Претседателката на жирито, Лилија Абаџиева, истакна дека уметноста гради мостови кои политичарите не можат да ги изградат, а културните мостови покажуваат дека уметниците немаат предрасуди
Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов ја доби наградата за уметничко остварување во целина на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“. Жирито во состав Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ, ја додели наградата со мнозинство гласови, а на истата претстава ѝ ја додели и специјалната награда за колективна актерска игра за ансамблот на МНТ.
На прес-конференцијата што се одржа денеска во Центарот за култура во Прилеп, уметничкиот директор на фестивалот Ана Стојаноска посочи дека 59. издание на „Војдан Чернодрински“ поминало исклучително интересно, возбудливо и со многу предизвици.
Претседателката на жирито, Лилија Абаџиева, пак, истакна дека уметноста гради мостови кои политичарите не можат да ги изградат, а културните мостови покажуваат дека уметниците немаат предрасуди.
Таа ја пофали играта на актерите на „12“, но пред сè, „режисерот Синиша Евтимов кој создава ситуација“.

– Актерското достигнување на секој актер од екипата дава претстава на системот на Станиславски и методот на Ли Стразберг, за автентичното живеење на сцената, би кажала, по учебник. Екипната актерска работа во претставата „12“ ни говори за театарот тука и сега. Тоа се бескрајно талентирани актери со големо партнерство, но се гледа и борба меѓу нив или со јазикот на филмот – тоа е како да имаме еден филмски кадар. Секој актер е дел од таа исклучителна работа, создава атмосфера и чувство кај публиката како да сме воајери – рече Абаџиева.
Членот на жирито, Иван Меденица, посочи дека има чувство дека македонскиот театар е во криза и дека за 60. издание на фестивалот треба да се отвори ова прашање, додека Нела Оташевиќ, пак, ја пофали организацијата на фестивалот, волонтерите и целиот тим.

Инаку, претставата „Слепци“ во изведба на Турскиот театар од Скопје на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ се закити со четири награди. Наградата за режија за оваа претстава му припадна на Ќендрим Ријани, а „Слепци“ ја доби и наградата од публиката и тоа за првпат со оценка 5.00. Слаѓана Вујошевиќ, пак, се закити со награда за млада актерка токму за улогата во претставата, која го доби и признанието за најдобар рекламен материјал (Медина Хоџа).
Кај актерските признанија, наградата за главна женска улога на фестивалот ја доби Марија Минчева Андонов за улогата на Мајката во претставата „Сите прекрасни нешта“ во изведба Штипскиот театар, додека наградата за главна машка улога – Мартин Мирчевски за улогата на Доне Совичанов во претставата „Црно семе“ во изведба на Битолскиот театар. Признанието за женска епизодна улога ѝ припадна на Маја Љутков за улогата на Гвендолин Пиџн во претставата „Пар распар“ во изведба на Театар Комедија, а за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ му се додели на Оливер Митковски за улогата на 10 во претставата „12“ на МНТ. Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“, пак, ја доби Атанас Атанасовски за улогата на Оскар Медисон во претставата „Пар-распар“ на Театар Комедија.
Васил Зафирчев за претставата „Рацин“ на Велешкиот театар, пак, се закити со наградата за кореографија и сценски движења, а наградата за музика „Филип Стевановски“ му припадна на Сашко Костов, исто така за претставата „Рацин“. Оваа претстава ја доби и наградата за сценографија, која отиде во рацете на Валентин Светозарев. Признанието за костимографија, пак, го доби Самка Фери за костимите во претставата „Ричард III“ во изведба на Албанскиот театар од Скопје.
Наградата за современ драмски текст отиде кај Ана Ристоска Трпеноска за текстот „Парови“ од истоимената претстава на Драмскиот театар од Скопје, а наградата за современа сценска драматизација и адаптација ѝ припадна на Јелена Цветановска за текстот „Црно семе“ во истоимената претстава на Битолскиот театар.
Со врачувањето на наградите и со изведбата на претставата „Вистината 2“ на Театар Комедија вечерва ќе биде спуштена завесата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.