На граничниот премин Евзони, вчера ситуацијата беше редовна и сите служби функционираа без застој. Како што неофицијално дознава весникот ВЕЧЕР, на овој граничен премин кон соседна Грција во моментов не се врши електронско регистрирање на податоците на државјаните на трети земји што не се дел од ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани што патуваат со сопствени возила.
Имено, во првата фаза, која ја применуваат грчките погранични служби од 12 октомври, се врши селективно електронско регистрирање само на возачите на тешките товарни возила што влегуваат во Република Грција, и тоа во времето од 9:00 до 17:00 часот. Во втората фаза ќе бидат електронски регистрирани патниците на редовните автобуски превозници, додека во третата и последна фаза, која треба да се применува од средината на декември 2025 година, биометриски податоци ќе треба да оставаат сите патници од трети земји што ќе влегуваат во Република Грција. Република Грција има намера да побара помош во персонал од страна на Фронтекс, како и мобилни уреди за регистрирање на патниците што патуваат со автобуси, сè со цел ефикасно и брзо преминување на граничните премини кон јужниот сосед.
Ова се случува поради фактот што ЕУ им даде период на транзиција на земјите членки на Европската Унија, во периодот од октомври 2025 до април 2026 да го воведат новиот систем по фази. Тоа значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини, па и граничниот премин Евзони, не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026 година, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи.
Инаку, сите членки на Шенген-зоната од 12 октомври започнаа со постепено воведување на новиот дигитален Систем за влез/излез (ЕЕС) на граничните премини на своите надворешни граници. Во практика, тоа значи дека граѓаните од трети земји ќе треба еднаш да се регистрираат со отпечаток од прст и со фотографии, но откако еднаш ќе го направат тоа, следниот пат ќе можат да го користат автоматскиот влез на аеродромите. Спроведувањето на системот на сите копнени премини, аеродроми и пристаништа треба да заврши во период од шест месеци.
Во текот на периодот на постепено воведување на ЕЕС, земјите членки на Шенген-зоната можат самостојно да одлучат на кои гранични премини ќе го имплементираат системот и кога. Целта на ваквиот пристап е да им се овозможи на граничните власти, транспортната индустрија и на патниците да се приспособат на новите процедури. (Љ.А.)