15 обвинители наспроти 33 адвокати ќе ги соочат доказите за трагедијата „Пулс“

298

Иако истрагата за полицајците осомничени во случајот „Кочани“ требаше да заврши во септември, сепак, таа се одложи поради неколкумина сведоци во постапката. Ова е објаснувањето на државниот обвинител Љупчо Коцевски зошто сè уште нема исход истрагата која се води против полицајците за кои има сомневање дека се инволвирани во нелегалното функционирање на дискотеката „Пулс“ каде што во пожар загинаа 63 луѓе.

Истрагата за полициските службеници во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, беше предвидено да заврши до крајот на септември годинава, меѓутоа имаше објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, со тоа што најверојатно на почетокот на наредниот месец ќе се донесе и јавнообвинителска одлука, изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски рече, дека се води предистражна постапка во ОЈО Кочани и надлежниот јавен обвинител дал одредени упатства и наредби за преземање на надлежните органи на одредени процесни дејствија.

Во понеделникот, семејствата на загинатите деца во пожарот преку видеообраќање на социјалните мрежи најавија протест во сабота во Скопје. Побараа поддршка од сите граѓани во борбата против корупцијата во системот која доведе до големата трагедија. Нагласија дека иако имале средби со првите луѓе на институциите, сепак добиле само празни ветувања. Протестот ќе се случи на неколку дена од судскиот процес за случајот „Кочани“ и како што рече Коцевски, ЈО има екипираност и веќе се договорени околу начинот на кој обвинителите ќе го застапуваат предметот, изразувајќи увереност дека од страна на ЈО нема да има никаков проблем во однос на судењето.

Во судница, обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, меѓутоа морам да нагласам дека вчера имавме состанок, најверојатно ќе ангажираме уште неколку обвинители имајќи предвид, да не се отежне, односно да не се наруши постапката на другите обвинители, што имаат други предмети, што значи дека можеби нема секогаш да присуствуваат сите обвинители, меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по, да не речам, вина на Обвинителството, изјави Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.

Бројот на обвинители што ќе постапуваат по предметот, како што појасни Коцевски, заедно со дополнително ангажираните можеби ќе биде 15 јавни обвинители. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ