понеделник, февруари 23, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА, ГЕНЕРАЛ ГОРАНЧО КОТЕСКИ: Иран – дипломатија или вовед во војна?

КОЛУМНА, ГЕНЕРАЛ ГОРАНЧО КОТЕСКИ: Иран – дипломатија или вовед во војна?

73

Додека го пишувам овој текст, имам чувство дека САД само што не ги започнале воените напади кон Иран, но, од друга страна, очекувам дека формулата мир (договор) преку сила претставува само воен притисок и поддршка за подобар резултат во преговорите. Последниве денови многу се актуелни дипломатските разговори за нуклеарната програма помеѓу САД и Иран, каде што САД сакаат да го спречат Иран да произведе нуклеарно оружје, односно да поседува нуклеарна бомба.

Преговорите стануваат уште посложени и потешки од причина што е нарушена довербата помеѓу САД и Иран и затоа што САД инсистираат на проширување на договорот не само за нуклеарната програма туку и за ракетната програма, како и регионалното влијание на Иран врз одредени прокси организации што САД ги имаат прогласено за терористички организации.

Според одредени информации, Иран располага со околу 400 кг ураниум, кој е 60 % збогатен, и ако се збогати до 90 %, тогаш тој ќе биде подготвен за производство на нуклеарна бомба. Дали ќе се откаже Иран од нуклеарната програма како национално достигнување каде што се потрошени огромни финансиски средства, веројатно не. На последните преговори помеѓу САД и Иран во Женева се тврдеше дека Иран би направил одредени отстапки со испраќање на збогатениот ураниум во други земји или ќе пристапи кон негово разредување, но нема во целост да се откаже од својата нуклеарна програма за цивилни, мирољубиви цели.

Друго прашање за кое се преговара е ракетната програма на балистички и крстосувачки ракети со кои располага Иран, а со кои може да се гаѓаат цели и преку 2.000 км, што претставува опасност за напад и гаѓање цели во Израел, кој е оддалечен околу 1.700 км, како и други цели во Персискиот Залив. Во преговорите се инсистира да се ограничи ракетната програма на Иран на дострел од 300 км. Но, сметам дека со сигурност Иран нема да се откаже од ракетната програма, затоа што таа претставува стратешки одбранбен капацитет и во овој момент – најдобра стратегија за одвраќање.

Откажувањето на Иран од соработката и заедничките дејства со прокси групите Хезболах во Либан, Хамас во Газа, Хутите во Јемен и други милиции во Ирак и во Сирија е, исто така, тема за разговор. Во последните преговори, Иран јасно ставил до знаење дека не сака да разговара за ова прашање, со веројатна намера и понатаму да ги поддржува овие групи со логистика, обука и со пари.

Кина и Русија, кои во моментот изведуваат одредени воени вежби со иранската морнарица во Персискиот Залив, во случај на напад од страна на САД не би ризикувале вклучување во воени операции, туку би останале со дипломатски изјави за осуда на САД и за поддршка на Иран.

Двете страни (САД и Иран) се изјаснуваат за дипломатско решение , но експертите изнесуваат дека постои можност од само 50 % за постепен дипломатски напредок, 20-30 % дека ќе има застој во преговорите и околу 20 % сметаат дека може да дојде до воена ескалација.

Ако завршат преговорите успешно и ако се постигне договор, се:   спречува ширење на нуклеарното оружје, кое би предизвикало дополнителна нестабилност на Блискиот Исток; се избегнува воена интервенција на САД, која би била, веројатно, во содејство и поддршка од Израел и ќе се воспостави поголема политичка и економска стабилност.

Со цел да се постигне договор за прекин на нуклеарната програма од страна на Иран, САД вршат воен притисок со голем интензитет не само со своето присуство во воените бази во земјите од Персискиот Залив туку и со доведувањето на двата носачи на авиони, „Линколн“ и „Форд“, на чии платформи има околу 150 борбени авиони „Ф-35“ и „Ф-18“. Воениот притисок и присуството во Персискиот Залив не биле на ова ниво од 2003 година, пред почетокот на нападите во Ирак.

Ако нема дипломатско решение, тогаш воениот напад е неизбежен и, веројатно, операцијата ќе се изведува во неколку фази.

Во почетната фаза, САД би извршиле масовни воздушни удари врз воените бази, ракетните системи и ПВО-системите со истовремено преземање кибер операции за парализирање на командните и на комуникациските системи. Останува прашањето дали САД ќе го изведат нападот самостојно или заеднички со Израел. Во зависност од успехот на почетната операција, САД ќе продолжат да дејствуваат и врз други цели од иранската инфраструктура. Но не е исклучена можноста Израел да ја започне офанзивата, а потоа да се вклучат и САД, слично како во нападот врз Иран во јуни 2025 година.

Исклучена е копнена интервенција на САД, барем во почетниот период од војната, поради теренот и големината на Иран како територијално така и со популација.

Иран би одговорил со гаѓање на воените американски бази што се разместени во другите земји од Персискиот Залив  и цели во Израел, употребувајќи балистички и крстосувачки ракети. Исто така, би применил асиметрични закани и масовна употреба на дронови. По Втората светска војна, не е потонат ниту еден носач на авиони претежно поради мултислојната одбрана, ама напад на Иран кон американските носачи на авиони не е исклучен. Исто така, нема да изостане дејството на прокси групите (Хезболах, Хамас, Хути), иако во последниот период се видно ослабени. Веројатно, би била извршена закана или целосна блокада на Ормутскиот Теснец од страна на Иран.

Со преземањето на овие борбени операции, ќе се зголеми регионалната нестабилност, со можност за вовлекување во војна и на другите земји од регионот. Со нападот и со евентуалната блокада на Ормутскиот Теснец, неминовно ќе дојде до економска нестабилност и до пораст на цената на нафтата на светските пазари.

Да се надеваме на дипломатско решение, ама можноста за напад врз Иран во наредниве денови (недели) е голема.

Авторот е генерал-потполковник во пензија и поранешен началник на Генералштабот на АРМ

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

ИЗДВОЕНИ