„Кажете ѝ на Македонија дека сум ја завршил должноста. Да живее слободна Мак… Ова биле последните зборови на Стефан Мандалов-Манданата, војвода од Стојаково и учесник во киднапирањето на Мис Стон, пред да загине во септември 1903, во борба со турската војска во селото Мишино, Кочанско. Всушност, Манданата кажал само „Мак…“ и испуштил душа. Не го изговорил до крај својот последен збор. Тогаш, Воденската чета кај Кочанско ја загубила битката со турскиот аскер, при што биле убиени 380 македонски востаници. Тогаш Стефан Мандалов немал полни 28 години.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Секој народ има свои значајни личности, водачи, револуционери, борци и херои што во текот на својот живот, со своите дела оставиле траен белег во времето во кое живееле. Меѓу заслужните синови на македонскиот народ се вбројува и учителот и револуционер Стефан Мандалов-Манданата од селото Стојаково, Гевгелиско. За жал, многу малку е пишувано за него. Да биде иронијата поголема, глумецот што го овековечи неговиот лик во филмот „Мис Стон“ и бард на македонското глумиште, Петре Прличко, стана попознат и од самиот лик што го глумеше – од учителот и војвода Мандалов.
– Ај да ми бидеш живо и здраво, детуле! Да пораснеш големо. На лице бело и црвено како тетовско јаболко. На снага вита ела пиринска. Грлото бисер да ти рони. Гласот да ти биде како на славејче. И кога еден ден ќе гледаш во големото сино небо и ќе слушаш славеј, спомни си за нас. Спомни си ја четата во која си се родило. Таа чета, ангелче, се бори за твојата слобода.
Ова е благословот на Манданата во филмот „Мис Стон“, благослов што и дене денес предизвикува восхит и нема гледач што останува рамнодушен кога ќе го види овој дел од филмот, за кој Прличко, во 1959 година, на Филмскиот фестивал во Пула ја доби „Златната арена“ за споредна машка улога. Може да кажеме дека и животот на револуционерот Мандалов наликува на вистинско филмско сценарио. Годишнината од неговото раѓање е убава можност да ги потсетиме читателите на ВЕЧЕР на легендарниот војвода, за чија животна приказна малку се знае во пошироката јавност. За тоа кој бил Стефан Мандалов, најмногу може да се дознае од книгите на роднокрајните писатели – гевгеличаните Ристо Стамков, Владо Картов и Ангел Динев.
Мандалов се родил на 11 декември 1875, како син на Тано и Векија. Неговите предци се доселиле во Стојаково од селото Побрегово, кое се наоѓало два километра источно од селото Стојаково. Мандалови најнапред го носеле презимето Менкавчини. По преселбата во Стојаково, на почетокот од 19 век, најстариот член од ова семејство купил биволи за да може обработувајќи го земјиштето, да ги прехрани своите осум деца. Турците почнале да му се обраќаат со прекарот Манданов, бидејќи бивол на турски јазик се вика „мандана“.
Во 1893 година, Стефан завршил шесто одделение во средното католичко училиште во Солун, по што учителствувал во селата Богородица, Конско и Серменин. Таму работел до 1901 година. Во февруари 1901, во близина на селото, бил убиен Турчин алваџија. Тоа ја зголемило присутноста на турските заптии во областа, а на 15 февруари една група Турци дошла и во куќата во која живеел Манданата. Тогаш тој избегал со четата на Христо Чернопеев. Од овој момент, започнала неговата револуционерна дејност, која траела сè до неговото загинување во септември 1903 година.
Стефан Мандалов за кратко време стекнал голема почит во четата на Чернопеев, пред своите другари комити. Со својата песнопојна дарба, со умешноста да ги имитира птиците и својата ведрина, Стефан секогаш бил во центарот на вниманието. Во четата го нарекувале и Доктор, бидејќи можел да лекува со употреба на разни народни лекови, чаеви и слично, дарба што ја наследил од мајка си.
Овој македонски револуционер, можеби, е најпознат по аферата Мис Стон. Кон крајот на летото 1901 година, кај местото Потпрена Скала, на патот Банско – Разлог, во денешна Пиринска Македонија, била киднапирана Мис Стон, американска протестантска мисионерка. Мотивот за киднапирањето на Мис Елен Стон произлегол од финансиските потреби на ТМОРО за македонското револуционерно национално ослободително движење. Целта била да се добијат 25.000 лири за Елен Стон, со кои потоа би се купило оружје. Така започнала шестмесечната мистериозна афера. Според времетраењето, спектакуларноста, остварениот финансиски ефект и афирмацијата на македонското ослободително дело на меѓународен план, тоа е најголемата афера во историјата на Тајната македонско-одринска револуционерна организацијата (ТМОРО). Главни актери во неа биле: Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов, Сава Михајлов. Во сите тие месеци, Стефан Мандалов, Димитар Ќосето, Андреа Докурчев им биле неразделни придружници на двете жени. Стефан прилично добро го зборувал францускиот јазик и директно зборувал со мис Стон. Таа, не можејќи правилно да го изговори, го изговарала неговото презиме како Мандана.
Во тие месеци во 1902 година, во селото Србиново, Катерина Цилка, придружничката на Елен Стон, се породила, а нејзината ќерка го добила името Елена. Сандански тогаш наредил да се чуваат и гледаат мајката и бебето како принцези. Манданата особено се приврзал за малечката, за што најдобро зборува благословот што ѝ го дал при раѓањето.
Според некои наводи, покрај војводата Чернопеев, и Стефан Мандалов учествувал во групата што ги придружувала мис Стоун и Цилка до Разлог, пред Андон Јанев-Ќосето да ги однесе во Струмица. Тука, во центарот на целокупна Македонија, двете жени „заложнички“, по шест месеци биле ослободени со откуп од 14.000 турски лири, тогашни 61.000 американски долари. Од Струмица, Мис Стон со Цилка и со малечката Елена, преку Валандово и Смоквица, стигнале во Гевгелија, од каде што со воз заминале за Солун.
Кога стигнала во САД, Елен Стоун одржала неколку предавања, на кои не зборувала за киднапери, разбојници и злосторници, како што очекувала публиката, туку раскажувала приказни за храбри џентлмени, кои не се плашеле да ги дадат своите животи за својата кауза. За неа, Јане Сандански, Крсто Асенов, Сава Михајлов, Стефан Мандалов и сите други биле борци за македонската слобода.
По ослободувањето на двете жени и на малечката Елена, Андон Ќосето се упатил со својата група, во која бил и Мандалов, во селото Костурино, каде што ги пречекал Гоце Делчев. Таму, тие му реферирале на својот водач за успешно извршената акција, а тој наредил сите директни учесници во аферата Мис Стон да добијат по еден нов револвер.
Четата на Чернопеев, во која се борел и Мандалов, дејствувала во текот на 1902 и 1903 година, во горноџумајскиот и во струмичкиот крај, борејќи се со турскиот аскер. На 4, 5 и 6 септември 1903 година, четата водела тешки борби во кочанскиот крај. При пробив на обрачот на 6 септември, загинал Стефан Мандалов. Имал неполни 28 години. Неговите другари што го преживеале тоа бурно време, со пиетет раскажувале за него, зошто им бил и верен другар, и утешител во тешките мигови, и лекар, и артист и борец. А, народот го овековечил својот сакан учител и револуционер и во народните песни, од кои денес останале само две: „Заплакала Стефанова мајка“ и „Стани ми, сине Стефане“.
Селото Стојаково го чува својот спомен за војводата Мандалов, па затоа и големата спортска сала во таму е наречена „Манданата“. Во 2021 година, во Велес, беше поставена скулптура на Петре Прличко во улога на Манданата. Таа е дело на академскиот вајар Горан Стаменков. Сепак, сметаме дека државата, во име на сегашните и на идните генерации, треба да му направи некаков спомен- белег во неговото родно место, со што би се оддолжила не само за револуционерното дело на Стефан Мандалов туку и на речиси целата негова поблиска фамилија, која била вклучена во борбата за независна и самостојна Македонија.