ВЕЧЕР, еден од најстарите и најпрепознатливи весници во Македонија, денес го слави својот 62. роденден. Од првиот број објавен во 1963 година, до денешниот 18.947 број, испиша импресивна историја исполнета со преку 2,5 милиони текстови, колумни, репортажи, фотографии и сведоштва кои ја бележеа и ја обликуваа современата македонска реалност. Остана посветен на своите читатели, чувар на довербата, оти ВЕЧЕР не е само извор на информации. ВЕЧЕР е чувар на идентитетот, на јазикот, на традицијата и на колективната свест.
Поминаа децении и генерации, се сменија општества, медиумски форми и технологии, a во овие 62 години светот околу нас се промени повеќе отколку во цели векови пред тоа. Од оловни букви и печатарски машини, преку компјутерски редакции, до дигитални платформи и вештачка интелигенција – новинарството ја минува својата најдлабока трансформација.
Ова се тешки времиња, особено за традиционалните медиуми. Сведоци сме дека печатените медиуми почнаа да бледнеат кога интернетот и социјалните мрежи успеаја да се наметнат и да ја променат формата на новинарството. Но, ВЕЧЕР и натаму успева да им одолее на сите предизвици и секојдневно да биде меѓу читателите, најмногу благодарение на силата што доаѓа однатре – од своите новинари, фоторепортери, техничари, уредници, кои секој ден со ист ентузијазам ја создаваат неговата содржина. И сето тоа со неизмерна поддршка и визионерство на менаџерскиот тим. Остануваме тим и денес, кога веста се создава, дистрибуира и коментира со невидена брзина, алгоритмите пишуваат текстови, генерираат фотографии и моделираат мислења.
Свесни дека во ова време на дигитална револуција, кога „Чет-ГПТ“ може да создаде текст за неколку секунди, како весник имаме уште повисока мисија – да ги чуваме вистината, контекстот и човечноста во новинарството. Во време на вештачка интелигенција, секојдневно да докажуваме дека вистинската интелигенција е човечката – таа што чувствува, разбира и што пишува со срце. Во време кога новинарскиот жар зад екраните потсетува дека човечката приказна и емоцијата немаат замена. Во ера кога веста патува за неколку секунди, кога алгоритмите, а не вистината, ја диктираат брзината, ВЕЧЕР останува верен на суштината на новинарството – проверена информација, одговорен збор, човечки пристап. Оти „Чет-ГПТ“ може да ја генерира информацијата за неколку секунди, но вистината не може да се автоматизира. Вештачката интелигенција може да понуди содржина, но не може да препознае јавен интерес, не може да постави прашање во име на граѓанинот, ниту да ја почувствува тежината на зборот кога се работи за човечка судбина. А во време кога машините пишуваат текст за секунда, вистинската вредност на медиумот не е во тоа колку брзо објавува, туку колку одговорно избира што ќе објави. Во тоа е иднината на ВЕЧЕР – во новинарската совест, во проверената информација, во човечкиот пристап кон секој збор.
Најголема гордост е што ВЕЧЕР е весник што сè уште се продава во трафика. Дека ритуалот за утринско кафе и допирот со вистински весник сè уште живее и дека сè уште постојат читатели кои сакаат да ја почувствуваат веста и преку мирисот на свежо отпечатена хартија со прелистувањето на страниците, не само со „пролистување“ на екран. Весникот ќе живее додека има луѓе што веруваат во вистината и што сакаат да ја прочитаат – не само да ја видат. Тоа е и главната мотивација која и натаму ќе нè води напред.
И да повторам, ВЕЧЕР опстојува затоа што зад него стојат луѓе со професионализам и визија – генерации бардови во новинарството, репортери, уредници, фоторепортери, техничари и соработници кои ја создаваа оваа традиција збор по збор и број по број. Од првиот, па до денешниот, кои грижливо се чуваат во архивата на ВЕЧЕР како жив споменик на македонското новинарство. Богатство што чека да биде дигитализирано, за да можат идните генерации да ја допрат историјата одблизу.
Во чекор со новото време, порталот vecer.press претставува модерна еволуција на весникот, медиум кој ја спојува традицијата со современите дигитални стандарди. Порталот важи за еден од најрелевантните и најдоверливите информативни извори во земјата, место каде што читателите можат да најдат навремени, проверени и професионално обработени вести од сите општествени области – политика, економија, култура, спорт и забава. Весникот ВЕЧЕР и vecer.press ја прават симбиозата на традицијата и современоста – медиум кој ја разбира брзината на новото време, но не ја заборава длабочината и одговорноста на вистинскиот новинарски збор. Со силна редакција, верност кон фактите и со посветеност кон јавниот интерес, ВЕЧЕР и преку својот портал продолжува да биде симбол на вистинското новинарство во Македонија.
И денеска, на овој многу значаен ден и за вечеровци и за нашите читатели, не можеме да не ги споменеме неколкутемина новинарски ентузијасти кај кои се роди идејата за вечерен весник што ќе ѝ понуди на македонската јавност вистински информации, збор со тежина и новинарство со интегритет. Поклон до земја за нивното визионерство и за истрајноста што ги наследил секој што бил дел од редакцијата.
Да се потсетиме на 11 ноември 1963 година, во време кога постземјотресно Скопје никнуваше од пепел, како зрак надеж се роди весник кој ќе стане негов глас, сведок и хроничар. Основан како орган на Градската организација на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Скопје, ВЕЧЕР од првиот ден ја презеде својата мисија – да го пренесе животот на градот, да ги раскаже неговите приказни, да биде огледало на македонското секојдневие, да пулсира меѓу своите читатели. Приказната на ВЕЧЕР на која секој роденден со гордост се присетуваме и ја раскажуваме за да не се заборави.
И навистина, не без причина се вели: еднаш „вечеровец“, засекогаш „вечеровец“!
На 62. роденден, кога го славиме не само минатото, туку и упорноста, искуството и иднината, ВЕЧЕР продолжува – со истата мисија, со истиот дух, со иста љубов кон вистината и со иста верност кон својата публика.
Почитувани читатели,
Оваа колумна ја пишувам со посебна чест и одговорност – со 24 години како дел од ВЕЧЕР и веќе една година како главен и одговорен уредник. И токму оваа позиција, која за многумина изгледа како титула, за мене е, пред сè, обврска и доверба. Доверба во тимот, во нашите читатели, во самиот бренд ВЕЧЕР. Да се биде на чело на медиум со ваква историја не е само професија — тоа е должност кон сите што го создале, што го чувале и што го читале овој весник.
62 години се зад нас, а пред нас стои ново време – време во кое треба уште посилно да ги чуваме вистината, професионалноста и достоинството на зборот.
И сè додека постојат читатели кои сакаат да ја дознаат вистината и новинари што се подготвени да ја бранат, ВЕЧЕР ќе трае.
Останете со нас.
М-р Елизабета АРСОСКА
Главен и одговорен уредник












