Голем дел од кандидатите веќе ставија потпис на Кодексот со правила за однесување, но за политичките аналитичари и тоа не е голем чекор напред, односно показател за ферплеј во следните три недели. „Деморатскиот процес веќе во старт е дерогиран, зборуваме за официјална кампања, а политичките партии и кандидатите веќе со месеци водат кампањи, и тоа најчесто со пари на граѓаните се плаќаат концерти, настани, отчет, средби… Кампањата од сите политички партии е веќе катастрофална, со нефер атмосфера и потпишување кодекс, таа е само театар во кој никој не верува и сите го кршат“, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски. Дека нè очекува динамична и реторички остра атмосфера смета и аналитичарот Џенур Исени, но апелира до граѓаните да не наседнуваат на политичките пораки. „Политичарите ќе зборуваат, ќе се обвинуваат, ќе се договараат и повторно ќе соработуваат. Но ние, обичните луѓе, мора да го зачуваме почитувањето и различното мислење. Затоа што по изборите, пак ќе живееме заедно. Различното мислење не е непријателство, тоа е богатство!“, вели за Исени за весникот ВЕЧЕР. Ноќеска на полноќ и официјално почна дваесетдневната кампања за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, иако штабовите на 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи со вкупно 10.490 кандидати работеа турбо и во изминативе месеци. |
Ноќеска на полноќ и официјално почна дваесетдневната кампања за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, иако штабовите на 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи со вкупно 10.490 кандидати работеа турбо и во изминативе месеци.
Веќе се изнаслушавме жестоки критики, навреди и тешки зборови, обвинувања за серијата немили настани кои ја потресоа јавноста, од кочанската трагедија, преку пожарите и енормното загадување на воздухот, преку убиствата, фемицидот, насилството… се монтираа морбидни слики, се споделуваа сатирични видеа. Ако се вреднува според стартот од „преткампањата на кампањата“, се чини дека исти црнила ќе се изнагледаме и во следните денови и покрај тоа што партиските лидери порачаа дека се залагаат за ферплеј и борба на идеи.
– Нудиме чесни кандидати со реална програма – за разлика од противниците кои нудат гола пропаганда, одговори лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прашањето за тоа каква кампања очекува нагласувајќи ја подготвеноста за позитивна и одговорна изборна трка, заснована, како што вели, на луѓе со кредибилитет и реална програма.
– Ќе имаме една позитивна, фер кампања и очекувам од сите политички други субјекти еднаков таков пристап, изјави Филипче.
Претседателот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека изборната кампања не смее да биде театар на празни ветувања, туку треба да е мост помеѓу вистината и надежта, да ја покаже искрената намера, а не да ја замаглува со илузии.
– Таа е момент на убедување, но и момент на огледало, таму се гледаат и народот и човекот што се кандидира и нивната меѓусебна искреност. Очекувањата се секогаш високи. Народот очекува подобар живот, сигурност, правдина и перспектива. Но, во суштината, тој очекува нешто уште подлабоко, достоинство, човечност. Да не биде излажан, да не биде третиран како средство, туку како цел за чија благосостојба мора да се работи одговорно. И мојот однос во политиката секогаш бил искрен, со срце и со чест кон работите, порача Мицкоски.
Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, апелира изборната кампања да се одвива во најдобра демократска атмосфера. Тој, во интервју за МИА, нагласува дека иако е очекувано заострување на реториката за време на кампањата, таа мора да остане во рамките на законските и демократски норми.
„Право на избор е граѓаните сами слободно да одлучат, а кандидатите и партиите да покажат почит кон политичките противници и изборниот процес“, истакна Кондарко.
Кандидатите, барем дел од нив, и со документ се обврзаа за фер и демократски настап. Голем дел веќе ставија потпис на Кодексот со правила за однесување, но и тоа за политичките аналитичари не е голем чекор напред, односно показател за ферплеј во следните три недели.
–Деморатскиот процес веќе во старт е дерогиран, зборуваме за официјална кампања, а политичките партии и кандидатите веќе со месеци водат кампањи и тоа најчесто со пари на граѓаните се плаќаат концерти, настани, отчет, средби… Кампањата од сите политички партии е веќе е катастрофална, со нефер атмосфера и потпишување кодекс, таа е само театар во кој никој не верува и сите го кршат, вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски. Тој додава дека резултат на сето тоа ќе биде сè повеќе иселени луѓе и не само млади, уништени градови како што е Скопје, екстремно загадување и зголемена корупција. И пак, додава Пекевски, сето тоа платено со парите на граѓаните.
Дека нè очекува динамична и реторички остра атмосфера смета и аналитичарот Џенур Исени, но апелира до граѓаните да не наседнуваат на политичките пораки.
– Политичарите ќе зборуваат, ќе се обвинуваат, ќе се договараат и повторно ќе соработуваат. Но ние, обичните луѓе, мора да го зачуваме почитувањето и различното мислење. Затоа што по изборите пак ќе живееме заедно. Различното мислење не е непријателство, тоа е богатство!, вели за Исени за весникот ВЕЧЕР. Според него, заложбата на сите партии за фер кампања е декларативна.
– Се потпишуваат кодекси и документи за фер избори, но практиката во Македонија покажува дека реториката секогаш ќе биде жестока, со многу меѓусебни обвинувања. Особено во албанскиот политички кампус, каде што постои рамноправна и жестока трка меѓу ДУИ и ВЛЕН. За двете партии овие локални избори се прашање на живот или смрт, затоа таму ќе се води борба без ракавици. Во македонскиот блок, пак, е сосема јасно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи во скоро сите општини каде што има свои кандидати. Тоа ќе создаде дополнителен политички баланс, но и неизвесност за идните коалициски односи, вели Исени за весникот ВЕЧЕР, кој упати и апел до граѓаните: „По 19 октомври немојте да се чудите ако ’четворката’ стане ’седумка’, а ’седумката’ стане ’четворка’. Таква е политиката, бројките и коалициите се менуваат многу брзо. Но пријателството, соседството и меѓусебниот респект никогаш не смеат да се менуваат“.
Кодекс за фер и демократски избори потпишаа и сите кандидати за градоначалник на Град Скопје, освен од претставникот на Левица, Амар Мециновиќ. Адутот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на потпишувањето истакна дека презема јасна и јавна обврска да биде гарант за транспарентен и достоен изборен процес.
– Изборите се мерило за зрелоста на нашиот народ и наша должност е да создадеме атмосфера во која секој ќе може да ја искаже својата волја без страв, со право да учествува, да се информира и да гласа слободно, додаде тој.
Што ќе нè очекува во следниот период останува да видиме и да се надеваме дека во следните денови ќе имаме реторичка војна со судир на концепти, но без инциденти какви што паметиме од претходните изборни кампањи.
На 19 Октомври ќе се гласа за 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи
Локалните избори на 19 октомври годинава ќе бидат осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10.490 кандидати. Државната изборна комисија на седница го заклучи Избирачкиот список на кој се запишани вкупно 1.832.415 избирачи.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информираше дека согласно со евиденцијата на надлежните органи право на глас имаат вкупно 112.000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2.162 избирачи кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор и 450 избирачи од домовите за стари лица.
Увидот во избирачкиот список траеше 20 дена, во кои граѓаните со право на глас можеа да ги проверат своите податоци и бараат корекции.
Во државата се констатирани 3.480 избирачки места, од кои во 132 избирачки места се потпишани помалку од десет избирачи, на кои гласањето ќе биде спроведено на најблиското избирачко место.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање. Дополнително на овие пари е и сумата за надоместоците на членовите на избирачките одбори и транспортот и дистрибуцијата на членовите на ИО и избирачкиот материјал од ОИК до избирачките места каде што ќе се гласа бидејќи тие ги обезбедуваат локалните самоуправи.
Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот. Изборите ги распишува претседателот на Собранието со донесување акт што се објавува во Службен весник. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите.
Локални избори во Македонија се одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.