Проф. д-р Катерина ТОДОРОСКА: Дали Бугарија ќе растури уште еден сојуз?

7997
И по којзнае кој пат ќе повторам две добро познати реченици: „Историјата е учителка на животот“ и „Историјата се повторува, само личностите се други“. Но, дали денес учиме од учителката и дали дниве се наѕира почетокот на еден крај? И дали е полесно да се затворат очите пред видливата закана?
На 4 јуни 2025 година посведочивме една епизода во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) каде што на предлог на известувачот за Македонија, Томас Вајц, се побара одложување за 24 јуни 2025 година, на гласањето за усвојување на Предлог-извештајот за Македонија. Ваквиот предлог следел по нападот на бугарските европратеници врз Вајц, бидејќи не се совпаѓал со големобугарските апетити за уништување на македонскиот народ. Имајќи предвид дека со децении бугарските услови за македонското пристапување кон ЕУ, се „закон“ за нејзините останати членови, она што се поставува како прашање е зошто членовите на Европскиот парламент се однесуваат толку мајчински кон бугарското аздисување?
Одговорот има свои корени во светската историја, а во оваа пригода ќе ја спомнеме бугарската нереализирана желба за заживување на руското чедо, наречено Санстефанска Бугарија, и целосно негирање на македонското постоење до 1944 година. Но, подетално ќе се задржиме на улогата на Бугарија во неколку периоди од светската историја.
После неуспешниот обид со Балканските војни да ја потчини македонската територија, Бугарија ги лечела своите фрустрации и во текот на Првата светска војна. Таа пак, започнала после атентатот извршен врз војводата Фердинанд во Сараево на 28 јуни 1914 год. Тогаш, Владата на Австро-Унгарија ја обвинила Србија како нарачател на атентатот и упатила ултиматум, кој бил отфрлен. Тоа било повод Австро-Унгарија да ѝ објави војна на Србија, а три дена подоцна Германија ѝ објавила војна на Русија, додека на 3 август и на Франција.
Зависно од своите геополитички интереси, Големите сили се нашле во два спротивставени табори: Сојузници (врз основа на тројната Антанта помеѓу Руското Царство, Третата Француска Република и Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска) наспроти Централните сили (Германското Царство и Австро-Унгарија). Подоцна таборите биле проширени со Италија, Јапонија и САД, кои се приклучиле кон Сојузниците, додека Османлиската Империја и Царството Бугарија (во октомври 1915 година) се приклучиле кон Централните сили.
До крајот на истиот месец, бугарските сили се судриле со српската војска во Македонија, создавајќи клин меѓу Србија и сојузничките сили во Грција кои се обидуваа да ѝ помогнат на таа земја. Бугарската политика во Јужна и источна Србија и во Македонија била многу добро организирана, при што била спроведена бугаризација на администрацијата, војската, црквата и образованието. Така биле истерани дотогашните српски учители и биле донесни учители од Бугарија, бил воведен бугарскиот јазик и биле сменети презимињата на населението. Истото се случило и со црквата каде што биле донесени бугарски свештеници и бил воведен нов календар што го употребувала бугарската православна црква. Покрај тоа, Бугарите ги прогласиле жените за најопасен непријател по свештениците затоа што „на новите генерации од мали нозе им го пренесуваат српскиот национален дух“. Не се знае точно колку жени биле убиени, но со сигурност знаеме дека дел од политиката на бугаризација предвидувал масовно силување на жените кои на тој начин морале да раѓаат „бугарски деца“. Меѓусојузничката комисија успеала да собере многу сведоштва и неколку стотици изјави на силувани жени од кои јасно се гледа не се работело за изолирани случаи, туку дека истото сценарио се повторувало од Пожаревац до Лесковац, од Скопје до Штип. (Милован Пизари, На Балканском фронту. Рат и злочини против цивилног становништва у Србији од 1914. до 1918., Архив Војводине – ИК „Прометеј”, Нови Сад 2021).
Во април 1917 година, британски сили вршеле напади врз бугарските ровови околу Дојранско Езеро се покажале неуспешни, а двете страни останале заглавени во ќорсокак во поголемиот дел од следната година. Во текот на 1918 година, кога сојузниците почнале да вршат поголем притисок врз Германија на Западниот фронт, Германците биле принудени да пренесат многу од своите војници од Солунскиот фронт за им помагаат на своите бугарски сојузници. Во средината на септември, сојузниците ја искористија слабоста на непријателот со започнување на сопствена офанзива во Солун, предводена од францускиот генерал Луј Франше д’Еспери. За помалку од една недела, по првичниот напад врз германските и бугарските позиции во Македонија, сојузниците го зазеле Дојранското Езеро. Поразот во Македонија предизвикал немири во бугарскиот главен град Софија, вклучително и бунт во армискиот гарнизон, поради што 24 септември 1918 година, кога британските сили се приближувале до бугарската граница, бугарската Влада објавила соопштение дека „спрегата на околностите што неодамна се појавија“, нејзините власти „го овластиле командантот на армијата да му предложи на генералисимусот на армиите на Антантата во Солун прекин на непријателствата и почнување преговори за примирје и мир. Преговорите за примирје започнале на 28 септември, а Бугарија формално излегла од Првата светска војна на 29 септември со загуба од 90.000 војници.
За време и по Првата светска војна, биле формирани неколку национални и меѓународни комисии, со цел документирање на злосторствата и идентификување на нивните сторители, во пресрет на Париската мировна конференција во 1919 година, на која победничките сојузнички сили им поставиле услови на поразените Централни сили.
Една од нив била и Интерсојузничката комисија, составена од домашни и меѓународни експерти, која била формирана од српската влада во ноември 1918 година во Скопје. Меѓу истакнатите експерти, членови на оваа комисија, бил и швајцарскиот криминолог Арчибалд Рајс. Од анализите на голем број документи, вклучувајќи ги и оние издадени од Бугарите, како и сведочења на жртви и фотографии станало јасно дека Бугарите имале изградено и логори. Депортациите во Првата светска војна се вршеле во ужасни услови со оклопни возови при што се транспортирале голем број луѓе.
Првите логори во Бугарија биле формирани кон крајот на 1915 и почетокот на 1916 година.
За потребите на Конференцијата за мир во Париз 1919 година, делегацијата на Кралството СХС подготвила материјал во кој има податок дека околу 120.000 цивили умреле од глад и дека над 25.000 цивили умреле во бугарските логори. Слични податоци објавила и меѓусојузничката комисија, која по 1918 година собрала многу сведоштва и документи, како и хуманистот Рудолф Арчибалд Рајс.
Иако злосторства над цивилите биле вршени од самиот почеток на Првата светска војна, меѓународното право во тоа време не можело соодветно да се справи со овие случувања, вели Пизари. Иако Хашките мировни конференции од 1899 и 1907 година, вовеле кодификација на законите и обичаите на војување, сепак тие не биле јасно применувани и кога станувало збор за цивилите.
Според Пизари, „тоа е причината поради која на крајот на војната, на Париската мировна конференција била конституирана меѓународна комисија, со цел да се дефинираат злосторствата и да се казнат одговорните за нив. Комисијата, по прашањето за одговорност на оние кои ја започнале војната и извршувањето на казните, кодифицирала 32 класи на злосторства против законите на војувањето и на хуманоста, како што се масакри, силување, депортација, затворање, тортура, намерно изгладнување, принудна работа и систематски тероризмот… Од 32 кодифицирани злосторства, бугарската војска, над српското цивилно население, извршила 18“. Посебната комисија формирана на Париската конференција, која имала задача да ги утврди направените злосторства и да ги состави предлозите за казнување на сторителите, составила извештај за одговорноста на Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и Османската Империја. Во првиот дел на Извештајот се спомнувале систематскиот терор, масовните убиства, депортациите, принудната работа. Во еден пасус од заклучоците на таа комисија се наведува: „Сите најужасни стравотии од најлошите периоди на историјата на човештвото повторно се појавија на териториите на Србија под бугарска окупација“. (Милован Пизари, На Балканском фронту. Рат и злочини против цивилног становништва у Србији од 1914 до 1918, Архив Војводине – ИК „Прометеј”, Нови Сад 2021).
Веднаш по завршувањето на Првата светска војна постоела волја за гонење на сторителите, но само мал број од нив биле осудени. Нивните земји им изрекувале само симболични казни за злосторствата што ги извршиле. Бугарија ги негирала обвинувањата уште од мировните разговори во Париз, и покрај извештаите на разните национални и меѓународни комисии. „А како што поминувале годините и злосторствата беа заборавени. По завршувањето на Првата светска војна прашањето на бугарските, како и на другите злосторства, на меѓународен план веднаш било потиснато со волја на Големите сили“. (Милован Пизари, На Балканском фронту. Рат и злочини против цивилног становништва у Србији од 1914 до 1918, Архив Војводине – ИК „Прометеј”, Нови Сад 2021).
Таквата неказнивост на еден од балканските агресори во Првата светска војна им дала кураж на Бугарите и во текот на Втората светска војна да се обидат да го оживеат руското чедо, наречено Санстефанска Бугарија.
„Предвоената Европа падна во стапицата на Втората светска војна затоа што со години не можеше да ги разбере и соодветно да ги оцени однесувањата на две тоталитарни идеологии. Советскиот комунизам и германскиот нацизам беа сосема неразбирливи феномени за современите елити. Особено нацизмот и масовната фасцинација со Хитлер кај Германците беа незамисливи за Европејците. Сè на сè, Германија со години остана модел на високо развиена култура, нечувствителна на масовно лудило“(Матеуш Моравјецки, Историјата на Втората светска војна и денес е актуелна. https://nezavisen.mk/istorijata-na-vtorata-svetska-vojna-i-denes-e-aktuelna/).
Немоќта да се најде содејство на така спротивставени идеологии довело до нападот од Германија на Полска на 1 септември 1939 година, со што во Европа започнала Втората светска војна.
Во Втората светска војна Бугарија се нашла во друштво со фашистичките окупаторски држави. Ваквата одлука на бугарските власти била очекувана бидејќи  била водена од желбата за реализирање на рускиот проект за Санстефанска Бугарија, а амбициите на фашистичките држави сосема соодветствувале на бугарските аспирации.
Окупацијата на Македонија во Втората светска војна била спроведена по капитулацијата на Кралството Југославија и Кралството Грција. Притоа, освен порано вклучениот Пирински дел на Македонија, Бугарија го анектира и најголемиот дел од Вардарскиот дел и дел од Егејскиот дел на Македонија. Бугарската окупација на Вардарска Македонија започнала во втората половина на април 1941 година, а преземањето на новите административно-полициски органи се одвивала бргу. По доаѓањето на бугарските воени сили и полициски органи во Македонија, уследило и назначување на највисоки функционери во организираните обласни дирекции, кои претставувале највисока извршна власт на државниот систем на Царството Бугарија. Покрај тоа, бугарските власти продолжиле со својата програма на бугаризација на населението на Македонија и по влегувањето во 1941 година. Најпрво ги урнале сите споменици и капели посветени на жртвите на нивниот терор во Првата светска војна, а потоа вовеле свои закони, јазик итн. Бугарските власти се обиделе да бидат дел од новиот светски поредок: нивната репресија врз цивилите била немилосрдна заради партизанските акции, а честопати била изведувана заедно со Германците и Македонците во колаборационистичките формации.
Крајот на Втората светстка војна го одбележува поразот на државите од фашистичкиот лагер кои требало да се соочат со последиците од нивните злодела врз човештвото.
Важно е да се напомне дека уште во текот на војната во Југославија била воспоставена Државна комисија за утврдување на злосторствата на окупаторите и нивните помагачи, слично како во СССР. Комисијата, во соработка со новите бугарски социјалистички власти направиле списоци на злосторници, меѓу кои имало и Бугари. Некои од нив биле уапсени и осудени на смрт. Сепак, уште еднаш меѓународните околности го одредиле текот на тие судења. Настапувала Студената војна и голем број злосторници во цела Европа биле или амнестирани или „заборавени“. Тогаш, наместо на злосторниците, „…акцентот бил ставен на отпорот на малубројните бугарски партизани, како и бугарската единица кои по превратот во 1944 година се приклучиле на народноослободителната војска на Југославија. Работите се промениле по падот на социјализмот – сите се свртеле на величење на своето национално минато и прашањето на извршените злосторства е дефинитивно потиснато. И така до денес, наспроти ретки случаи, ниту во Бугарија, ни во Србија не постојат опширни истражувања за тие злосторства, а со самото тоа не постои никаква соочување, признавање и дистанцирање од нив“.(Милован Пизари, На Балканском фронту. Рат и злочини против цивилног становништва у Србији од 1914. до 1918., Архив Војводине – ИК „Прометеј”, Нови Сад 2021).  Истата состојба ја следиме и во Македонија, која во југословенската федерација го доживеала заокружувањето на вековната борба на македонскиот народ за сопствена, слободна држава.
Потоа следел периодот на Студената војна, чиј почеток различно се датумира, но најголем број на исражувачи сметаат дека Конференцијата во Потсдам во јули 1945 била прествртница во односите на сојузниците се појавиле сериозни разлики околу идниот развој на Германија и Источна Европа. Тогаш, Труман го во разговор со Сталин објаснил дека САД поседуваат силна бомба каква што до тогаш никогаш не постоела ниту била употребена, на што Сталин оснатал смирен, дури и незаинтересиран. Набрзо, САД фрлиле атомски бомби на Хирошима и Нагасаки, што довело разгорување на конфликтот помеѓу СССР и САД. Растела недовербата помеѓу Сојузниците, бидејќи и СССР брзо ја развивала својата програма за атомско вооружување, благодарејќи на информациите кои советската воена индустрија и советскиот воен врв ги добиле преку шпионите поставени во САД. Тоа сознание на САД се смета како најважен повод за почетокот на Студената војна.
По неколку години, на 4 април 1949 година, во Вашингтон  биле поставени основите на НАТО сојузот. Меѓу основачите на овој воен сојуз биле Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Обединетото Кралство и САД.
Како противтежа на НАТО, Советскиот Сојуз и седум други европски држави на 14 мај 1955 година потпишале Договорот за пријателство, соработка и заемна помош што всушност претставува основање на Варшавскиот пакт, како организација за заемна одбрана, со која Советите биле поставени да командуваат со вооружените сили на земјите-членки.  Варшавскиот пакт, наречен по местото на потпишување на договорот Варшава, ги вклучил Советскиот Сојуз, Албанија (излегува од ВП во 1961 год.), Полска, Романија, Унгарија, Источна Германија, Чехословачка и Бугарија како членки. Договорот содржел клаузила со која земјите-членки се обврзувале да застанат во одбрана на која било членка нападната од надворешна сила за што била формирана обединета воена команда под команда на маршалот Иван Конев од Советскиот Сојуз.
Како резултат на притисокот од велесилите, многу земји меѓу кои и Југославија, на конференциите во Бандунг во 1955 год. и во Белград во 1961 год. го формирале Движењето на неврзаните. Така, тие се оградиле и од НАТО-пактот и од Варшавскиот пакт.
На овој начин започнала една нова неоружена, но исто толку штетна војна меѓу двата табора, во чие време се трошеле енормни средства за развој на вооружувањето од државите на двата воени сојузи.
Најголемиот „бедем“ на Студената војна станал Берлинскиот ѕид, кој го поделил градот Берлин на „западен“ и „источен“. Имено, во Германската Демократска Република (ГДР) на 13 август 1961 година, безбедносните сили на ГДР почнале да ја оградуваат границата околу нивниот сектор. „Народни полицајци и граничари, членови на борбени групи го рушат тротоарот и поставуваат барикади од камени блокови и ги поврзуваат со бодликава жица. Само неколку контролни пунктови останаа отворени, а речиси сите трамвајски и железнички линии се прекинати. Берлин стана поделен – и така ќе остане следните 28 години. Германската Демократска Република (ГДР) ги „заѕида“ своите граѓани… Ѕидот, а со тоа и изолацијата на Источна Германија за Штази е „гарант на моќта, еликсир на живот“. (https://www.dw.com/mk/60-години-од-берлинскиот-ѕид-кога-гдр-ги-заѕида-своите-граѓани/a-58845207).
Ѕидот кој беше долгогодишна „крепост“ на Студената војна беше урнат на 11-12 ноември 1989 год., а на 3 декември 1989 година, на самитот во Малта американскиот претседател Џорџ Буш и советскиот генерален секретар Михаил Горбачов „ги закопале секирите“ и објавиле официјален крај на Студената војна.
Сумирано, во Првата светска војна изгубиле Централните сили, чија членка била Бугарија. Во Втората светска војна фашистичките држави со соработниците од Бугарија, беа поразени во реализацијата на хитлеровите аспирации. Варшавскиот пакт, чија членка беше Бугарија, се распадна под притисок на слободољубивите народи.
„Сегашната Европа е изградена врз сеќавањето на победата над нацизмот“ (Матеуш Моравјецки, Историјата на Втората светска војна и денес е актуелна. https://nezavisen.mk/istorijata-na-vtorata-svetska-vojna-i-denes-e-aktuelna/).
Во двете светски војни, Бугарија ја одбираше страната на државите кои требаше да ѝ го обезбедат реализирањето на рускиот сон за Санстефанска Бугарија, но злото секогаш е поразено од доброто. И денес, Бугарија го сонува истиот руски сон, ама овој пат како членка на ЕУ која, од некоја причина, стана синоним за таа „Сегашна Европа“. Така што, имајќи ги предвид сите други „членувања“ на Бугарија во меѓународни сојузи, ми се чини легитимно прашањето дали историјата се повторува, а Бугарија ќе успее да урне уште еден сојуз?
(Авторот е универзитетски професор по историски науки) 

ИЗДВОЕНИ