Климатските промени прават огромни штети во државата, а надлежните, освен со зборови, не се подготвени нешто да преземат за справување со глобалниот предизвик. Законот за климатска акција кој треба да даде насоки и мерки доцни 5 години, а нема ни податоци за емисија на гасови, утврди државниот ревизор.

– Клучниот закон за климатска акција доцни повеќе од пет години, со што државата нема воспоставено институционален систем за управување со процесот. Дополнително, во предлог-верзијата на законот не е вклучена локалната власт, која е носител на голем дел од политиките на терен – нотираат ревизорите.

Тие предлагаат да се преземат итни и дополнителни мерки за справување со климатските промени, бидејќи во државата недостасува јасно дефинирана структура, координација и комуникација меѓу инволвираните страни, а сè уште не е донесен ниту Национален план за адаптација.

Поради слабите административни капацитети, Македонија нема обезбедено единствена база на податоци за изготвување на Национален инвентар на стакленички гасови. Последниот таков документ е изработен во 2019 година, што значи дека државата веќе пет години нема прецизни податоци за емисиите, што е, според ревизорите, лоша основа за креирање на политики.

Државата се обврза до 2030 година да ги намали нето-емисиите на стакленички гасови за 82% во однос на 1990 година, но официјалните податоци од 2019 покажуваат дека намалувањето е само 9,2%. Ревизијата нотира и дека Долгорочната стратегија за климатска акција до 2050 предвидува намалување од 72%, но не и постигнување на „нето нула“ емисии, што е обврска според Европскиот зелен договор.

Ревизорите посочуваат дека за реализација на мерките до 2050 година ќе бидат потребни капитални инвестиции од 35 милијарди евра и дополнителни 121 милијарда евра трошоци во енергетскиот сектор.

– Во Буџетот сè уште не постои систем за климатско означување на проектите, па државата нема податоци колку пари се наменети за оваа цел. Во периодот од 2020 до 2024 година не се изготвени задолжителните меѓународни извештаи за искористените средства од домашни и странски извори – велат ревизорите.

А многу топлото време што беше ова лето предизвика голем број пожари низ државата, при што беа опожарени и пеплосани големи површини. За нивно справување беа употребени огромни ресурси во механизација и луѓе.

Иако бројот на пожари се намали, сепак последниве денови има уште десетина. Последните податоци на Центарот за управување со кризи покажуваат дека денеска има 16 пожари на отворен простор, три од нив активни, три под контрола. Активни пожари се во Прилепско кај селото Радобил, во Охридско кај Волино и во струшко кај селото Корошишта.

Освен климатските промени и топлото време, голем дел од пожарите, според надлежните, се подметнати, најчесто потоа опожареното дрво се сече од дрвократци. Шумочуварите од ЈП „Национални шуми“ речиси секојдневно фаќаат луѓе кои бесправно сечат дрвја. Кире Михаилов, заменик-директор во ЈП „Национални шуми“ посочи дека по вторпат е запален имот на шумочувар од Зелениково, кој патролира по реони на планината Китка.

– Ова е јасна порака од шумската мафија, но, едно треба да знаат и оние што го направиле ова и оние што го поддржуваат и оправдуваат ова, треба да знаат дека колегата не е сам и ова нема да помине незабележано и неказнето. На сите треба да им биде јасно, на крајот на оваа војна ќе има само еден победник, а тоа ќе биде правото и правдата, а криминалците ќе се најдат онаму каде им е местото, по затворите – вели Михаилов.

Ова не е прв случај во кој вработени во ЈП „Национални шуми“ трпат штети од вакви и слични ситуации.

– Немирот кај оние што ги предизвикуваат е очекуван и очигледен, но нема да остане неказнет. Државата е решена да го смени гнилиот систем, а шумарството нема да биде во никој случај изземено од доаѓањето на тие промени – јасен е Михаилов.

Потребни се модерни системи за рана детекција на пожари

Потребата од модерни системи за рана детекција на пожари – решение кое овозможува навремена реакција, намалување на ризикот и поефикасно справување со пожарите во критичните летни месеци е утврдена на средбата меѓу директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, и директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими, посветена на заштитата на шумите и природните богатства.

Од ЦУК посочуваат дека на средбата било нагласено оти националните паркови се вистински бисери на нашата природа и дека нивната заштита не е само институционална обврска туку и заедничка одговорност која бара континуирани вложувања во технологија.

– Средбата беше искористена за размена на идеи и искуства, како и за дефинирање на конкретни чекори за подобра координација помеѓу ЦУК и националните паркови, со цел зачувување на природните убавини и обезбедување на сигурност за локалното население – се наведува во соопштението.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ