Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ: Македонија – маченица, велика, непобедива

132 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО НА ВМРО

330

Деновиве, кога ја одбележуваме 132-годишнината од основањето на Македонската револуционерна организација, попозната под името ВМРО, (Солун, 1893), не е на одмет да се потсетиме на времето кога таа е основана, на искушенијата во кои се наоѓал македонскиот народ, потоа на нејзините цели, задачи, на нејзината борба за ослободување и за создавање на македонска држава.

Во втората половина на 19 век, животот на народот во Македонија многу се влошил. Османлиската Империја загубила повеќе територии, а за да ги надомести приходите на териториите што ги задржала, ги зголемила даноците. Тоа резултирало со големи насилства, грабежи, убиства… Но и инаку поради нараснатите ослободителни движења во Империјата, теророт станал неподнослив, поради што дошло до осиромашување на народот и до големо иселување. „Единствен начин да успееш во Македонија е да ја напуштиш“, вели англискиот публицист Хенри Ноел Блејсфорд, кој во 1903 – 1904 година ја посетил Македонија.

Поголем број дипломати, патописци, дописници на големите европски весници или случајни минувачи, сведочат за убавините на Македонија, но и за невиден терор врз населението од страна на официјалната османлиска власт. „Тешко е да се замисли посовршен систем на пљачкосување и искористување“, вели Брејлсфорд. Англискиот новинар и официјален воен дописник на весникот „График“, Џон Бут, пак, кој во 1904 ја посетил Македонија, запишал: „Македонија е убава земја, преубава за да биде гнездо на омраза и крвопролевање. Плодна, но сиромашна, продуктивна, но нема ништо, зашто се поти и црнчи за своите пљачкаши“.

Македонија била убава дури и во тие тешки времиња, кога била опустошена, ограбена  и изгорена. Во годините пред и по Илинденското востание кога личела на зовриен котел, кога многу села биле претворени во пепел и урнатини, многумина новинари, дипломати и други намерници ја посетиле и ја опишале таква каква што ја виделе. Италијанскиот новинар Луиџи Вилари во  дописот од 1903 година запишал: „И покрај пустошењата и претрпените ужаси, оваа земја е многу убава и мошне богата“. Споменатиот Блејсфорд вели: „Во земја која треба да биде една од најбогатите краишта во Европа, селаните тонат во безнадежна сиромаштија“.

Рускиот новинар Рејхелит Николај Николаевич кој патувал низ Македонија во 1904 година слушнал разговор во кој еден од соговорниците рекол: „Богата земја, чудесна и дарежлива природа. (…) Заради оваа богата земја и се води борбата. Сите гледаат на Македонија како на завидна добивка“.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век насилствата, убиствата, грабежите, силувањата биле секојдневие. Споменатиот Џ. Бут уште забележал дека видел еден број на весникот на востаниците Автономија, кого го нарекува „мошне необично списание“. Рубриката Родени, умрени и венчани била исполнета со имиња на убиените и тоа на најнасилнички можен начин. Рубриката Вести известувала за страшни дивјаштва што Османлиите ги вршеле над селаните христијани, а странските телеграми покажувале што мисли Европа за тоа. „Кога овој мал фамилијарен неделник  би можел да се преведе на англиски и да се продава во Британија, нашето добро старо, најтиражно издание би морало да се повлече пред него“.

Насилството провоцирало насилство. На Х. Брејлсфорд, некој Македонец му кажал дека одвлечкал десет турски војници во некоја крчма и живи ги запалил. Кога овој изразил ужаснатост од тој чин, човекот му раскажал приказна која уште повеќе го трогнала. Тоа било одговор за сите неодамнешни зла направени во неговото село – мажите одведени во ропство од страна на разбојниците, жените присилени да се појават во истата крчма и да играат голи, за да ги забавуваат војниците што минувале оттука. Брејлсфорд му рекол дека со убивањето на десет луѓе го оддалечиле од симпатиите на Европа, на што тој одговорил дека со тоа се снабдил со десет пушки за делото на слободата. А кога Брејлсфорд му рекол дека доброто мислење на Европа вреди повеќе од десет пушки, човекот огорчено се насмеал, а потоа го прашал:„ Колку им вредеше на Ерменците доброто мислење на вашиот цивилизиран свет?“ Англискиот новинар вели: „Бев замолчан. Немој да судиш за она што не си суден, е златно правило во Македонија“. Ние, исто така, сме ставени на вагата на криминалот. Така Брејлсфорд се сетил дека Европа ги заборавила ветувањата од Берлинскиот договор и дека не е помалку виновна за настанатата состојба. „Ако не ги слушаме ниту убедувањата ниту поплакувањата, овие млади Македонци решиле да го слушнеме нивниот динамит. Нашата рамнодушност е исто толку виновна колку и нивното насилништво“.

Османлиската свирепост и ѕверства се рашириле низ цела Македонија. За секоја сомнителна работа, „Глави биле стегани со влажни јажиња, учители и свештеници биле понижувани од страна на перверзни војници и жандарми, нокти биле вадени, јазици биле штипени со вжештени маши“. Џон Фостер Фрејзер, англиски новинар кој низ Македонија патувал во 1905 година, бил сведок во Битола каде што османлиите киднапирале христијански деца и ги воспитувале како мохамеданци. Тој сведочи за еден, како што вели, познат настан, кога еден војник продал две деца на пазарот за четири шилинзи. Ги купил некој христијанин, кој знаел дека децата се на некој негов познајник кој бил масакриран. Дописниците кренале врева, христијанските конзули биле огорчени, новинарите предизвикале солзи кај христијаните со своите трогателни приказни. Во секој случај, властите дадоа упатства христијанските деца да не се носат во Монастир (Битола), туку да се продаваат во селата, каде што нема љубопитни конзули и новинари. Турците се многу вешти, вели Фостер, да ги мамат конзулите и да ги лажат странските дописници.

Луиџи Вилари, по потекло Италијанец, воен дописник на списанието „Месечен гласник“ од Лондон, кој веднаш по востанието дошол во Македонија, имал средба со Хусеин Хилми-паша, генерален инспектор на жандармеријата. Тој му зборувал дека во Македонија веќе сè било средено, дека државата дала големи пари за обнова на разурнатото и дека патувањето низ државата е безбедно. „Ако земјата е безбедна, дали човек може безбедно да патува насекаде? – прашав јас, вели Вилари, на што добил одговор: Ти си слободен да патуваш каде што сакаш. Но подоцна, откако предложив да посетам некои од изгорените села, дозволата што ми беше дадена вечерта сабајлето ми беше одземена.“

Сепак, некои новинари успевале да се одметнат од придружбата и да го видат вистинското лице на Македонија. Еден од таквите бил и Џон Бут, англиски новинар и официјален дописник на весникот „График“, кој по една таква авантура во 1904 година сведочи: „За време на тие возбудливи денови ми се отвори срцето на Македонија, дознав работи што се кријат од жителите на градовите, работи што се дотерани со ’веродостојна статистика’. Ги докажавме османлиските лаги за повторно изградените домови на луѓето, го видовме нивниот неподнослив живот и нивната замореност од буни што ветуваат привремено спокојство“.

Поради анархијата што владеела во Отоманската Империја, но пред сè, поради корумпираноста на државната управа, разни разбојнички банди добро организирани и вооружени, а и помогнати од власта, правеле вистинска пустош низ Македонија. Во такви услови се јавила потреба од создавање на една организација, која пред сè, ќе го штити народот, но и ќе се бори за ослободување од ропството и за создавање сопствена држава. Организацијата најпрвин ги ставила под своја контрола многубројните ајдучки дружини што како симбол на стихијниот отпор крстосувале низ одредени региони. Милум или силум ги придобила прочуените ајдути (Толе Паша, Апостол Петков, дедо Андреја и др.), кои и самите виделе дека нивното време е веќе минато и дека покорисни ќе бидат во една организирана целина. Така, Организацијата многу помогнала за елиминирање на голем број разбојнички банди кои ограбувале, киднапирале и на разни други начини го тероризирале населението. Наскоро, ВМРО станала оружјето со кое македонскиот народ се бранеше и од корумпираните официјални власти и од незауздените бегови, аги и свирепи башибозуци.

Кога луѓето ќе разбереле дека се дојдени некои Европејци, било тоа да се новинари или дипломати, трчале да им ги кажат своите страдања, уверени дека тие ќе им помогнат. „Уште не беа чуле за доаѓањето на Европејци во градот кога почнаа да нагрнуваат во нашата меана, доаѓајќи во групи, секоја трудејќи се да ја раскаже својата приказна за несреќата што ги снашла“. На ова место, Брејлсфорд сведочи: „Но жените главно беа загрижени за судбината на своите мажи, синови, браќа, уапсени под сомнение и притворени без судење. Шеесет политички сомнителни биле затворени во дојранскиот затвор, малкумина ослободени, а останатите испратени во Салоника. Ослободените раскажувале трогателни приказни за свирепостите што ги доживувале секоја вечер во занданата. „Едно младо момче било ослободено со осакатено стапало, по безмилосно тепање по табаните. Други, рече тој, поминале и полошо од него и имаше очевидци кои сведочеа дека неколку од овие затвореници биле принудени да шетаат секоја вечер по ходникот од затворот, со остар бајонет забоден во грбот, надевајќи се дека лудилото што го обзема човек по долго неспиење ќе ги натера да ја признаат вината за некоја заговорничка тајна. Друг затвореник бил принуден да стои со часови со рацете дигнати над главата. Немаше изгледи за милост или за решавање на проблемот. Жените можеа само да лелекаат и да си ја кажуваат маката, а ние можевме само да им ветиме дека ќе ги пренесеме фактите на еден од конзулите“. Авторот заклучува дека „Помалку штета би направила чумата отколку ова легално и редовно измачување што во интервали го наложуваше Хилми-паша во време на реформите во Македонија. Тоа беше сцена на беда и на морална гадотија“, вели Брејлсфорд.

Луиџи Вилари вели дека кога ќе ги прашале селаните за нивните доживувања, тие раскажувале едноставно, без претерувања, не ги разубавуваа расказите, сите беа слични, но страшни во нивната тага. „Мирно село, се слушаат пукотници во далечина, војниците навлегуваат, селаните бегаат, врз нив се пука додека бегаат, оние што застануваа се убиени, многу жени се силувани, секоја куќа е ограбена, потоа попрскана со парафин и запалена“.

Како што вели  Х. Н. Брејлсфорд, животот нема вредност ниту цена во Македонија. „Ние во Европа зборуваме за животот небаре тој има апсолутна вредност. Всушност, неговата вредност е соодветна на степенот на сигурноста што ја дава општеството. Би било интересно да се праша каква премија би барала една англиска осигурителна компанија за животот на просечниот македонски селанец“. Но затоа, пак, „Европската крв е скапоцена“, како што еднаш на Брејсфорд му рекол некој Македонец. „Никој не помисли да побара казнување на хулиганите кои беа одговорни за масакрот во Смрдеш и во Монастир (Битола)“, заклучува Брајлсфорд. Тој уште на едно место запишал: „Животот ја беше изгубил својата вредност, а мирот своето значење“, а на друго: „Ништо освен фотографија не може да ја пренесе сликата на пустошот“.

Ете, во такви услови е формирана Македонската револуционерната организација. Основачите на организацијата, а подоцна и членството, биле во жесток судир не само со османлискиот поробувач туку и со многу пропаганди што од соседните држави биле финансирани и уфрлани во Македонија, а власта ги толерирала. Биле во судир и со Егзархот, кој како што вели Стојан Христов „не ја одобрувал востаничката дејност и тврдел дека преку образование и правно-политички средства Македонија, најпосле, ќе стане слободна. Револуционерските запаленковци одговарале саркастично дека робот никогаш не се ослободил преку молитва“.

Прво што требало да се направи, било да се подигне паднатиот дух на народот. По долгите векови на ропство многумина биле убедени дека таква им била судбината, робови се родиле, робови ќе си умрат. Требало тие расудувања да се разбијат. Како што пишува Брајлсворд: „Прво требаше да се победи ропската традиција, а на луѓето кои страхуваа од Турчинот и им се покоруваа без протест на ќотекот и на стапот, требаше да им се проповеда правото на револт и должноста на отпор. Подобро ужасен крај, отколку бескраен ужас – тоа беше епиграмот со кој Груев го сумираше учењето на Комитетот и кој длабоко се всади во свеста на Македонија“.

Х. Н. Брејлсфорд на едно место вели дека „Револуционерниот комитет е оригинална македонска организација“, а на друго место: „Востаничкото движење е, всушност, чисто македонско движење“. „Комитетот стануваше сè поавтентична национална организација. Таа знаеше како да го употреби ентузијазмот и да ги инспирира младите. Таа имаше свои песни и свои херои. Тоа уште не ја извојува слободата на Македонија во каква и да е надворешна или официјална форма, но тоа од децата робови направи мажи со слободно срце.

Од подолгиот престој во Македонија, во тие преломни времиња, тој можел да види дека македонскиот човек се грижи само за гол живот. Меѓу шовинизмот на балканските народи и калкулациите на големите сили, македонскиот селанец е „измачуван експлоатиран, поробен, загрижен само за денот кога ќе може да си го сочува своето палто од овча кожа на грбот, кога ќе ја омажи ќерка си необесчестена и мирно ќе го јаде својот леб заработен со непрекината работа“.

Италијанскиот жандармериски официр, Еторе Лодди, кој едно време живеел во Охрид и бил сведок дека „како легенда се носеше од уста на уста насекаде меѓу христијаните и Турците името на Христо Узунов“ и кој, по загинувањето на херојот, имал можност да ги види убиените тела, подоцна изјавил: „Идната година Узунов загина помашки од Христовите маченици. На другиот ден, по бојот ја видов во Цер страшната слика што нема никогаш да ја заборавам. Труповите на единаесет млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија за да не паднат во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе во бескрајот. Од челото уште му течеше крв. Ете го она што не можам да го заборавам никогаш. Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедена!“

Како што еднаш, поодамна, запишал Стојан Христов: „Внатрешната македонска револуционерна организација – ВМРО – е главниот фактор во борбата за македонска независност. Оти, додека сите правно-политички активности се спроведуваа надвор од Македонија, ВМРО, како што укажува првиот збор од името, постои на почвата на Македонија. ВМРО беше основана заради единствена и директна цел да ја ослободи Македонија и да ја осамостои во независна држава, но во текот на минатите петнаесет години, освен оваа отсекогаш присутна цел, таа ја имаше и понепосредната и неодолива мисија да го спасува самиот поим за постоење на Македонија. Оти таквиот поим забрзано исчезнуваше; Македонија стана чиста историска концепција, нешто што постоело како држава пред повеќе од две илјади години, како Кападокија или Мизија. Тоа што таа не стана таква, се должи главно на вмровското одбивање да умре“.

 

П.С. Еднаш напишав, пак ќе повторам, зашто кај нас малку се чита, а уште помалку се памти. Споменатиот австриски дипломат, А. Рапопорт, кој по востанието посетил многу краишта на Македонија, видел многу села запалени и опустошени, разбрал за многу убиени, за многу одведени по затворите во Диар Беќир, Фезан и сл., предлага за многу обесчестени и понижени жители на оваа страдална земја да се направи споменик на незнајниот јунак – Македонец. „Од Големата војна наваму, сите нации воведоа култ кон незнајниот јунак и му подигнаа споменици. Но каде живее споменот на незнајните јунаци и селаните страдалници кои ја пролеале својата крв за Македнија?“ Затоа сметам дека треба да се реафирмира оваа идеја и да се изгради споменик на незнајниот јунак не само од Илинден, туку и за сите страдалници за Македонија, за да може македонскиот народ да се сеќава и да се поклонува пред споменот на оние што, како што запишал американскиот новинар и публицист, Алберт Сониксен, умирале „не помалку драматично од првите маченици на христијанството“.

 

ИЗДВОЕНИ