Што се случува?… пораката што му ја пишав на Андреј и ден-денес стои непрочитана

Во сведочења исполнети со солзи и страв, мајките на загинатите деца во кочанската дискотека „Пулс“ ја раскажуваат ноќта која им го одзеде животот на нивните чеда. Преку трауматични детали за пожарот, хаосот пред дискотеката и болничките ходници, тие ја пренесуваат загубата на нивните деца, болката и гневот кон оние што не им помогнале.

316
Морничави сведоштва на родителите за ноќта во која згаснаа животите на децата во кочанската дискотека на смртта

 

Во тивка и напната атмосфера, исполнета со солзи, воздишки и страв од сеќавањата,  продолжи судењето за трагичниот пожар во „Пулс“ со сведочења на мајките на починати деца. На местото каде што сите погледи беа вперени —  клупата за сведочење — прва застана мајката Марија Петрушева, која од два сина внатре во пеколот, изгуби еден, постариот-Андреј. Со кршлив глас и паузи меѓу речениците, таа ја опиша најстрашната вечер во нејзиниот живот — часовите во кои си ги барала двете деца, меѓу мртвите полегнати пред диското и болничките кревети од кои на еден, на вториот кат, лежел Андреј, мртов.

24 годишното момче таа ноќ тој не планирало да работи во „Пулс“— бил повикан како испомош лично од газдата Дејан кој е првообвинет за несреќата. И неговиот помал брат Кристијан бил повикан за истото, но одбил ,одлука поради која денес е жив.

-„Во 6:30 часот тој ден последен пат го слушав неговиот глас,“ сведочеше мајката Марија Петрушева, ни најмалку не помислувајќи  дека тоа ќе биде нејзиниот последен разговор со синот. Тој ѝ рекол дека е уморен од смената во локалот каде работи и оти ако најде замена ќе се откаже од работата во „Пулс“. Но, замена не се нашла. Околу 2:40 по полноќ, Петрушеви ги слушнале првите сирени, кои станувале се почести, а потоа и возилата брзајќи према болницата станувале сѐ повеќе, многу цивилни коли со вклучени трепкачи се движеле кон излезот на градот. Во тој правец е „Пулс“. И почнала паниката.

„Погледнавме кон ридот — небото светеше во огнот.“ Тогаш Марија започнала панично да ги бара синовите. Ни Андреј, ни Кристијан не се јавувале. „Му пишав на Андреј: ‘Што се случува?’… Таа порака и ден-денес стои непрочитана“, кажа со таа со треперлив глас. Кога пристигнале, начекале хаос, дикостеката се уште била во пламен. Некој ѝ рекол дека го видел Кристијан, но не и Андреј. Сопругот влегол внатре, додека таа пред дискотеката ги превртувала телата на младите луѓе, молејќи во мислите да не го пронајде својот син меѓу нив.

„Сѐ уште не сфаќав дека тие деца се мртви. Си мислев — онесвестени се од чадот, ќе се разбудат.“ Во тој хаос, еден пријател на Андреј, забележувајќи ја Марија како трча и вика, ѝ кажал дека синовите и се однесени во болница, дека Андреј имал слаб пулс, а Кристијан бил подобро. Но , надежтта се срушила кога стигнале во болницата. Ходникот бил преполн со деца — некои на клупи, некои на подот, изгорени, поцрнети, без здив. Трчајќи низ одделенијата, барајќи си ги децата, го пронашла Кристијан. „Мамо, не успеавме, не го спасивме брат ми,“ ѝ рекол тој, беспомошно, со очи полни вина. Но, Марија одбивала да го прифати тоа — сѐ додека не го видела Андреј како лежи неподвижен во собата број 2.

„Изгледаше како да спие. Неговиот лик беше ист… немаше изгореници. Не можев прифатам со умот дека тој веќе не дише,“ сведочеше мајката. Тогаш таа и сопругот, заедно со Кристијан, започнале да му даваат вештачко дишење. Секој звук што детето ќе го испуштело, таа го земала како знак дека се буди, дека се враќа. „Го молев: ‘Андреј, врати се! Те чекам!’“ Но лекарот само ја ставил раката на неговиот врат и ја „соборил“ со зборовите: „Нема пулс.“

Марија долго лежела до телото на син ѝ, гушкајќи го за последен пат пред да биде однесен на обдукција во Скопје. „Сакав да останам со моето дете додека не ме избркаа.“ Кристијан, кој неколкупати се враќал во дискотеката внатре да спасува други, живее со вина што не можел да го извлече и брат му. „Тие десет минути додека извлекував други… можеби беа клучни за Андреј,“ ги пренесе мајката зборовите кои цел живот ќе го мачат помладиот брат. „Во овој момент јас покрај неповратната загуба на едниот син, се борам и психички да го подигнам другиот син. Некогаш мислам дека сум успеала, но тоа ќе остане засекогаш во него – рече Марија. Додека таа го преживуваше кошмарот од 16 март, сопственикот Дејан вкочането гледаше во една точка ,со главата надолу.

-– Во овој момент можам да кажам дека завидувам на една личност која е најодговорна за смртта на моето дете, оти неговиот син е до него, а мојот не е до мене– заврши мајката на загинатиот Андреј Петрушев.

По неа уште две мајки на починати деца во трагедијата, го пренесоа траурот од несреќата, ама и гневот кон оние што можеле, но не помогнале да се спасат нивните чеда.

Ивана Минова се присети на таа вечер, нејзината ќерка Драгана требало да наполни 17 години. Била посветена ученичка во втора година на медицински факултет во Штип, со желба да стане педијатар. Таа вечер, заедно со другарките, заминала на концерт во дискотеката „Пулс“ и повеќе не се вратила дома.

Околу 12:20, мајката тргнала кон дискотеката, да ја носи нејзината ќерка на концерт на омилената група „ДНК“. По пат видела многу деца, претежно малолетни, некои од нив ги познавала. Пред влезот, низ гужвата, видела среќни и насмеани лица — „никој не претпоставуваше дека вечерта ќе заврши со трагедија“, рече. Пред да излезе од колата, Драгана ја гушнала мајка си за последен пат. Подоцна, околу 2 часот, ѝ пратила порака и кратко видео: „Сè е во ред, биди спокојна.“

Кога Ивана пристигнала пред „Пулс“, пред неа имало пожарно, полициско и болничко возило. Деца лежеле на земја — некои починати, други повредени, на некои лицата им биле целосно црни. Во хаосот, таа ја барала својата ќерка, ѝ ѕвонела, викала, но немало кој да ја слушне.

„Внатре, оние кои навистина имаа потреба од помош, беа оставени сами. Помагаа само оние кои сега се мртви… Моето дете никаде го немаше“, раскажуваше мајката, низ солзи.

По извесен период, пред влезот го видела сопругот како стои до Драгана. За момент се надевала дека е само онесвестена — на телото немало изгореници. Но тој веќе знаел дека е почината. Ја зел во раце и ја однел во болница, каде глетката повторно била страшна: мртви деца во ходниците, крв, мирис на пожар и изгорено месо. Половина час лежела на подот додека не ја повикале да ја пренесат. Мислејќи дека ќе ја однесат на одделение, погледот ја водел кон мртовечницата.

„Драгана, мојот живот, моето дете, отиде во диско и се врати дома во сандак…“, се скрши од болка мајката-сведок. Таа побара од обвинетите да ја признаат вината, бидејќи потписите на документите го одредиле крајот на животите на децата.

Слично сведочеше и Габриела Наунова, мајка на починатата Надица. Таа, во очај, кршела ѕид за да ги спаси заглавените девојчиња во тоалетот. Побарала помош од полицаец, но тој и рекол дека не е обучен за тоа.  Во болницата, и покрај краткото враќање на пулсот, Надица лежела мртва, сама на креветот. „Беше тоа мојата Надица, чиста како солза, парфмот уште и мирисаше, плачеше таа. Сведочењата на мајките предизвикаа силен плач кај сите родители на жртвите, а судот мораше да го прекине рочиштето за тие да се соземат. Судењето продолжува на 14 јануари со сведочења на родители на жртвите. (П.А.)

Газда Деко прошверцувал мобилен во ќелијата

Во ќелијата на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, бил пронајден мобилен телефон со сим картичка. На почетокот на судењето судијката Дијана Груевска Илиевска, го укори да не му се повтори. -Не знам кој ви ги носи, не знам, но сега ќе дадам опомена. Да не се повтори. Следниот пат ќе забранам посети, го укори првообвинетиот судијката Груевска Илиевска

 

ИЗДВОЕНИ