
Бројот на прашања од граѓани испратени за воспоставување директна линија со рускиот претседател Владимир Путин во претстојната емисија „Година со Владимир Путин“ надмина 350.000.
„Операторите на кол-центрите постојано одговараат на барањата. Веќе се примени повеќе од 350.000 барања“, објавува руската телевизија Канал 1, пренесува „РИА Новости“.
Меѓу петте најпопуларни теми беа социјалната политика, специјалната операција во Украина, економијата, инфраструктурата, како и владата и општеството. Жените го сочинуваат мнозинството од оние што испратиле барања, дури 67 проценти.
„Во социјалната политика, најпопуларните подкатегории се „пензии и социјално осигурување“ и „семејство и деца“, додека во економијата најпопуларните теми се „вработување и плати“, објасни експертот за вештачка интелигенција на Сбербанк, Лолита Леонтиева.
Собирањето прашања за рускиот претседател започна во четврток, 4 декември, и ќе продолжи до крајот на програмата, која ќе се емитува на 19 декември во 12:00 часот по московско време, пренесе „Танјуг“.
Во 2024 година, „Годината со Владимир Путин“ траеше четири и пол часа, за време на кои рускиот претседател одговори на 76 прашања. Оваа година, директната линија повторно ќе биде комбинирана со голема прес-конференција.











