недела, февруари 1, 2026
Дома МАГАЗИН Давид Темелков најпопуларниот Македонец од Хрватска првпат ќе има концерт во татковината

Давид Темелков најпопуларниот Македонец од Хрватска првпат ќе има концерт во татковината

21

Поп-пејачот Давид Темелков, од сонот до јавето!

Сонувам сè да започне баш тука – дома, во Скопје. Затоа, драги мои Македонци, на 19 март е мојот прв солистички концерт, во Македонскиот народен театар. Ве чекам со песна, ве чекам со душа!

Македонскиот поп-пејач Давид Темелков има голем хит, „Мојата Македонија“, кој е проследен и со соодветно убаво видеоиздание. Овој атрактивен Македонец, музичката јавност најпрво го запозна кога тој настапи успешно во втората сезона на Интернационалното музичко шоу „Х Фактор“, а потоа продолжи со кариерата во Хрватска.

Во 2021 година светот му се урна, на Давид му се случува лоша судбина. На десната нога ќе му биде дијагностициран тумор кој мораше да му биде отстранет со хируршки зафат. Лекарот отворено му соопшти дека шансите за траен инвалидитет на стапалото на десната нога се огромни, дури 98 %, а нема да може да ја движи ногата. Дека десното стапало веќе нема да му биде во функција.Оттогаш, Давид Темелков минува низ голгота. Својата животна приказна своевремено ја раскажа и јавно, на профилот на „Инстаграм“, на своите следбеници, по завршените операции: – Една година подоцна… оваа сторија ја пишувам со насмевка на лицето, иако не мислев да ја споделам јавно. Не знам зошто, но можеби некому ќе биде охрабрување?
Веднаш по една Нова година дознав дека на десната нога, во паронеалниот нерв кој ја движи ногата, имам тумор со големина од 5.7 цм. Лекарот што ме прегледа јасно искомуницира со мене дека ситуацијата е сериозна и дека постои можност за 98 % од инвалидитет на десното стапало, дека ќе остане неподвижно и нема да има функција… Многу ме погоди новонастанатата ситуација… На глас си реков, Господе, сè е во Твоите раце… Ако е ова Твоја волја, достојно ќе ја поднесам… ќе пеам на патерици, во количка, ќе седам на работ на бината и ќе пеам да те прославам, колку што ме држи гласот! Победив многу битки, подготвен сум и за оваа!

До денот на операцијата не дозволив да ме голтне психата, напротив… Се радував на секој нов ден и на сите нови обврски, на секој тренинг, на секој концерт. Фокусот ми беше остар! И гледај чудото се случи… Операцијата помина одлично. Стапалото сè уште не е 100 % заздравено, ама духот е тука! Само Господ знае зошто ни дава искушенија. Фала му за сè!

Огромна благодарност и до професорот Раде Жиц, кој веруваше и во оној 1% дека може да се спаси стапалото, штом ми овозможи цврсто да чекорам кон целите и соништата. Затоа велам, животот е чудо! Сите ние имаме воздигнувања и падови. Но кога ќе паднеме, најважно е да знаеме да станеме и да продолжиме! Затоа не откажувајте се од вербата… Верувајте во доброто, верувајте во чудата, верувајте во љубов. Да му бидеме благодарни на Бога за сè што имаме и немаме! И навистина, сè си дојде на своето место. Лошото помина, а Давид Темелков сега се наоѓа пред својот прв, голем солистички концерт во Скопје. На 19 март, во новиот Македонски народен театар, концертот е насловен по неговиот хит, „Мојата Македонија“. Со тоа, Давид ја докажува својата нераскинлива врска со татковината, иако веќе подолг период живее и работи во Хрватска. Темелков никогаш не ја прекинал емотивната врска со татковината: – Некои адреси не се забораваат, само почесто се сонуваат. А, јас сонувам сè да започне баш тука – дома, во Скопје. Драги мои Македонци, на 19 март е мојот прв солистички концерт во Македонскиот народен театар. Ве чекам со песна, ве чекам со душа, искрено порачува пејачот.

Ете, и затоа ние, Темелков, одвај чекаме да те слушаме, во живо, на тој 19 март (четврток). Со твојот одличен глас и одлична интерпретација. Секако, тука е и твојата одличната култура во комуникацијата со новинарите.

Дуле МИЌИЌ / фото:архива

ИЗДВОЕНИ