Во пријатна атмосфера и со многубројно присуство во „Лабораториум“, во летната јунска вечер, со Годишната изложба на студентите од сите академски години се испиша и се прослави 19. приказна на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје
Прекрасните дела, проекти, креации и модна ревија ја одбележаа Годишната изложба на студентите од сите академски години на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет – Скопје, која се одржа синоќа, во „Лабораториум“.
Насловена „19. приказна на ФАД“, преку делата на студентите од графички, моден и ентериер дизајн, изложбата и овој пат, и годинава го покажа процесот на креативен развој и создавање на професионалните профили од областа на дизајнот.
Во пријатна атмосфера и со многубројно присуство во летната јунска вечер, со оваа изложба се испиша и се прослави 19. приказна на Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ.
Присутните студенти, професори, родители, соработници, гости, како и членови на Управниот одбор и на ректорската управа на ЕУРМ, ги поздрави деканот на Факултетот за арт и дизајн, проф. м-р Благојче Наумоски, кој ја отвори изложбата.
– Оваа изложба е многу повеќе од годишен преглед на студентските проекти – таа е сведоштво за 19 години раст, истрајност, креативност и визија. Во овие 19 години изградивме заедница што не се плаши да размислува поинаку, да пробува нови пристапи и да ги поместува границите на уметноста и на дизајнот – рече Наумоски.
Потсети и дека Факултетот за арт и дизајн има богата историја: 18 годишни изложби, еден завршен хепенинг, две јубилејни изложби, 22 модни ревии, бројни графички и модни изложби, видеопроекции, учество на неделите на дизајнот, студентски биеналиња, Еразмус- проекти, хуманитарни акции, национални признанија, 27 студентски награди, а бројот на благодарници е неизбројлив.
– Но, она што најмногу нè прави горди се нашите студенти. Нивните имагинација, посветеност и желба за развој се срцето на Факултетот. Нашите дипломци и магистрирани студенти се активни креатори во општеството, со претприемачки дух, кој постојано расте – посочи тој.
Истакна дека академската 2024/2025 година на Факултетот ја одбележале посебни моменти, со учеството на студентите Марија Роглева и Ѓорги Гошев на Третото меѓународно студентско биенале на Универзитетот „Ајдин“ од Истанбул, како и успехот на претседателката на Студентското собрание, Роглева, која престојувала во Париз, на 17 и 18 мај и учествувала на студентска работилница во модната куќа „Пјер Карден“. За овој полуфинален настан, Роглева била избрана преку јавен конкурс за студентите од цела Европа, а сега е избрана и за финалето во Атина, во октомври. Наумоски ѝ посака победа и да биде избрана за стажирање во „Пјер Карден“, повикувајќи ја да се обрати на настанот во име на студентите на ФАД.
Во своето обраќање, деканот Наумоски изрази голема благодарност до Управата и до административните служби на ЕУРМ за безрезервната поддршка, како и до целиот наставен кадар, истакнувајќи дека нивниот труд го прави Факултетот место на инспирација и дека без вложувањето, знаењето и страста на професорите, успесите на Европски универзитет – Скопје би биле невозможни.
На крајот, Наумоски упати честитки до сите студенти за постигнатиот успех и им посака лето исполнето со одмор, но и инспирација за нови идеи. Исто така, им се заблагодари на студентката Анастасија Ефтова за дизајнот на годинашниот плакат за изложбата, на гостите предавачи Елена Ставреска, уметник и дизајнер на накит, Наталија Лукомска, илустратор и Крсте Господиновски, професор на ЕСРА универзитетот и аниматор, но и на Здружението „Заедно посилни“ за кое студентите од четврта година создале дела, за добротворниот настан по повод Светскиот ден на сидата.
Вечерта продолжи со разгледување на изложбата и со одржување мини модната ревија на која со свои креации се претставија студентите од I и од II циклус на студии од насоката за моден дизајн, а публиката уживаше во неа.
На крајот од настанот, студентите ги прославија успехот и почетокот на летниот одмор и со забава со диџеј Мелани Дигит.
Фото: Ѕ.Плавевски