15. Биенале на млади уметници: Утрото започна вчера во МСУ

24

Петнаесеттото Биенале на млади уметници ќе се отвори на 18 ноември, 19 часот, (во Музеј на современата уметност- Скопје) и на 28 ноември (во Музејот на Македонија и ОУ Ј.Х. Песталоци), развивајќи се низ четири поглавја што ги одразуваат промените на годишните времиња. 15. БМУ е двогодишното биенале, курирано од уметницата и кураторка Нада Прља и кураторот и едукатор Себастијан Чичоцки.

Првото поглавје се отвора во МСУ, а насловено како „Утрото започна вчера“, ќе вклучи перформанси на Сергеј Калеников, Јулија Кастелучи и Кристина Таневска.

-Изложбата ги истражува начините и процесите преку кои емоциите и интимноста се создаваат, изразуваат и доживуваат во рамките на визуелната и социјалната естетика на современиот живот. Таа се фокусира на тоа како новите кодови кои циркулираат во младинската култура го обликуваат нашето поимање на поврзаноста и личното изразување денес. Оттаму, преку дела кои црпат инспирација од детството или адолесценцијата, вклучувајќи музика, гејминг, аниме и други форми на пост-дигитални визуелни јазици, уметниците го испитуваат начинот на кој современите млади генерации ги конструираат и дефинираат чувствата во секојдневието. Изложбата обединува различни гласови кои ги предизвикуваат стереотипите и воведуваат нова слика на реалноста, реалност која веќе започна, и тоа вчера, посочуваат од МСУ.

Изложбата во МСУ – Скопје (поглавје 1) е структуирана првенствено од дела на уметнички, кои се осврнуваат на теми карактеристични за женските искуства: несигурната и подредена положба на жените во патријархалното општество, рефлектирано во делото на Марина Саковска, или отпорот кон Grind Culture* прикажан во инсталацијата на Заревска и Десподов, до искуството на созревање во заедниците занемарени од „другите“, реферирано во делото на Абдулова. И покрај очигледниот пристап кон покласичните уметнички техники, како што се сликарството и цртежот, делата се спротивставуваат на конвенционалните структури и вредности, прифаќајќи ја емоционалната нестабилност и неизвесноста како нераскинливи состојби на современоста. Како што вели една од учесничките, Наталија Гучева, опишувајќи го своето перформативно дело: „Создадено за да ги предизвика традиционалните општествени норми, делото нуди алтернативи во градењето на светови втемелени во шпекулацијата, создавајќи нова основа за колективно размислување“ кое го остварува и самата изложба.

Учесници се: Џемилиана Абдулова (Скопје), Бетул Аксу (Измир/Лондон), Ренеа Беголи (Приштина), Ангела Бошевска (Битола/Скопје), Ѓорѓи Десподов (Прилеп/Хаг), Наталија Гучева (Скопје/Гент), Драгана Заревска (Кратово/Прага), Јулија Кастелучи (Белград/Милано), Сергеј Калеников (Скопје), Габриела Кичор-Бентковска (Варшава), Ана Лазаревска (Скопје), Изабела Левенска Миљаниќ (Скопје), Милчо Манчевски и 1AM Group (Скопје) [посетување на првото БМУ од 1987 година], Јана Николоска (Скопје), Марина Саковска (Познањ), Душан Стефановски (Скопје) и Кристина Таневска (Скопје).

Второто поглавје е во Музеј на Македонија, се отвора на 28 ноември во 19:00 часот, со перформанси на Крсто Глигорјадис и Сергеј Калеников и со колаборативен проект на Марија Трпеска и Стефан Анчевски. Учесници се: Крешник Арифи (Приштина), Ѓорѓи Десподов (Прилеп/Хаг), Естебан Девињо (Сен-Етјен/Париз), Мила Гавриловска (Скопје), Крсто Глигорјадис (Скопје), Ана Ликар (Љубљана/Франкфурт на Мајна), Милчо Манчевски и 1AM Group (Скопје) [посетување на првото БМУ од 1987], Марија Трпеска (Скопје) и Стефан Анчевски (Куманово), Марго Саркісова (Покровськ/Грац) и Марина Саковска (Познањ).

Третото поглавје е во ОУ Ј.Х. Песталоци, и изложбата е наменета исклучиво за учениците и не е отворена за јавноста. Учесници се: Ренеа Беголи (Приштина), Елена Димоска Николоска (Прилеп), Никола Ефремов (Скопје), Саре Ќерими (Скопје) и Марго Саркісова (Покровськ/Грац).

Четвртото поглавје вклучува долгорочни проекти на различни платформи и во јавни простори, а учесници се: Колектив „Бостание“ (јавна градина), Мила Гавриловска (фото архива), Изабела Левенска Миљаниќ (јавна и онлајн архива) сите од Скопје и ДНЛМ (јавна уметност) од Љубљана.

ИЗДВОЕНИ