Трагедија во Грција: 19 годишен Македонец почина во морето кај Ханиоти

187

Деветнаесетгодишно момче од Македонија трагично го загуби животот попладнето во вторникот на централната плажа во Ханиоти, на грчкиот полуостров Халкидики. Како што објави локалниот медиум Halkidikinews, младиот турист доживеал срцев удар по инцидент со давење, при засега неутврдени околности.

Инцидентот се случил пред очите на други капачи. Волонтерот на Црвениот крст на Грција, Јоанис Т. Колокитас, сведочел дека веднаш интервенирал спасувачот, кој со помош на пливачи го извлекол момчето од водата и започнал со реанимација, користејќи автоматски надворешен дефибрилатор.

И покрај брзата реакција на спасувачките служби и медицинската екипа која пристигнала веднаш по пријавата, животот на младиот човек не можел да биде спасен.

Грчките власти спроведуваат истрага за причините и околностите под кои дошло до трагичниот настан.

За несреќата денеска информираше и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија повикувајќи се на информација доставена од македонскиот конзулат во Солун.

„Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатиот, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во земјава“, се вели во соопштението од МНР.

Причините за смртта, како што додаваат, сè уште не се потврдени оти се чека извештајот од обдукцијата.

Според неофицијални информации, починатото момче е од Тетово.

ИЗДВОЕНИ