ЕУ воведува „воен Шенген“ за да ја забрза прекуграничната мобилност на војската и опремата

19

Европската комисија презентираше нов план со кој во Европската Унија се воведува еден вид воен Шенген, чија цел е драстично да се подобри воената мобилност во Унијата, објави „Еуроњуз“.

Овој пакет за воена мобилност, официјално претставен вчера, е дел од поширок сет планови на Комисијата насочени кон зајакнување на одбраната на ЕУ до крајот на деценијата. Временската рамка се споменува поради процените на некои разузнавачки агенции, кои веруваат дека дотогаш Русија би можела да развие капацитет за напад врз друга европска земја. Клучна мерка, според планот, е забрзувањето на издавањето дозволи за прекугранична воена мобилност. Во моментов, правилата во 27 земји членки не се хармонизирани, а на некои земји им се потребни недели за да одговорат на барање од друга земја членка на ЕУ. Комисијата сака да го скрати тој процес на максимум три дена во мирно време и на само шест часа во кризни ситуации, при што одобрувањето би се сметало за автоматско во вториот случај.

– Она што сакаме да го постигнеме е да се случи тоа во рок од неколку дена. Не можете да браните континент ако не можете да продолжите понатаму. Тоа е многу јасно, затоа го создаваме овој воен Шенген – рече на вчерашната прес- конференција европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цицикостас.

Европскиот систем за воена мобилност е моделиран според Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој овозможува брза помош при катастрофи. Системот ќе вклучува фонд за солидарност за воена мобилност, преку кој членовите ќе можат да стават на располагање средства како што се товарни возови или фериботи, и каталог за воена мобилност во кој ќе бидат наведени цивилните средства со двојна намена што можат да се користат за воени операции. Избрани се 500 инфраструктурни проекти со приоритет за финансирање, како клучни за подобрување на четирите договорени воени коридори, чии локации остануваат тајни. Целта е да се модернизираат патиштата, железниците, пристаништата, аеродромите, тунелите и мостовите за да можат да ги издржат тежината и големината на воената опрема. Цицикостас проценува дека за оваа работа ќе бидат потребни 100 милијарди евра, иако ЕУ има издвоено само 1,7 милијарди евра за воена мобилност во тековниот повеќегодишен буџет што завршува во 2027 година, износ што комесарот го опиша како „капка во океанот“. Според Цицикостас, со оглед на тоа што инфраструктурата е со двојна намена, земјите членки ќе можат да користат кохезиони фондови, како и пари од програмата за одбранбени заеми. Тие инвестиции ќе бидат вклучени и во новата цел за трошење на НАТО-алијансата.

ИЗДВОЕНИ