Општина Центар објави два јавни повика: едниот за финансиска поддршка за реализација на проектот „Тематски организирани прошетки со граѓаните за поблиско запознавање со културните обележја на Општина Центар“ и другиот за реализација на проектот „Одбележување на настани и личности“, за што ќе бидат издвоени 180 илјади денари од општинскиот буџет.
Целта на првиот повик е да се организираат посети со водич на најважните културни, архитектонски, историски и други вредности од културното опкружување во Општина Центар
– Учесниците на јавниот повик потребно е да понудат минимум три посети на предложени локации со ангажирање стручен водич, историчар на уметноста и кустос во областа на едукацијата, како и да предложат програма на посета на локации од интерес.
На овој повик може да се пријават сите регистрирани здруженија, организации, правни субјекти и физички лица што дејствуваат во полето на културата и уметноста и се со седиште на територијата на Општина Центар.
– Износот на финансиската поддршка на избраниот проект ќе биде одреден согласно со големината и квалитетот на проектот, а во рамките на предвидените средства во Програмата за култура и буџетот на Општината. За реализација на овој проект се одобрени 100 илјади денари.
Со цел афирмирање на македонската култура и на македонската историја, Општина Центар го објави повикот за реализација на проектот „Одбележување на настани и личности“, во чии рамки е предвидено да се организира настан за одбележување истакнати личности од Општина Центар што твореле и дејствувале во сите сфери на животот и оставиле трага во својата професија, како и одбележување јубилејни годишнини од значајни настани од македонската култура и историја.
На јавниот повик можат да се пријават поединци, здруженија и правни субјекти што работат во сферата на културата и уметноста и дејствуваат на територијата на Општина Центар. Учесниците на јавниот повик треба да бидат реномирани во својата област и да имаат реализирано исти или слични настани.
Планираните активности за одбележување значајни личности и настани треба да се реализираат на територијата на Општина Центар – Скопје. Општина Центар – Скопје ги обезбедува услугите за озвучување и за осветлување на настанот.
На овој повик можат да се пријават поединци, регистрирани здруженија, организации и правни субјекти што дејствуваат во полето на културата, уметноста и на маркетингот и се со седиште/лична карта на територијата на Општина Центар.
За оваа намена се предвидени 80 илјада денари.