вторник, февруари 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Министрите Сали и Филков во клинч, премиерот Мицкоски смирува со законско решение

Министрите Сали и Филков во клинч, премиерот Мицкоски смирува со законско решение

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека е подготвен полагањето на правосудниот испит да се утврди со закон и тоа да биде на сите јазици на народите споменати во уставната преамбула. Според премиерот, сегашните уставни и законски решенија не го овозможуваат полагањето на албански јазик. Претходно, вицепремиерот за европски прашања, Беким Сали, и министерот за правда, Игор Филков, имаа остра конфронтација околу (не)постоењето правна основа да се полага испитот и на албански јазик

1282

Посебен закон и полагање на јазиците на сите делови од народите наведени во уставната преамбула. Ова, според премиерот Христијан Мицкоски, треба да е излезното решение за проблемот и актуелното барање за полагање на правосудниот испит и на албански јазик. Барањето што го иницираа група студенти од албанска етничка припадност деновиве предизвика и вербален судир меѓу вицепремиерот за евроинтеграции, Беким Сали, и министерот за правда, Игор Филков, околу (не)оправданоста на ваквата желба. Дали ќе предизвика оваа нова криза во релациите меѓу партнерите во владината коалиција „Вреди“ и ЗНАМ, која не се случува првпат, нарушување на односите, останува да се види. Во јадрото на судирот меѓу владините функционери Сали и Филков е прашањето дали, во сегашни услови, може да се овозможи полагање на правосудниот испит и на албански јазик. Според вицепремиерот Сали, уставната и законска основа сега постои, меѓутоа, според Филков, нема таква основа.

Премиерот Мицкоски вчера, пак, застана на страна на министерот за правда, но, сепак, е на ставот дека треба да се овозможи полагање на испитот на албански, но и на јазиците на другите етнички заедници наведени во уставната преамбула. Познато е, во уставната преамбула, освен македонскиот народ, наведени се уште делови од шест други народи: албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот и другите.

Има политичка волја

За таа цел, според премиерот, решението се гледа во донесувањето посебен закон за да се дефинира употребата на јазиците, различни од македонскиот.

– За да дојдеме до решение, треба да ја гледаме суштината. Уставот е јасен и вели дека официјален јазик во Македонија и во меѓународната употреба е македонскиот јазик. Но, исто така, официјален јазик е и албанскиот, односно јазикот на заедницата што е застапена со повеќе од 20 проценти. Тоа е амандманот 5, кој го заменува членот 7 од Уставот. Јасно стои дека може да се одвива комуникацијата во институциите на државната управа и на јазикот на заедницата што е застапена повеќе од 20 проценти откако ќе биде утврдено тоа со законот. Значи, ние мораме најпрвин да го утврдиме овој процес на полагање со закон – рече Мицкоски, одговарајќи вчера на новинарско прашање врзано за новопојавениот проблем на релација меѓу владините партнери „Вреди“ и ЗНАМ и додавајќи дека има политичка волја од негова стана.

Според него, Законот, таков каков што си е, не дозволува таков вид полагање.

– Јас сум подготвен да го регулираме тоа со закон. И не само за албанскиот јазик туку и за јазиците на сите делови на народите што се споменати во преамбулата на Уставот. Затоа што Уставот, исто така, вели дека во единиците на локалната самоуправа каде што имаме националност што е застапена повеќе од 20 проценти, комуникацијата со подрачните служби на министерствата се одвива на мајчиниот јазик на таа националност. На пример, во Центар Жупа се одвива на турски јазик, во Шуто Оризари на јазикот на ромската заедница. Лично, ако мене ме прашате, потребни се правни решенија, кои ќе бидат квалитетни. Да се повикувате на Уставот, на законот, а самите да не го објаснуваме тоа како е, мислам дека е обично и класично политиканство. Подготвен сум да се направи закон, тој да се прати во Венецијанската комисија и таа да даде свое мислење. Политичка волја од моја страна има и јас утре ќе ги викнам луѓето за да разговараме за да најдеме решение. Целта на оваа Влада е да ја развива Македонија и да одиме во ЕУ – нагласи премиерот.

Тоа треба да значи дека вицепремиерот Беким Сали и министерот за правда, Игор Филков, ќе имаат можност директно и непосредно пред премиерот да ги разменат аргументите.

Филков: Заврши времето кога се толкуваа Уставот и законите според дневнополитички потреби

Игор Филков

Во своите досегашни настапи, вицепремиерот за европски прашања, Беким Сали, беше категоричен дека не постојат никакви правни пречки за употребата на албанскиот јазик, туку само отпорот од страна на министерот за правда, Филков.

– Ние велиме дека мора да се почитува Уставот и дека нема потреба да се запишува истото во секој закон или во правилниците на различни институции. Ако е запишано нешто во Уставот, тоа автоматски се инкорпорира во понатамошната практика на институциите. Ќе инсистираме на ова и студентите ќе ја имаат нашата максимална поддршка – изјави деновиве вицепремиерот Сали.

Тој рече дека имал комуникација со министерот за правда, но дека немало разбирање од негова страна.

– Имав комуникација со министерот, за жал, немаше разбирање. Комуникацијата ја имав дента кога ни пристигнаа материјалите, односно барањето на студентите. Жал ми е што Министерството за правда повеќе нема аргументи да го одбие барањето на студентите, бидејќи имав службена обврска и немав средба лице в лице, туку телефонски разговор, при што побарав да се почитува ова барање затоа што има уставна основа. Од одговорот заклучив дека нема волја, не станува збор за аргументи – потенцира Сали.

Но, ваквиот негов настап наиде на остра реакција од министерот за правда, Филков, кој преку соопштение му порача на Сали дека со заминувањето на коалицијата СДСМ и ДУИ завршило времето кога се толкувале Уставот и законите според дневнополитички потреби, а не според нивната содржина.

– Уставот мора да се почитува и не смее да биде предмет на слободни и дневнополитички интерпретации. Токму тоа го потенцирав и на последната средба за реформската агенда. Но, почитувањето на Уставот подразбира цело, системско и доследно читање на уставните и законските одредби, а не нивно селективно вадење од контекст за краткорочни политички пораки. Го разбирам вицепремиерот Беким Сали како стоматолог и како политичар што допрва ја запознава материјата на европските интеграции и правосудните реформи. Но, потенцирам, државата не функционира по принципот на лична процена, професионален рефлекс или политички впечаток – нагласи Филков.

Според него, одлуките не се носат по чувство, туку по устав и закон и во правниот систем не постои категорија „има или нема волја“. Петицијата на студентите била внимателно анализирана.

– Законот за употреба на јазиците овозможува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во постапките пред институциите, но неговата примена не може да се разгледува изолирано од другите системски закони што го уредуваат функционирањето на правосудството. Правосудниот испит претставува клучен предуслов за влез во судството, Јавното обвинителство, адвокатурата, нотаријатот и извршувањето, при што сите овие закони експлицитно предвидуваат услов за активно познавање на македонскиот јазик. Полагањето на правосудниот испит на македонски јазик е во директна функција на проверка на таа јазична и стручна подготвеност, имајќи предвид дека сите постапки, одлуки и службени акти во правосудниот систем примарно се водат и донесуваат на македонски јазик и кирилско писмо, согласно со Уставот и законите – нагласи министерот за правда.

Тој потсети дека за Законот за употреба на јазиците се произнела и Венецијанската комисија, која утврдила дека има повеќе нејасни работи во однос на неговото значење и опсегот.

– Затоа тезата дека Министерството за правда „нема аргументи“ е неточна и политички мотивирана. Аргументите се јасни, уставни и законски. Она што недостига во изјавите на вицепремиерот е почит кон правниот систем како целина. Почитуван колега Сали, Уставот не е тема за телевизиски емисии, ниту алатка за политички наративи, а правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда. Притисокот нема да помине – потенцира министерот Филков. (Б. Ѓ.)

Нема раздор, туку дебата во владината коалиција

На прашање дали преписките меѓу министрите Беким Сали и Игор Филков ќе направат раздор во владината коалиција, премиерот Мицкоски вчера одговори негативно.

– Дебатата е добра, здрава и очекувам денеска таа да престане – рече Мицкоски.

Инаку, ова не е првпат функционерите на „Вреди“ и на ЗНАМ да разменуваат жешки зборови и да постои тензија во нивните меѓупартиски односи. Во февруари минатата година, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, му порача на тогашниот вицепремиер, Изет Меџити, да не се однесува како „Алиса во Земјата на чудата“ со изјавите дека ќе бидат вработени илјадници Албанци во државната и јавната администрација. Минчев тогаш рече дека тоа е „класичен пример на предизборен популизам“,на што Меџити му одговори „да не се однесува како копија на Димитар Апасиев“. Пред две години, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, се закани со излегување од Владата доколку се повтори ситуацијата кога осамна албанското знаме во Владата, на координацијата на тогашниот прв вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, со министрите од коалицијата „Вреди“. Но, и по покрај сите тензии, двете групации остварија соработка на неодамнешните избори, особено во случајот на скопската општина Центар, каде што „Вреди“ го поддржа кандидатот на ЗНАМ.

 

ИЗДВОЕНИ