Скопјани утринава повторно се разбудија во токсичен облак од чад. Овој пат, во 4:00 часот, жителите на Пинтија ги вознемири пожар од запален сервис за возила пред населбата (над Стаклара, во местото наречено Каменик), во кој имало повеќе автомобили, но и масло за автомобили, како и други запаливи предмети. Поради опасноста и од превентивни причини, населението во околината било евакуирано, а била исклучена и електричната енергија. Веднаш почна да кружи видео кое беше објавено на „Фејсбук“ и на кое може да се види како лице облечено во бела горна тренерка со качулка ги посипува колите со некаква течност, по што пламнува оган. Во врска со подметнатиот пожар во Пинтија, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека тоа е само уште еден доказ за тоа што, како што кажа, го зборувал цело време.
– За жал, постојат центри на моќ што се обидуваат да внесат страв, паника кај граѓаните пред изборите и одговорот на прашањето кому му одговара тоа, мислам дека со една многу кратка анализа ќе го добиете самите – истакна Мицкоски. Тој додаде дека досега се идентификувани дваесетина лица за кои постои основано сомнение дека стојат зад овој процес
Скопјани утринава повторно се разбудија во токсичен облак од чад. Овој пат, во 4:00 часот, жителите на Пинтија ги вознемири пожар од запален сервис за возила пред населбата (над Стаклара, во местото наречено Каменик), во кој имало повеќе автомобили, но и масло за автомобили, како и други запаливи предмети.
Поради опасноста и од превентивни причини, населението во околината било евакуирано, а била исклучена и електричната енергија.
Веднаш почна да кружи видео кое беше објавено на „Фејсбук“ и на кое може да се види како лице облечено во бела горна тренерка со качулка ги посипува колите со некаква течност, по што пламнува оган.
Во изјава за медиумите, жител во непосредна близина на сервисот истакна дека го разбудила експлозија. Кратко потоа, за десетина минути, како што вели тој, на врата му затропала полицијата и го замолила да го напушти домот од безбедносни причини.
– Кога излегов надвор, на улица, таму беа моите соседи, кои потоа беа дислоцирани на посигурно место. По улицава има секаков тип луѓе: деца, стари, изнемоштени лица – истакна жителот.
Тој посочи дека иако бил локализиран, пожарот се гасел подолго време, бидејќи тлеел на места, па повторно се разгорувал.
– Но, со навремена координација, пожарникарите успешно го локализираа, го ставија под контрола и не дозволија да се прошири и да ги загрози куќите во околината, каде што има население – потенцира жителот.
Смета дека намерата е тенденциозна, бидејќи бил запален сервисот, а не и околните објекти.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека Бригадата за протипожарна заштита на Град Скопје веднаш излегла на самото место и со осум возила, по тешка, двочасовна борба, го изгаснала пожарот пред 6:00 часот.
За овој пожар, на „Фејсбук“ информираше и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека биле запалени два сервиса за автомобили во Стаклара.
– Благодарение на брзата реакција на Противпожарната бригада, пожарот е целосно изгаснат. Иако има материјална штета, за среќа, нема повредени и жртви – објави Ѓорѓиевски.
Според него, ова што се случува е повеќе од случајност и станува алармантно.
– Некој упорно го потпалува градот, и ќе мора да има одговорност за тоа – нагласи Ѓорѓиевски и повика на итно постапување на МВР и на Јавното обвинителство за да запре сето ова.
Од МВР информираа дека во 3:52 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „1519“ во Кисела Вода во Скопје се опожарени два објекта на правни лица, сопственост на Т. С. и на А. Ѓ. (47). Од пожарот целосно биле зафатени објектите, магацинскиот простор, како и околу 20 возила што биле во кругот на објектот на Т. С., од кои дел биле хаварисани.
ИДЕНТИФИКУВАНИ ДВАЕСЕТ ЛИЦА ЗА КОИ ПОСТОИ СОМНЕНИЕ ДЕКА СТОЈАТ ЗАД ОВОЈ ПРОЦЕС
Во врска со подметнатиот пожар во Пинтија, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека тоа е само уште еден доказ за тоа што, како што кажа, зборувал цело време.
– За жал, постојат центри на моќ што се обидуваат да внесат страв, паника кај граѓаните пред изборите и одговорот на прашањето кому му одговара тоа, мислам дека со една многу кратка анализа ќе го добиете самите – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека досега се идентификувани дваесетина лица за кои постои основано сомнение дека стојат зад овој процес.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Боби Стефановски, смета дека се работи за смислено сценарио за опожарување објекти со цел да се добијат политички поени пред локалните избори. Во изјава за медиумите, тој рече дека доказ за тоа се видеоснимките што излегле во јавноста.
Со него се согласува и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој истакна дека доколку бил еден ваков случај, тогаш би можеле да се прават разни претпоставки, но, според него, иако има институции надлежни за тоа, истрагата треба да биде насочена и да се открие кој профитира од овие настани.
– Еве, ако немаше материјален доказ на другите позиции, сега има материјален доказ. И евидентно е дека треба да оди истрагата во насока да се види кому му одговара сето ова –кажа Ѓорѓиевски.
Ангелов информираше дека во понеделникот вечерта пред 23:00 часот, повторно бил предизвикан пожар во депонијата „Дрисла“, на сосема друго место, подалеку од она што беше активно претходните денови.
– Скопските пожарникари веднаш се упатија на самото место и започнаа со гаснењето, но поради спецификата на пожарот, беше потребно истовремено затрупување на опожарената површина, поради што се активираа градежните машини што веќе беа таму. Еден час подоцна, пожарот беше изгаснат и затрупан, со што беше спречено ширење на огнот во главнината на депонијата – истакна Ангелов.
ВО ВОЗДУХОТ ИЗМЕРЕН ЈАГЛЕРОД МОНОКСИД ЗА 30 ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ДОЗВОЛЕНОТО
Обвинителите утре ќе го започнат увидот на самото место во однос на причините за пожарот во Трубарево.
– Увидните екипи на терен ќе ги координира јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. По наредба на јавниот обвинител, екипи на СВР Скопје излегоа на самото место со цел преземање дејства и прибирање определени докази потребни во однос на постапката за загрозување на животната средина со отпад – соопштија од ОЈО.
Оттаму додаваат дека во континуитет се преземаат повеќе дејства на обезбедување и анализа на документацијата и дека е доставен предлог до скопскиот Кривичен суд за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа, за сите четворица опфатени со постапката до овој момент.
Првичните резултати од мерењето на гасовите во воздухот, од примероците земени на денот на пожарот во компанијата „Ф-групација“ во Трубарево, покажуваат зголемување на сите параметри за два до три пати од дозволеното, а јаглерод моноксидот, чија просечна вредност не треба да надминува 10 мг/м3, била 300 мг/м3. Ова на прес-конференција го истакна директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, која, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање – Изет Меџити, директорот на Управата за животна средина – Игор Никовски и со ректорот на УГД и раководител на лабараторијата „Амбикон“ – Дејан Мираковски, информираше за првичните контроли и чекори што се преземаат по катастрофалниот пожар во депонијата за електронски отпад.
Таа истакна дека до петок, од акредитираната лабораторија, ќе бидат достапни резултатите за мерењата за тешки метали во воздухот, кои биле направени дента кога избувнал пожарот и дека дополнително, кога ќе се создадат услови, ќе се направи контрола на водата и на почвата.
Потенцираше дека има прелиминарни резултати од гасовите и дека кај нив имало надминување на дозволените вредности.
– Поставени се мерни станици за да го следиме дневното ниво, за да го следиме квалитетот на воздухот за да се знае колку се безбедни граѓаните во близина на пожарот – наведе Гиновска.
Никоски информираше дека компанијата „Ф-групација“ имала дозвола, која била издадена на 12 мај 2021 година, со важност до 12 мај 2026 година и согласно со која таа имала право да третира до 20 тони неопасен отпад и до 500 килограми опасен отпад во еден ден, односно за 24 часа
– Има одобрен елаборат за животна средина од 19 февруари 2021 година. Согласно со елаборатот на 7 мај 2021 година, стручни служби од Управата констатирале на самото место дека „Ф-групација“ може да започне со работа. Тоа се првични информации. Станува збор за отпад од електрична и од електронска опрема, електрични батерии, акомулутари – објасни Никоски.
Мираковски, пак, информираше дека наредната недела треба да ги имаат првичните резултати од мерните станици за квалитетот на воздухот, кои ги поставиле во скопско Трубарево. Појасни дека се поставени два уреда, кои континуирано, 24 часа, наредните пет дена ќе земаат мостри од честичките, кои подоцна ќе бидат анализирани. Едната мерна станица се наоѓа на педесетина метри, а другата е на стотина метра од складиштето за рециклирање електронски отпад и пластика, на компанијата „Ф-групација“.
НЕМА РАДИЈАЦИЈА
Од ИЈЗ се изјаснија дека нема отстапки во вредностите за радијација во воздухот и во почвата по пожарот во Трубарево, ниту тешки метали во водите и оти се очекуваат резултатите за радијација во водите и тешки метали од почвата.
Од ИЈЗ информираа дека е испратен обучен експертски тим од Институтот за вонредна контрола во засегнатото подрачје.
– Земени се примероци (мостри) од водата, почвата и од воздухот за испитување радиоактивност, како и примероци од водата, водоводот, бунарите, почвата за физичко-хемиска анализа. Добиени се резултатите од воздухот и од почвата, од примероците за испитување јонизирачко зрачење (радијација) и тие се во нормални, референти вредности, без отстапување. Резултатите од мострите од водата за испитување јонизирачко зрачење, согласно со методата по која се испитува, ќе бидат достапни понатаму.
Според Министерството за здравство, во неделата вечерта имало 13 интервенции од Итната медицинска помош, заклучно со попладнето во понеделникот, на жители во реонот на Трубарево. Притоа, едно лице било транспортирано во болница, а бил извршен и транспорт на неподвижно лице до друго населено место.
Во пишаната изјава на министерот за здравство, Азир Алиу, се истакнува дека Министерството за здравство ја следи состојбата и дека е мобилизиран здравствениот систем за справување со новонастанатите предизвици.
– Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, Кризниот штаб што веднаш го формиравме како Министерство, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземат соодветни мерки согласно со околностите – се истакнува во пишаната изјава на Алиу.
АЕРОДРОМЦИ ПРОДОЛЖУВААТ СО ПРОТЕСТИТЕ
Аеродромци и понатаму протестираат од 18:00 до 19:00 часот, на раскрсницата кај мостот „Киро Глигоров“ и паркот „Авионче“. Тие ќе траат сè додека целосно не се реши загадувањњето. Иницијативата „Стоп за Вардариште“ ги повикува граѓаните да се придружат на протестите во што поголем број.
– Не е само „Вардариште“, и „Дрисла“ се вклучи во ова труење. Чадот и канцерогените честички не останаа во еден дел, туку се раширија низ целиот град. Вакво загадување од масовни размери досега немало. Ова не е проблем на неколку општини – цело Скопје дише ист отров. Затоа борбата мора да биде заедничка. Излези на блокада! Барај одговорност! – реагираат од иницијативата.
Нивните барања се: итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата; континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување ново палење; поставување ограда околу целата депонија, потоа камери, вклучително и термални, на повеќе точки низ „Вардариште“, кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7; итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата „Вардариште“, согласно со еколошките стандарди, формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорност, како и целосна реформа на системот на управување со отпадот преку воведување концепт нула отпад.
– Ова не е само еколошко прашање туку и прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Доста е! Скопје не смее повеќе да тоне во отрови! – децидни се од иницијативата „Стоп за Вардариште“.
Мицкоски: Подметнувањето пожари ќе се квалификува како тероризам
Премиерот Христијан Мицкоски вчера повика да се преземат законски измени со кои подметнувањето пожари ќе се квалификува како тероризам.
– Во рамките на парламентарната процедура, разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со кои подметнувањето пожар ќе биде квалификувано како дело на тероризам, а одлагањето смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело, кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години – нагласи Мицкоски.
Премиерот информира дека уште во текот на вчерашниот ден Министерството за животна средина испратило допис до сите општини итно да преземат мерки за расчистување на дивите депонии и сметот да се фрла таму каде што му е местото.
– Ги повикувам и несовесните граѓани што ги формираат овие диви депонии да престанат да ги формираат, затоа што сите оние што ќе бидат фатени – ќе бидат најстрого казнети – апелира Мицкоски.
(А. П.)