КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Какво херојство, платена казна за погрешно паркирање!

395

Дебар Маало, преполно како и секогаш. Кога и да поминеш, преполни се кафеаните, како никој да не оди на работа. И не одат на работа добар дел од луѓето што седат по кафулињата и кафеаните низ градот, Македонија е позната по тоа, партиските клативрати и продавачи на магла да земаат плата и да не одат на работа. Еден добар дел од нив и не знаат каде се вработени, ниту знаат каде се наоѓа зградата во која треба да работат.

Најголем дел од таквите функционери, функционерчиња, бирократчиња и „скоројевиќи“ се партиски кадар вдомен и сместен на државните јасли. Но, таквиот партиски кадар е некадар за државата и за општеството, пијавица што им ја цица крвта. Ни од другите што одат на работа нема баш многу фајде, затоа што ниту знаат што треба да работат, ниту се кадарни, ниту соодветно образовани, а најчесто се и корумпирани, треба да им платиш за да си ја завршат работата за која и онака се платени. Најсмешно од сè е кога ќе почнат политикантите да се фалат на прес-конференциите и по медиумите како сработиле нешто, како повеле истрага, исчистиле ѓубре, санирале улица. Ало, бре, па за тоа сте и избрани, а богами и добро платени.

Но, да му се вратиме на Дебар Маало, кое е познато не само по кафеаните туку и по сообраќајниот метеж и изживувањето на овие „докони“ легачи на кои кафеанското столче им сраснало за задникот и чија рака „лепи“, особено државни пари. И покрај забраната за паркирање, таму се паркирани сите можни марки џипови на татините и мамините синови и на одговорните функционери, кои немаат одговорност. И по тоа е позната Македонија, функционерите и политикантите во Македонија ги имаат сите права, најчесто и сите неправа, а немаат никаква одговорност. Таквите немаат одговорност ниту за модуларната болница, „Дурмо“, Кочани, разнебитената држава, урнисаниот систем.

Секаде низ градот кружат „пајаци“ и полиција и ако обичен граѓанин го паркира возилото, може да си го најде кај Железничка станица. Ама тоа не важи и за овие политиканти и фолиранти, полицијата и Пајак-службата се и слепи и неми за нив. И по тоа е позната Македонија, по двојните аршини, недопирливоста и селективноста во примената на законот.

Само во Дебар Маало полицаецот што го придружува „пајакот“ влегува во кафеана за да праша чие е возилото и да го замоли сопственикот да го премести на дозволено место. Тоа е најверојатно, затоа што кафеаната е институција, а ќефот кафеански голем и за да не му го расипе ќефот на сопственикот, полицаецот убаво го моли да го препаркира. Не е ист ќефот кога паркираш пред супермаркет или гранапче на 5 минути за да испазариш, нема ќеф во тоа, колата ти е кај Железничка станица.

Единствен проблем во Дебар Маало, кој ја нарушува оваа симбиоза на коруптивност, некадарност, полтронство и аздисаност, е гласната младина. Замислете, викаат и ги вознемируваат кафеанските гости, нарушувајќи им го ќефот, барајќи од полицаецот и од Пајак-службата да си ја работат работата. И по тоа е позната Македонија, народот да ја моли власта да си ја работи работата за која е и избрана и платена. Ама полицаецот точно знае што треба да прави, а тоа е ништо. Е луда младина во Дебар Маало, сака полицаец да крене џип. Но полицаецот е силен, отпорен на притисоци, како и политикантите, учел од најдобрите и нема сила што ќе го натера да си ја работи својата работа. Младината ли ќе му каже која кола ќе ја крене и кому ќе му пише казна, треба тој да изврши консултации со сопственикот на џипот, со командирот, овој со началникот, па ако има консензус, може и да го крене.

А потоа сопственикот на возилото, на телевизиските екрани, ќе се фали со своите патриотизам и херојски чин, ја платил казната за погрешно паркирање. Какво херојство!

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ