17. Фестивалот „Бош“ со богата културно-уметничка програма

72

Во организација на ЗГ „Арт Еквилибриум“– Гевгелија, в петок и сабота ќе се одржи седумнаесеттиот по ред „Бош фестивал“,  како дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.

Публиката ќе има можност да проследи богата културно-уметничка програма составена од изложби, филмски проекции, видеоарт, визуелни инсталации, музички настапи и радио-програма, со цел да се прикаже современата уметничка сцена и нејзината разновидност.

Првиот фестивалски ден ќе започне со изложба на цртежи во комбинирана техника и инсталација „ПоПуСто%“ од Марија С. Богдановска, која тематски се осврнува на разликите во економската моќ на жените во сите сфери на општеството и разликите што влијаат врз нивниот емоционален, социјален и културен живот. Изложбата на доцентот на ФЛУ во Скопје ќе биде поставена во Уметничката галерија „Амам“, а отворањето е закажано за 20:00 часот.

Програмските активности продолжуваат во Народниот театар- Гевгелија со изложба на фотографии од професионалниот фотограф Столе Ангелов. Станува збор за колекција на улични фотографии направени во повеќе градови низ Европа и Балканот. Потоа следува видеоартот „На флипери“ од Јован Гаковски, дипломиран графичар, кој преку монтажа на флипер-игри од 90-тите, на ритам на музика, раскажува визуелна приказна од „Стар гејм“ до „Фајнл бос“.

Ќе бидат прикажани и три филмски проекции. „Лука“ е првата проекција, документарен филм во продукција на Здружението за култура „Транзен“, кој тематски го прикажува животот на група млади музичари од Струмица кои во кризни времиња за опстојување на алтернативната културна сцена се борат да најдат начини за развој на својата музичка креативност и иновативност. Втората проекција е на краткометражниот филм на Ана Јакимска – „Блу аур“ (Blue Hour). Станува збор за синопсис кој го прикажува животот на една девојка, Петра, која потекнува од мало провинциско гратче, живеејќи го својот сон во Скопје и односот мајка – ќерка во судир на два различни концепта на живеење.

Серијата филмски проекции ќе заврши со краткометражниот филм на Лидија Мојсоска „Само ѓаволот мрази вода“, приказна за Борис и Кира чие пријателство е ставено на тест кога Борис, под влијание на неговата баба, ќе почне да се сомнева дека Кира е олицетворение на Ѓаволот.

Првиот фестивалски ден ќе заврши со сетот на диџеј Мартин во кафе-бар „У“ кој ќе започне во 22:30 часот.

Наредниот ден, сабота, „Бош“ се префрла на стариот градски пазар. Со почеток од 20:00 часот, следуваат низа активности. Премиерно ќе биде прикажан филмот „Мангава диско панк“, експлозивна драма/фикција која го следи единствениот панк-рок бенд во ромското гето Шутка.

По него следува експерименталниот видеоалбум „The Hip- Reality Overdrive“, проект кој е визуелна ремикс-интерпретација на музиката на „Хип“, алтернативен бенд од Куманово. Тој претставува колаж на влијанија од литературата, киното и сликарството, а на повисоко ниво ја претставува и внатрешната патека на самооткривање и самоанализa. Истражува врвни сетилни искуства, служи како естетска почит и како едноставно уживање во уметноста.

Ќе биде претставена и визуелната инсталација „Колатерална штета“ на графичкиот дизајнер, Ице Капсаров, како простор каде убавината и насилството коегзистираат – не во рамнотежа, туку во напнатост. Потресни слики што се разлеваат по ѕидовите, исчезнуваат во сенка и се кршат како сеќавања под притисок. Како и инсталацијата за колаж „Ненаситни“ – колажирање пропагандни плакати со Јана Деловска и Дамјан Илиќ, со цел активна дружба низ сечкање, реобмислување, ангажирање и активирање.

Музичкиот блок е составен од концерти на рок-триото „Харикири“ во состав на Андреј Димовски (гитара, вокали), Марко Печеновиќ (бас, вокали) и Виктор Стојановски (тапани), и „Пијан славеј“ – музичко-поетски формат на Бранислав Николов (вокал) од групата Фолтин, заедно со Пеце Трајковски – Брада (гитара, синт), Славчо Јовев (тапани), Андреа Мирческа (мини пијано, глас) и Гоце Јованоски (бас), во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.

Во двата дена ќе следува целодневна радио-репортажа од фестивалот „Бош“ на радио „Канал 103“.

 

 

ИЗДВОЕНИ