четврток, февруари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА 15 години нерешен проблемот со неконтролираното движење на добиток

15 години нерешен проблемот со неконтролираното движење на добиток

82

Жителите на селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење, Станци и околните населени места, денеска, одржаа мирен и достоинствен протест пред Општина Крива Паланка, со цел јавно да го изразат својот револт поради долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на крупен добиток.

Жителите истакнаа дека ова предизвикува сериозни штети врз приватните имоти, нивите и посевите и го загрозува животот и безбедноста на семејствата кои живеат од земјоделство.

Протестот беше поддржан од граѓаните на Општина Крива Паланка, како и од градоначалникот Сашко Митовски и локалната самоуправа. Претставниците на месните заедници во своите обраќања посочија дека со години се соочуваат со уништени посеви, оштетени ниви и дворови, како и со закани и заплашувања од сопственикот на говедата, што создава чувство на страв и несигурност.

Граѓаните нагласија дека ова прашање не може понатаму да се одложува и побараа итна и координирана реакција од сите надлежни институции, целосно спроведување на законските мерки и воспоставување трајно решение. Надлежните институции веќе донеле правосилни решенија и мерки, а спроведените инспекции констатирале прекршувања на прописите за заштита и благосостојба на животните.

– Повеќе од 15 години се соочуваме со истиот проблем кој ни ги уништува посевите, ни ги гази нивите и ни ги загрозува имотот и безбедноста. Бараме итно трајно решение за заштита на имотот и воспоставување ред и одговорност –  истакнаа жителите.

Сметаат дека нивното барање е едноставно – да се овозможи мирно обработување на земјата, заштита на сопствениот имот и достоинствен живот од трудот, без страв од уништена земјоделска сезона.

ИЗДВОЕНИ