ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНСКИ ВЕРНИЦИ ДОБИЈА НОВО СВЕТИЛИШТЕ: Со божествената „На многаја лета“ се освети црквата „Света Злата Мегленска“ во Сарај

159

Со пеењето на молитвените песни денеска претпладне во скопската општина Сарај се изврши осветувањето на православниот христијански храм посветен на големата македонска и христијанска светителка, Света Злата Мегленска. На осветувањето, со кое заврши долгогодишната изградба на храмот започната во 1996 година, присуствуваа бројни верници и достоинственици на Македонската православна црква. Чинот на осветувањето го изврши поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан придружуван од дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј, како и од други црковни достоинственици.

– Во Република Македонија, на денешниот празник посветен на свети Симеон Столпник, во Република Македонија, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Стефан, го изврши чинот на осветувањето на храмот „Света Злата Мегленска“ во сослужение со дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј. На многаја лета… – пишува во повелбата која ја потпишаа архиепископот Стефан и митрополитот Георгиј и потоа беше положена во олтарот на овој храм.

Церемонијата на осветувањето на храмот, кој се наоѓа на влезниот дел на скопската општина Сарај, започна со утринската служба по која сите учесници излегоа од храмот и извршија трикратен опход на црквата. За цело време се читаше Светото Евангелие и се пееја молитвените песни.

– „На многаја лета…“, „Слава теби Господе…“, „Мир на сите…“. Се молиме за сите православни христијани во овој град и за простување на сите нивни гревови… – се слушаше од долгата колона која го обиколуваше храмот како што налагаат црковните канони и народната традиција.

Верниците носеа и икони со ликот на христијанска маченица Света Злата Мегленска, која е мошне почитувана меѓу македонските православни верници. Истовремено, верниците палеа свеќи за здравје и за спомен на починатите, а некои оставаа и пригодни подароци за новоосветениот храм. Потоа. Народната литија предводена од архиепископот Стефан застана пред затворената врата на црковниот храм. Поглаварот на МПЦ-ОА, според традицијата, тропаше на нив.

– Подигнете се вечни порти, ќе влезе Царот на славата, подигнете се вечни порти… – извикуваше тој.

По отворањето на портите сите присутни влегоа во внатрешноста на храмот каде што продолжи обредот на осветувањето со прскањето на фреските и на иконите со осветената вода.

 

Во новоосветениот храм е целосно завршено внатрешното осликување, а на ѕидовите доминираат портретите на Исус Христос, на Пресвета Богородица и на Света Злата Мегленска. Но, се забележуваат и бројни фрески со ликовите на познати македонски и христијански светители – свети Иларион Мегленски, свети Еразмо Охридски, свети Јоаникиј Ракотински, свети Спасо Радовишки, свети Агатон Битолски, свети Георгиј Кратовски… Во новоосветениот храм ќе црквуваат православните христијански верници од подрачјето на општина Сарај и од околината. (Б. Ѓ.)

Не сакала да прими исламска вера зборувајќи: „Само Христа го знам како мој младоженец“

Според житието, Света Злата Мегленска е родена и пострадала во Слатина, Мегленско, во егејскиот дел на Македонија. Таа беше ќерка на сиромашни селски родители, која имала силна верба во Господ. Нејзината ретка убавина го привлекла вниманието на Турчин од нејзиното место кој, откако го организирал нејзиното грабнување, побарал од неа да ја прими исламската вера за да се ожени со неа. Но, света Злата останала непоколеблива и на ваквите ветувања му рекла:

– Јас верувам во Христа и нему му се поклонувам и само Него Го знам како мој младоженец. Од Него никогаш нема да се откажам дури и ако ме ставите на илјада маки или ако ме исечете на ситни парчиња.

Кога Турчинот видел дека ништо не помага во нејзиното премислување, наредил да ја затворат. Три месеци света Злата била затворена при што секојдневно била сурово тепана и мачена. Но сите маки оваа светителка херојски ги издржала охрабрена од својот чувар, Исус Христос. На крајот била обесена, а телото ѝ било исечено на парчиња. Така, во 1795 година, таа ја предала својата бесмртна душа на Исус Христос. Подоцна, христијаните кришум ги погребале деловите од нејзиното тело.

 

 

ИЗДВОЕНИ