

Потоа, многубројната публика уживаше во трките на 5 и на 10 километри во машка и во женска конкуренција. Покрај македонските атлетичари, на двете трки имавме можност да ги видиме  и Елзан Бибиќ (национален рекордер на Србија, европски младински шампион и учесник на последната Олимпијада), Томислав Новосел (национален рекордер на Хрватска), Урош Гутиќ (национален рекордер на БиХ), Греса Бакрачи (национална рекордерка на Косово и учесничка на Олимпијада),  шестмина учесници од Кенија и натпреварувачот Мохамед ел Газуани од Мароко.

Елдан Бибиќ од Србија ја оправда улогата на фаворит и го освои првото место на трката на 10 километри, со нов рекорд на патеката од 28 минути и 45 секунди. Второто место го освои Мохамед ел Газуани од Мароко, додека трет беше Хилари Кимајо од Кенија. Од македонските атлетичари, најбрз беше Александар Арсов, кој го освои седмото место, а најбрз гевгеличанец  на 10 километри беше Стеван Ѓошев.

Во женска конкуренција доминираа атлетичарките од Кенија, прва со време од 36 минути и 11 секунди беше Валентин Жебе, пред Челангат Санг и Бугарката Маринела Нинева. Најдобра Македонка беше Адријана Поп Арсова од АК „Делта 3“, која се пласираше на четвртото место, а најдобропласирана гевгеличанка беше Марија Пеликон од АК „7 Ноември“, која стигна десетта на целта.

На 5 километри, првото место со време од 15 минути и 1 секунда го освои Бернард Кипротич од Кенија, втор беше Урош Гутиќ од БИХ, а трет Атанас Куцаров од Бугарија. Грегоријан Никовски од АК „Делта“ беше најдобропласиран македонски атлетичар (четврто место), а Влатко Семенаков од АК „7 Ноември“ беше најдобриот гевгелиски атлетичар (единаесетто место). Во женска конкуренција, победи Греса Бакрачи од Косово (16 минути и 56 секунди), пред Росе Јепчумба од Кенија и Македонката Ирма Хајдари, која го освои третото место. Најдобропласирана гевгеличанка беше Наташа Демирџиева, која го освои седмото место. (Љ.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ